Пет љубовни песни

01.02.2010 10:55
ponedelnik_korica2.jpg

Во новата Маргина (85/86) застапени се 50 песни од малиот по обем, но величествен по своите квалитети, поетски опус на Вислава Шимборска. За Окно избравме пет нејзини антологиски љубовни песни.

АЛБУМ

Никој во семејството не умрел од љубов.
Како било, било, но ништо за мит.
Ромеи на туберкулозата? Јулии на дифтеријата?
Некои дури доживеале длабока старост.
Никакви жртви на неодговарање
на писмо оросено со солзи!
На крајот секогаш се појавувале соседите
со ружите и биноклите.
Никаков недостиг на воздух во стилскиот орман
кога нагло би се вратил мажот на љубовницата!
Никого тие жипони, пелерини, волани, врвци
не спречиле да влезе на фотографијата.
И никогаш во душата на пеколниот Бош!
И никогаш со пиштол во градина!
(Умирале со куршум во черепот, но од други причини,
и на полски носилки.)
Дури и оваа, со екстатичната пунѓа
и со очите поднадуени како по бал,
отплови низ големиот крвоток,
но не кон тебе, танчеру, и не од тага.
Можеби некој, одамна, пред дагеротипиите -
но од овие во албумов, колку што знам, никој.
Се ругале над тагите, летале деновите,
а тие, помирени, умирале од грип.


СО ВИНО

Ме погледна, ми додаде убавина,
а јас ја примив како своја.
Среќна, проголтав ѕвезда.

Допуштив да бидам измислена
по слика и прилика на одразот
во неговите очи. Играм, играм
павтајќи со ненадејните крилја.

Масата е маса, виното е вино
во чашата што е чаша
и стои стоечки на масата.
А јас сум привидна,
привидна до неверојатност,
привидна просто до крв.

Му зборувам што сака: за мравките
што умираат од љубов
под соѕвездието на глуварчето.
Се колнам дека белата ружа
полиена со вино пее.

Се смеам, ја наведнувам главата
внимателно како да проверувам
пронајдок. Играм, играм
во зачудената кожа, во прегратката
што ме создава.

Ева од ребро, Венера од пена,
Минерва од главата на Јупитер
беа неспоредливо постварни.

Кога тој ме гледа,
го барам својот одраз
на ѕидот. И гледам само
шајка од која е симната слика.



СРЕЌНА ЉУБОВ

Среќна љубов. Дали е тоа нормално,
дали е сериозно, дали е корисно -
што има светот од двајца луѓе,
кои не го гледаат светот?

Воздигнувани еден од друг без какви било заслуги,
една во милион, но убедени
дека така морало да се случи - како награда за што? за ништо;
светлината паѓа однекаде -
зашто баш врз нив, а не врз други?
Дали праведноста навредува? Да.
Дали, грижливо натрупани принципи нарушува,
го руши моралот во провалија? Нарушува и руши.

Погледнете ги тие среќници:
кога барем малку би се маскирале,
би се правеле потиштени, со тоа бодрејќи ги пријателите!
Слушате ли како се смеат - навредливо.
Со каков јазик зборуваат - наизглед разбирлив.
А тие нивни церемонии, зафрканции,
божемските обврски едниот кон другиот -
тоа личи на заговор зад грбот на човештвото!

Тешко е дури и да се каже што би настанало
кога нивниот пример би можел да се имитира.
На што би можеле да сметаат религиите, поезијата,
што би се помнело, што би се осудувало,
кој би сакал да остане во кругот.

Среќна љубов. Дали е тоа нормално?
Тактот и разборитоста налагаат за неа да се молчи
како за скандал од повисоки кругови.

Прекрасни дечиња се раѓаат без нејзина помош.
Никогаш не би успеала да ја насели земјата,
оти се случува мошне ретко.

Нека луѓето кои не ја познаваат среќната љубов
тврдат дека никаде нема среќна љубов.

Со таа вера полесно ќе им биде и да живеат и да умрат.


КОМИЧНО

Најнапред нашата љубов ќе помине,
после сто и двесте години,
после заедно одново ќе бидеме:

комедијантка и комедијант,
миленици на публиката,
ќе нè одиграат в театар.

Фарсиче со куплети,
малку танц, многу смеење,
обичаи точно погодени
и аплаузи.

Ќе бидеш уверливо смешен
во сцената со љубомората,
со онаа кравата.

Мојата изгубена глава,
моите срце и круна,
глупото распрскувачко срце
и круната што паѓа.

Ќе се среќаваме,
разделуваме, смеа во салата,
седум реки, седум гори
меѓу нас измислувале.

И како да ни се малку
стварните порази и страдања
- та со зборови ќе се дотепаме.

После ќе се поклониме
и тоа ќе биде крај на фарсата.
Гледачите ќе заминат на спиење
до солзи расположени.

Убаво ќе се живее,
љубовта ќе припитоми,
дотаму што тигар од рака ќе јаде.

А ние, вечно вакви онакви,
во капчиња со ѕвончиња,
во нивното варварско ѕвонење
ќе сме задлабочени.


ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА

Моето недоаѓање во градот Н.
се случи точно.

Ти беше информиран
со непратеното писмо.

Успеа да не стигнеш
во предвиденото време.

Возот пристигна на третиот перон.
Се симнаа мнозина луѓе.

Низ толпата кон излезот заминуваше
отсуството на мојата личност.

Неколку жени брзо ме беа
замениле
во таа тисканица.

На едната ѝ притрча
некој мене непознат,
но таа
веднаш го препозна.

Објцата го разменија
не нашиот бакнеж,
за тоа време исчезна
не мојот куфер.

Железничката станица во градот Н.
добро го беше положила испитот
по објективно постоење.

Целината стоеше на свое место.
Деталите се движеа
по обележаните колосеци.

Се случи дури
и договорената средба.

Надвор од дометот
на нашата присутност.

Во изгубениот рај
на веројатноста.

Негде другде.
Негде другде.
Зборовиве одѕвонуваат.

избор и превод: П. Вулкански

слики: Џошуа Филд

Други прилози поврзани со Шимборска:

Пишување биографија

Деца на епохата

ОкоБоли главаВицФото