Распишан тендер за минотаур на скопскиот плоштад

12.11.2014 17:03
Распишан тендер за минотаур на скопскиот плоштад

Скопје, 12 ноември 2014

Еден ден пред Денот на ослободувањето на Скопје, владата распиша тендер за минотаур кој ќе оперира низ преостанатиот дел од плоштадот Македонија во Скопје.

„Сите тесни премини опкружени со тараби, споменици, фонтани, клупи, потсетуваат на лавиринт, а знаеме дека лавиринтот не е целосен доколку нема минотаур во него“, изјави скопскиот градоначалник Коце Трајановски за Пара вести.

Тој објаснува дека иако не забележал минотаур во Париз, Венеција, Рим или Лондон, решил да ја внесе оваа новина во центарот на градот, бидејќи, како што рече градоначалникот, „мора по малку да се биде и оригинален“.

За сега сè уште не е прецизирано дали минотаурот ќе биде увезен од Грција или некоја од македонските градежни фирми ќе го конструира. Од она што досега е познато, јасно е дека ова митско суштество ќе има задача на просторот од 20 слободни метри квадратни на скопскиот плоштад да ги лови луѓето на кои не им се допаѓа Скопје 2014.

Идејата за поставување минотаур ја поддржаа повеќе историчари, кои сметаат дека ова суштество од хеленската митологија одлично ќе се вклопи со сите елементи во околината преземени од хеленската култура.

Единствен кој јавно се произнесе против ваквата идеја е архитектот Вангел Божиновски, кој смета дека македонската чудовишност има многу подлабоки корени отколку во антиката, па предложи наместо минотаур, да биде поставена некаква неолитска фигура.

Слика: Edward Burne-Jones