Известувањето од и за Охрид: Унифицирано и некритички

13.11.2014 09:27
Известувањето од и за Охрид: Унифицирано и некритички

Три телевизии, уште толку радиостаници и мноштво портали се медиумската база на Охрид, првиот туристички и летен културен центар во земјата. Телевизиите, со исклучок на една, не се трудат премногу на консументите да им понудат информативни содржини, особено не редовни вести, додека, пак, порталите тоа го прават во неограничени количини, но за жал, некритички и унифицирано. Скоро сите национални телевизии, во Охрид имаат свои дописници кои, пак, тргналеод премисата – штом веќе го направиле производот, истиот да го мултиплицираат, преку свои портали. Уредувачката политика, ако воопшто може да се говори за тоа, во најчест случај е истата онаа на телевизиите, кои на сопствениците им се матични куќи. Чисто и од практични причини, нели, производот, веста, или информацијата, да не се преработуваат, туку да одат во истата форма. Во последно време, има и портал кој целосно се идентификува со официјалниот портал на локалната самоуправа.

Локалната самоуправа во Охрид, барем по бројот на ангажираните лица, ја има една од најбројните медиумски заедници од 5-6 вработени, кои, покрај што го пополнуваат порталот, одржуваат контакт со новинарите и редакциите во Охрид, редовно им испраќаат покани и најави, поретко соопштенија, а понекогаш и цели трактати, кои тие ги нарекуваат „колумни”, а се насочени кон сатанизирање на опозициската СДСМ. Понекогаш тоа е толку еднопартиски драстично, што се добива впечаток како да го подготвила информативната служба од партискиот штаб на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со што, и не сакајќи ѝ се прави огромна штета на локалната самоуправа, пред сѐ, на градоначалникот Никола Бакрачески. Но, нели, и патот до пеколот е поплочен со најдобри намери!? Самиот тој, најверојатно поучен и инструиран од нему блиски новинари, или „новинари“, во една прилика беше поставен на многу лизгав терен со прес-конференцијата во Скопје, кога влезе во отворен судир со новинарите, без аргументи и врз основа на првични впечатоци, односно наметнати ставови. Резултатот беше жестока преписка, многу коментари, обвинувања и контра обвинувања. Во секој случај, подебелиот крај го извлече самиот Бакрачески, што најверојатно ќе му биде голема поука за во иднина.

РЕДОВНО СЛЕДЕЊЕ НА АПОЛОГЕТСКИ АКТИВНОСТИ

Бакрачески ги обвини медиумите за она што им е основна преокупација, известувањето за туристичкиот живот и тоа среде сезоната. Ако за тоа и имаше некои аргументи, по прашањето за културата и начинот како се известува за културните манифестации, градоначалникот целосно ја „промаши темата“, бидејќи настапи без аргументи и критиките ги испорача во време кога самите манифестации, пред сѐ, фестивалот Охридско лето, на сет глас изнесуваше пофалби и задоволства за квантитетот и квалитетот во известувањето. Сезоната помина, медиумите и натаму опстојуваат по истиот терк, редовно ги следат, некои и сосема апологетски и некритички активности на локалната самоуправа и градоначалникот. Еден или два портали го следат секој чекор на Бакрачески и во приватниот живот: колку модни крпчиња купил, колку кошеви забил и слично што е претерано, но самиот тој сѐ уште не собрал сили да им каже: „Доста бате, не ме фалете!“ Но, тоа е, сепак, помалиот дел од проблемот.

Како, практично, се следат неговите официјални активности? Во моментов, најдоследен во популаризацијата на градоначалникот е порталот Охрид1. Во информациите за активностите на градоначалникот, за седниците на градскиот совет и слично, како и да нема разлика. И во текстовите и во фотографиите и во целата опрема. Еве неколку примери. Една од последните активности на градоначалникот Бакрачески беше посетата на блиските на Охрид, селски населби Долно и Горни Лакочереј. Единствената разлика кај двата медиуми е еден единствен збор во насловите. Во порталот на Oпштината, насловот гласи: „Градоначалникот Бакрачески на средби со жителите на Горно и Долно Лакочереј”. Кај Охрид 1, насловот е: „Градоначалникот Бакрачески во посета на жителите на Горно и Долно Лакочереј”. Сѐ друго е идентично од збор до збор.

Сплотеноста на двата медиуми, е уште покарактеристична на примерот на известувањето, за посетата на делегација од кинескиот град Далијан. Во двата медиуми, информацијата е пласирана со идентичен наслов како “Кинеска делегација во посета на Охрид” (Охрид1 и официјалниот сајт на Општината).

НЕДОСТИГА БЕКГРАУНД

Притоа, на читателите им е пласирана и мала непрецизност. Имено, делегацијата навистина е од НР Кина, но не е кинеска, туку на кинескиот град Далијан. Исклучок прави Охрид Лајв, кој информацијата, сосема професионално, ја дава со насловот: “Кинески пријатели во посета на Охрид”. Интересно, кај два медиуми – веќе цитирани, но и кај останатите што очигледно ја презеле информацијата без напор барем малку да ја преработат: Охриднет и Лихнид имаат важен недостаток, кој во професијата го викаме бекграунд, а тоа е што сите заборавиле, испуштиле (а, не можеле да не знаат) дека Охрид и Далијан се збратимени и дека поранешен градоначалник (од истата партија) веќе бил во возвратна посета на Далијан! Во случајот со Лихнид недостасува влез во информацијата, бидејќи e исфрлена првата реченица: „Делегација од градот Далиан денес оствари средба со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески”, a натаму продолжува со истиот текст од другите портали.

Во известувањето за посетата на делегацијата на градот Далијан, во обработката, донекаде позитивно отскокнува порталот Охридњуз. Најнапред, информацијата sе пласира со соодветен наслов: “Кинезите заинтересирани за културна соработка и гостување на Охридско лето”. Натаму, продолжува со адекватен агенциски приод:

Делегација од градот Далиан- Кина, денес, оствари средба со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Гостите од Далиан предводени од заменик – директорот на канцеларијата за надворешни работи Хан Кијанг со градоначалникот разговараа за дејностите во кои може да се развие значајна соработка, а пројавија интерес и за најавената посета на делегација на Охрид на Кина, притоа предлагајќи градоначалникот Бакрачески да ја посети болницата во овој град, која е една од позначајните во Кина, во која функционира и одделение за лекување на канцерогени болести.

Ќе беше уште подобро, ако барем Охридњуз го дадеше бекграундот – веќе постојното побратимство на Охрид и Далијан, а ќе беше уште покомплетна, ако ги потсетеше читателите дека токму ова лето, опера од друг кинески град (Сен жен), веќе гостуваше на Охридско лето и реализира еден од најдобрите концерти.

Во оваа опсервација, треба да се додаде и фактот дека два релевантни портали од Охрид, не нашле за потребно да отстапат простор за информациите кои се предмет на оваа наша обработка. Тоа се Инпрес и Охридпрес. Ако се тргне од впечатокот и сознанието од подолгорочното следење на активностите во локалната самоуправа, не може да се извлече заклучок дека двата портали, генерално, не ги бележат. Редовно известуваат за седниците на градскиот совет и слични активности. Секако, тоа е прашање на нивна уредувачка политика, но ни се чини дека посетата на делегацијата од збратимениот на Охрид, Далијан, требаше да најде пласман (ако веќе не и онаа за активностите на градоначалникот на терен), бидејќи станува збор за делегација со официјален состав на тамошниот кинески град, земја пријател на Република Македонија, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, а можат да се наведат и други причини во прилог на тоа.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).