Реакција по повод текстот „Популарната култура - поглед од страна“

13.11.2014 10:55
Реакција по повод текстот „Популарната култура - поглед од страна“

Почитувани,

Ви пишуваме во врска со текстот објавен на 11.11.2014 под наслов „Популарната култура – поглед од страна“. Како што посочува самиот автор на текстот, потпишан како sead93, тој бил присутен на „помал дел од настапите на учесниците“. Поради тоа, би сакале да му објасниме неколку работи за она што го пропушти, нему, но и на пошироката јавност до која допрел (само) неговиот текст.

Имено, конференцијата беше организирана со цел првпат на официјално академско ниво (и тоа директно од просториите на МАНУ) да се проговори за популарната култура, и тоа со поглед одоздола, од маргините, од периферијата кон центарот, со критички однос кон културната продукција и нормите кои наметнуваат репресија или маргинализација. Притоа, како што објаснивме во замислениот концепт на конференцијатата, повикавме на анализирање и проценување на вредностите на културата сфатена како севкупен начин на живот, материјален, интелектуален и духовен (Рејмонд Вилијамс), со оглед на различните социјално-артикулирани начини на живот, механизмите на онеправданост и повластеност, доминантните и потчинети класи или интересни групи. Очигледно е дека секоја од нив на свој начин располага со значењата, вредностите и идеите, секоја има свои верувања, обичаи и навики, свои текстови и значeнски практики, па оттука, културата не ја перципира(в)ме како единствена, туку како елитна и популарна, висока и ниска, што упатува на динамиката на општествената моќ и на нејзиниот различен распоред, па и утврдувањето на прашањето на вредноста го разгледува(в)ме во овие рамки.

Во така поставени насоки, на конференцијата пријавија свои теми речиси 130 учесници, од кои голем дел од земјата, но и од останатите балкански држави, од Холандија, Белгија, Велика Британија, Унгарија, Полска итн. Притоа, главните тематски подрачја кон кои го насочивме интересот се следниве: родот и телото во популарната култура, популарната култура наспроти политичките и идеолошки концепти, субкултурата и културата како пазарна стока, новите форми на популарна култура, конзумеризмот, медиумската култура и културата на славните, популарната литература, популарната музика, телевизијата и филмот, модата, дизајнот, спортот итн. Конкретните теми можете да ги погледнете на овој линк

Оттука, нè зачудува впечатокот дека „фокусот на конференцијата беше популарната култура (читај масовните медиуми) и нејзиното влијание врз јазикот, културата и општеството“. Јазикот беше само една од бројните подтеми и беше во фокусот на 3-4 реферати од колегите лингвисти, а ставовите против кои се „бори“ текстот на sead93 беа лични ставови на неколкумина учесници, кои патем речено, предизвикаа и бурни дискусии и дебати во рамки на конференцијата. Земајќи го предвид сето ова, разочарани сме од паушалноста со која авторот го проценува „нивото“ на конференцијата, посебно откако и самиот признава дека не присуствувал на поголемиот дел од истата. Насловувајќи нè сите како „јазичари“, јасно покажува дека во фокусот на неговиот, а не нашиот интерес, биле само неколкуте реферати кои ги слушнал, а врз основа на кои ја поистоветува целата конференција со „борба за јазичен пуризам“. Во тој контекст, напоменуваме дека темата за јазикот и културата е исклучително значајна и за неа секако треба да се дискутира во јавноста, но тоа не беше наша примарна задача, ниту во конкретниот случај на анализа на популарната култура, ниту како институција (организатор на конференцијата е Институтот за македонска литература и Културолошките студии во негови рамки). Адресат за проблемите со состојбата на македонскиот јазик се некои други институции и стручњаци.

На крајот ќе кажеме само уште дека ни е жал што вистински горливите теми врзани со популарната култура за кои опстојно се дискутираше на конференцијата не допреа до вашите читатели на соодветен начин, посебно со оглед на фактот дека нашиот Институт и културолошките студии што ги организираме секогаш поддржуваат и поттикнуваат продуктивни дебати и „теоретска бука“, онака како што нè учеше еден од татковците на културолошките студии Стјуарт Хол.

Членови на Организациониот Одбор на конференцијата

проф. д-р Ана Мартиноска
проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер
проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ
проф. д-р Александар Прокопиев

Скопје, 13.11.2014

Слика: Boneface