1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
1.
Наставниците сакаа да штрајкуваат. Имаа релевантни барања кои се однесуваат на многу слабости во образованието кои ги имаат воочено, а кои власта не ги адресира. Наставниците имаат право да штрајкуваат. Правото е гарантирано со уставот и со меѓународните договори.
Власта не сакаше наставниците да штрајкуваат. Правото на штрајк го ограничи со менување на законите (по скратена постапка) и легитимизирање на штрајкбрехерството; со поттикнување на членовите на владејачката партија отворено да се спротивстави на штрајкот и со директни закани упатени до родителите кои ќе го овозможат штрајкот. Власта го прекрши Уставот.
Сите постапки власта ги образложи со заштита на правата на децата и заштита на правото на образование.
2.
Училиштата немаат греење, струја и соодветни услови за работа. Различни училишта на различни места. Заради тоа децата не одат на училиште повеќе од две недели.
Власта не го заштити правото на децата на образование; не побара испитување на одговорноста на надлежните органи; не препозна сопствена одговорност во ограничувањето на правото на образование.
Сите постапки власта ги образложи со префрлање на вината на некој друг. А децата не ги спомна. Ни нивните права. Ни правото на образование. Не спомна позитивни закони кои зборуваат за прекинувањето на наставата поради несоодветно постапување на власта. Не спомна казни за прекинување на образованието заради неисполнување на обврските на власта.
Наставниците не побараа одговорност од власта заради повреда на правата на децата, родителите не побараа одговорност од власта заради повреда на правата на децата, синдикатите не побараа одговорност од власта заради повреда на правата на наставниците. Никој не побара ниту објаснување ниту повика на одговорност на власта за повредите на Уставот и законите.
Власта е неодговорна, не може да биде казнета и може да ги прави будали своите граѓани при здрав разум и да ги превезува жедни преку вода одново, и одново, и одново, и одново… затоа што се плашат, плашат, плашат...
3.
Новинарите пренесуваа информации и за двете ситуации. Новинарите не мислат дека овие две ситуации можат да бидат поврзани. За нив штрајкот е вчерашна работа и нема никаква врска со условите за изведување на наставата. Секоја вест си е сама за себе. И секоја вест има многу краток рок на распаѓање. После тоа исчезнува. Во неповрат.
4.
Не знам како да ви кажам, ама секоја власт ужива да владее со овчички. Право уживање.
Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слика: Свирачиња