Планот на битката за Скопје

13.11.2014 13:20
Планот на битката за Скопје

Планот на битката

За ослободувањето на Скопје, кое беше солидно организирано и брането со сили од околу една дивизија, можеа да се заангажираат само 42. НО и 50. НО дивизија, и XVI бригада од Кумановската дивизија. 41. НО дивизија доби задача држејќи ги комуникациите во реонот на Градско, Криволок, Кавадарци, Плетвар, да ја затвори долината на Вардар и со тоа да ги заштити од дејството на Германците по тој правец операциите на 49. НО дивизија во правецот на Битола, како и операциите на 42. и 50. НО дивизија во битката за Скопје, и најпосле да послужи како резерва на Главниот штаб на НОв и пО на Македонија. Оттука 41. НО дивизија можеше да се употреби за 2-3 дневен марш, спрема Битола, како поддршка за 49. дивизија спрема Кичево, за да го осигура евентуално бокот во време на нападот на Скопје од дејството на балистите од Западна Македонија (на овој правец подоцна беше и употребена), како и спрема Скопје за експлоатација на успехот на 42. и 50. НО дивизија.

За да можат да се соединат 42. и 50. дивизија, неопходно беше прво да се заземе Штип и Велес и дури потоа да се овозможи настапувањето кон Скопје на 42. и 50. НО дивизија.

Замислата за проведување на битката беше: од југ, исток и север концентрично, со содејство на ударните групи од градот, да се нападнат германските сили во Скопје, да се обиколат и потоа со брз продор во градот да се изолираат одделни групи и уништат.

Планот за напад и заземање на Скопје беше следниот:

-42. НО дивизија со две бригади (III и XII ударна македонска бригада) да напаѓа од југ преку Карлијак, со задача по заземањето на надворешната одбрана на Скопје со главните сили да се пробие до мостовите на реката Вардар и по секоја цена да му оневозможи на непријателот да ги урне, а со дел од силите да дејствува спрема Ханриево.

-50. НО дивизија и VIII бригада од 42. НО дивизија да настапуваат по левиот брег по долината на Варар, со задача да нападнат од источната страна на Скопје, потоа, во содејство на XVI македонска ударна бригада да го заземат северниот дел на градот и со тоа да го затворат обрачот околу Скопје, а потоа со дел од силите да ѝ содејствуваат на 42. дивизија при заземањето на мостовите на Вардар и уништувањето на германските сили во Скопје, на десниот брег на Вардар. Со дел од силите да се обезбеди спрема Куманово (кое до 11 ноември беше во рацете на Германците).

-XVI македонска бригада од Кумановската дивизија, која дотогаш дејствуваше на комуникацијата: Скопје-Качаник, доби задача од Скопска Црна Гора да нападне на северниот дел од градот, да ги заземе касарните (к. 307) и да ѝ содејствува на 50. НО дивизија, та со тоа да овозможи потполно опколување на германскиот гарнизон во Скопје.

-Ударните групи, формирани од страна на партиската организација во градот од работници и младинци од градот, имаа задача, во моментот на навлегувањето на нашите единици во градот, да нападнат на одделни германски посади, нарочно на мостовите на Вардар и со тоа да го помогнат дејството на нашите единици; потоа да им послужат на нашите единици како водачи во уличните борби.

-Нападот да се подготви и проведува така што да се предизвика полно изненадување - оти единиците немаа доволно артилерија за артилериска подготовка (50. дивизија имаше еден дивизион артилерија, а артилеријата на 42. дивизија остана во Велес, бидејќи не можеше да се префрли преку Вардар, а по дивизијата не можеше да се движи низ планините).

Прибирање на силите

42. НО дивизија подолго време се наоѓаше во постојани, секојдневни борби против германските и балистичките сили, првин на Карлијак, а потоа на Сува Планина. Пред 42. НО дивизија беше поставена задача со усилен марш да се префрли преку Караџица и да се концентрира во велешкиот реон, да нападне на Велес, потоа на 8.XI. да се спои со 50. НО дивизија и со брз марш да продолжат двете дивизии за Скопје.

Како што е порано изнесено со борбите што се водеа на 8 и 9 ноември, 42. НО дивизија го зазеде Велес, а 50. НО дивизија, после долги борби кај Штип, на 8 ноември го зазеде Штип и веднаш продолжи со претходниците да ги брка разбиените Германци. Германците по разбивањето кај Штип со дел од силите отстапија преку Св. Николе за Куманово, со помали сили за Велес, каде што повеќето беа уништени, еден незначителен дел успеа да се спои со силите од велешкиот гарнизон и да отстапи за Скопје. Во текот на 9 ноември предните делови на 50. НО дивизија се споија со 42. НО дивизија кај Велес.

Со заземањето на Велес и Штип и со спојувањето на 42. и 50. НО дивизија кај Велес, беа создадени услови за да отпочне настапувањето кон Скопје.

На 10 ноември 42. НО дивизија направи марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигна вечерта на 10 ноември. 50. НО дивизија и VIII бригада од 42. НО дивизија вршеа прибирање на единиците, потоа направија пократок марш спрема Скопје, а со претходниците ги бркаа Германците спрема Катланово (југоисточно од Скопје).

Во времето кога се водеа борбите за Штип, V бугарска дивизија стоеше наполно пасивна на Злетовска Река, а дури по ослободувањето на Велес тргна во правец кон Скопје и ноќта меѓу 13 и 14 ноември, со наредба од Главниот штаб (издадена е на лице место усно), беше вратена назад за Бугарија, пред да стигне целата дивизија во Катланово.

Извор: Михаило Апостолски, Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Кочо Рацин, Скопје.