Одбележана десетгодишница од последното паѓање на испит на приватен факултет

13.11.2014 15:50
Одбележана десетгодишница од последното паѓање на испит на приватен факултет

Скопје, 13 ноември 2014

Вчера во свечената сала на скопскиот саем се оддржа пригодна манифестација по повод навршувањето на десет години откако на приватен универзитет студент паднал на испит.

На свеченоста беа присутни водечките луѓе на речиси сите приватни универзитети, голем број професори, академици, поранешни и сегашни студенти, како и претставници од ресорните министерства. Во свечениот говор, претставниците на Асоцијацијата на приватните универзитети се заблагодарија на сите професори за нивниот придонес, како и на студентите за нивните широкогради партиципации, нагласувајќи дека приватните унивезитети ќе останат верни на оваа традиција.

На свеченоста присуствуваше и Драгомир Сотировски, студентот кој последен паднал на испит на приватен универзитет, во веќе далечната 2004 година.

„Кога паднав на тој испит, немав ни идеја дека на ваков начин ќе влезам во историјата. Можеби не е некој повод за фалење, но јас се чувствувам горд што токму мене ми припадна оваа чест. Секако, далеку поважно е тоа што сега студентите можат слободно да учат и да одат на испити без страв дека нема да положат или дека ќе паднат. Да се студира без таков стрес е придобивка за која се избори мојата генерација и се надевам дека помладите студенти ќе бидат благодарни за ова, а овој настан ќе продолжи да се одбележува“, вели Сотировски.

На Драгомир му беше доделена посебна споменица и оддадено признание за неговата жртва во текот на студирањето.

Извор: www.brejking.net