Писателите се бранат од слобода

14.11.2014 01:26
Писателите се бранат од слобода

Со беседи, пораки за слобода, читање поезија и со пригодни говори, македонските писатели - што надежни, што афирмирани - го одбележаа Меѓународниот ден на писателите во затвор. Беше објаснето дека со овој настан, што се одржа скопската библиотека „Браќа Миладиновци“, Канцеларијата на потпретседателот на Меѓународниот ПЕН, „уште еднаш ја потенцира и ја застапува потребата од слобода на говор, но преку ослободување на креативниот и убаво напишан збор, кој создава светови, надминува граници и зближува народи“.

Точно е дека во Македонија „писателите го кажуваат тоа што го мислат“, како што гласи пораката за слобода на изразот, ама не е погрешно ако се каже дека главно го кажуваат тоа што го мислат властодршците. Ако мислат поинаку, најчесто не го кажуваат. Не поради тоа што власта ги спречува со закони, забрани и казни, туку затоа што ги стимулира со објавување дела, со доделување пензии, плаќање хонорари, врачување државни награди и со други признанија. Значи, им дава целосна слобода за да можат што покреативно, со што поубаво напишан и искажан збор да ја поддржуваат секаде и во секоја прилика. А тие ваквата слобода ја користат максимално, на обострано, ако не и на општо задоволство.

Затоа земјата што не ја брани, не ја гарантира и не ја негува слободата на говорот, сѐ уште може да се пофали дека во нејзините затвори нема ниеден писател. За жал.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото