Што да се прави? Цивилно општество!

14.11.2014 14:28
Што да се прави?

Дејствувањето е единствената активност што нè сочинува

 

Живееме во маѓепсан круг на немоќта: апатијата на граѓаните ја зголемува неодговорната моќ на власта, со што се засилува беспомошноста и одново се произведува апатија. Таквата власт, која почива врз апатични граѓани, Токвил ја нарекува мека деспотија.

Слаба утеха е што чувството на апатија и на резигнација има глобални димензии. Она што обесхрабрува е дека проблемот сме ние; но, и она што охрабрува е – решението сме ние. Ние и како учесници во локалниот живот на една квазидржава, но и ние како учесници во глобалните процеси каде што се случува истото: превреднување на старите политички модели и создавањето поинакви географски и политички парадигми.

Луѓето се моќ без да ја имаат. А дури и „моќните“, чии одлуки влијаат врз стотици илјади луѓе, се неспособни да го променат инертниот тек, сè додека секој од нас продолжува да работи онака како што работи сега.

Затоа Хана Арент беше во право кога инсистираше дека она што ни е потребно е политизација, придвижување на оние што сега се потчинети, повлечени, или немаат одговорност, според нивните сопствени можности, потреби и одговорности. Политизацијата овде не го подразбира ниту растечкото управувачко навлегување во приватните животи на луѓето, ниту должната потчинетост спрема официјалните авторитети, туку, напротив, таа подразбира одговорно и делотворно учествување во самовладата (себевладеењето), која им се обраќа на стварните проблеми и потреби.

Задачата пред нас, и како граѓани на Република Македонија и како граѓани на светот, е повторно да се воспоставиме себеси: да ги реорганизираме институциите, да го преобликуваме карактерот, да ја предизвикаме борбата на идеи. Тоа можеби не е лесно, но никогаш не треба да стане невозможно.

Таму каде што некој ќе направи чекор напред, другите можат да го следат. Таму каде што некој ја зборува вистината, другите тоа можат да го препознаат и да соберат храброст да го направат истото. Единственото место од кое можеме да почнеме е токму она на кое се наоѓаме, а постојат илјада начини да се почне, како што вели Хана Арент, „речиси сегде и секогаш“, бидејќи дејствувањето е „единствената активност што нè сочинува“, што го сочинува нашиот заеднички јавен свет.

Значи, што да се прави?

Да бидам сосема прагматичен и практичен, на крајот; по осум години државен терор издвојувам еден недвосмислен одговор: треба да се прави цивилно општество, т.е. систем паралелен со државниот, систем што го бојкотира режимот и кој знае да ги сочува вредностите и смислата на оние луѓе што го избираат цивилното општество, наместо хиперкорумпираната држава.

Се разбира, поедноставен, можеби дури и полесен одговор на прашањето: „Што да се прави?“ е: Треба да се уништи окупаторот, узурпаторот на државата, спроведувачот на теророт. За жал, во овие осум години се покажа дека таа цел (веројатно приоритетна, веројатно најлогична) е најнереална. Се покажа дека општеството до тој степен е корумпирано, што се умртвени енергиите на граѓаните. Дури примарно можеби не се работи толку ни за страв од режимот (иако го има, обемно), колку за умор, резигнираност, изгубеност, опортунизам...

Затоа, во меѓувреме, ми се чини, потребата од градење граѓанско (цивилно) општество стана поостварлива, а можеби и поприоритетна цел. Зошто? Бидејќи под осумгодишниот партиско-државен терор сфативме дека општеството е во многу поголема криза од кризата на власта. Општеството е заболено во самите дамари: во вредностите и во ориентациите. Бескрупулозноста и себичноста станаа основни начела на функционирањето. Да се преживее денот - стана општо начело на преживување. Се изгубија солидарноста, грижата, одговорноста, желбата да се согледа поголемата слика (регионалниот контекст, глобалниот контекст, иднината на нашите деца)...

Но, има и многу други причини зошто, наместо поправка на старото, е потребно ново општество, нов концепт, нова заедница, макар на микро ниво или на ниво на експеримент. Бидејќи собиров го организира најголемата опозициска партија во Македонија, ќе издвојам еден одговор: Ако не знаеме добро да се организираме во опозицијата, зошто некој би ни дал доверба да ја организираме државата? Значи, создавањето цивилно општество и паралелни институции (како во војна или окупација, или диктатура, или терор) е голем предизвик за сите оние што не сакаат да живеат како робови со испрани мозоци, некаков вид современи манкурти. (Постои стара казашка легенда, која ја споменува Чингиз Ајматов во романот „И подолго од векот трае денот“: Постоело племе на сурови воини, кои безмилосно ги мачеле заробениците со каиш од камилска кожа и ги претворале во манкурти – весели робови, луѓе без сеќавање.)

Нов полет на општите демократски процеси, смета важниот современ француски филозоф Етјен Балибар, не можат да дадат побожните говори за „граѓанската свест“, за „постнационалноста“ или за „европскиот проект“, туку автономните мисловни и акциски иницијативи. Европа не може да биде создадена исклучиво одозгора, ниту може да биде препуштена на новите популизми, кои божем конечно ја откриваат новата победничка формула: „Ни левица, ни десница“. Според Балибар, во мислите, во инвенцијата, во борбите треба да отвориме цела низа градилишта на граѓанскоста. А, смислата на денешната борба за заедницата (и за потесната, и за пошироката заедница) е во тоа на тие градилишта на граѓанскоста да им се понуди максимум јасност и интензитет, за одново да се отворат можностите што ги даваат историјата и политиката.

Извадоци од подолг текст застапен во зборникот „Што да се прави“

Фотографии: Vikram Kushwah