Јанкулоска: Осомничените немале добиено лиценца за местење избори и фестивали

14.11.2014 17:14
Јанкулоска: Осомничените немале добиено лиценца за местење избори и фестивали

Скопје, 14 ноември 2014

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денес објасни зошто се приведени четворица осомничени за местење на резултатите од Скопскиот фестивал.

„Во последните законски измени многу јасно наведовме дека за секој занает е потребна лиценца и секој што ќе биде фатен да работи без соодветна лиценца ќе биде казнет. Така е и во случајов. Лицата немале побарано и немале добиено лиценца за местење избори, фестивали и натпревари, па поради тоа се приведени и ќе бидат казнети согласно Уставот и законите“, рече Јанкулоска.

Таа мораше да појасни за какви лиценци станува збор, бидејќи дел од новинарите тврдеа дека досега немаат слушнато за такви лиценци.

„Не знам што не ви е јасно и што е толку тешко за сфаќање. Ако имаш лиценца, работиш нешто, ако немаш не! Така е и со ова. Тој што има добиено лиценца од надлежните органи може слободно да мести избори, фестивали, натпревари и слично… тој што нема, не може и не смее да го прави тоа! Така е веќе со години, не знам што се чудите“, зачудено рече министерката.

На барање на неупатените новинари таа објасни и како се добиваат овие лиценци.

„Значи, многу е едноставно. Поднесувате барање и потребна документација во Агенцијата за местенки со седиште во Пустец, и чекате да ви биде одобрена и доделена лиценцата, па потоа започнувате со местење. Резултатите се загарантирани“, рече таа.

Извор: www.kozanostra.net