Во потрага по исчезнатиот споменик на стреланите скопјани на 13 ноември 1944 година

15.11.2014 13:28
Во потрага по исчезнатиот споменик на стреланите скопјани на 13 ноември 1944 година

Почитувани,

На 15 ноември во 13.30 часот, ќе покренеме/организираме акција со која сакаме да потсетиме на исчезнатиот споменик кој ја бележеше меморијата за деветмината храбри луѓе кои утрото, на 13 ноември 1944 година, кога започнале борбите за ослободување на Скопје, во знак на одмазда за партизанските подвизи, биле стрелани од фашистите на Камениот мост.

Ве повикуваме да ѝ се приклучите на оваа акција, на која со поставување реплика на споменикот сакаме до надлежните и до јaвноста да го упатиме прашањето: Каде е и што се случи со споменикот?

Со поставувањето на репликата на споменикот како симболичен чин на реактуелизација на меморијата ги поставуваме и прашањата: Дали некој всушност сака од меморијата на скопјани да го избрише споменот на нашите стрелани сограѓани? Или тоа само го потврдува неодговорниот однос на властите кон антифашистичкото културно наследство? Каде е оригиналот и кој дозволил еден дел од колективната меморија, паметник за почит и извонредно уметничко дело да биде изгубено?

Споменикот, кој беше изработен во висок релјеф, во својата оригинална верзија постоеше до 2010 година, а исчезна во периодот меѓу 2010 и 2012 година. Тој беше поставен на сегашниот плоштад Карпошово востание, на левата страна, во подножјето на Камениот мост, во делот кој води кон Старата чаршија, а е урнат при изведувањето на градежните работи за новите објекти кои се дел од проектот „Скопје 2014“.

Во 2010 година, општина Центар го урна стариот постамент и на оддалеченост од десетина метри изгради нов, налик на стариот армирано-бетонски постамент, на кој требаше да се залепат оригиналните мермерни плочи (од стариот споменик) со имињата на загинатите и да се врати стариот висок релјеф. По две години, и овој нов бетонски постамент е урнисан (повторно при уредување на просторот за плоштадот), кога и трајно се губи секаква трага за споменикот.

Со оваа акција сакаме да ги повикаме на одговорност сите надлежни кои треба да се грижат за културното наследство и споменичните обележја, прашувајќи ги зошто, под кои услови и со чија согласност, ова исклучително важно спомен обележје, трајно исчезна од јавниот простор, бришејќи ја историската и политичката меморија на еден град.

Со почит,

Група граѓани:

Никола Писарев, Филип Јовановски, Марјан Забрчанец, Џабир Дерала, Владимир Вангелов, Ненад Јовановиќ, Кире Бебеџаков, Уранија Пировска, Никола Наумоски, Артан Садику, Васко Лазаревски, Нада Наумовска, Славица Инџевска, Ирена Стефоска, Владимир Милчин, Филип Стојановски, Џелал Хоџиќ, Билјана Бејкова, Бојан Маричиќ, Љупчо Петковски, Сунчица Костовска, Искра Гешоска, Жарко Трајаноски, Сашко Петров, Алек Гочев.

ОкоБоли главаВицФото