Повик за студентски марш

17.11.2014 11:02
Повик за студентски марш

Повик за студентски марш: ако веќе не сте на бајачка, на кафе, од СПУКМ или ако не ви е излезена новата серија!

 

Седумнаесетти ноември е неофицијално прифатен како меѓународен ден на студентите. Токму овој датум е избран во знак на сеќавање на деветте студенти и професори кои биле јавно и без претходно судење егзекутирани на 17 ноември во Прага и илјадниците нивни другари и другарки кои биле испратени во германските концлогори поради масовни антинацистички студентски демонстрации, дополнително загреани со убиството на студентот Јан Оплетал на 11 ноември 1939. Следувало затворање на сите чешки универзитети. Цената на студентскиот активизам на прашките улици во првите месеци од Втората светска војна била брутално висока, но придобивките од студентската бескомпромисност по однос на темелните општествени вредности се неизмерно високи и далекусежни. Ништо не го мотивира студентското обединување како конкретните примери за општата студентска солидарност против екстерното угнетување на нивните права и идеали. Секое автентично студентско движење кое застанува во одбрана на хуманистичката традиција и против контаминацијата на науката со дискурсот на конзервативната идеологија е дел од дијалектиката на студентскиот подвиг, кој воопшто не е апстрактна идеја, туку серија од кохерентни манифестации на обединетоста околу низа прогресивни принципи (на инклузивност, еднаквост, непристрасност, солидарност...) во различни историски и социјални контексти. Студентската борба се перпетуира секогаш кога некоја надворешна структура ќе се обиде го загрози јадрото на студентската обединетост, да го ограничи неприкосновеното право на образование и да упадне во автономијата на домот на науката (а не храмот на догмата и идеологијата!) – универзитетот.

Но, ако ова е правило, дали ситуацијата во Македонија е исклучок што го потврдува? Долго време од дистанцирана позиција прашањево го поставуваа низа независни умови. Долго време со сожалување или со потсмев поединци гледаа на студентската пасивност во однос на отвореното загрозување или прекројување на нивните права од страна на универзитетските и државните институции. Сепак, многуте автентични студентски иницијативи во Македонија, кои досега од неинволвираните (небаре освестеноста не е основа за инволвирање!) беа игнорирани, а и студентските движења кои остануваат во колективната човекова меморија (како прашките демонстрации од 1939) – по принципот дијалектичност – создадоа ново студентско движење кое, иако во зародиш, покажува дека кај студентите во земјава не остана само надеж, туку и желба, и готовност, и решеност за здружено бранење на исклучително значајниот општествен статус на студентот, како предводник на прогресивната, независна и критичка мисла, бранејќи ги студентските права и универзитеската автономија, кои се уставно загарантирани.

Студентски пленум

Студентскиот пленум е автентична студентска иницијатива која има за цел да ги обедини студентите во Македонија во одбрана на нивните права. Се работи за иницијатива во која сите учесници се активно вклучени во борбата за своите права, со пристап кој ги исклучува партиските влијанија. Секој во Студентскиот пленум има право јавно да го изложи своето размислување и притоа да биде слушнат, понатаму секој има право да се вклучи во која било работна група при Студентскиот пленум.

Студентскиот марш

Горенаведениот марш е закажан на 17 ноември токму заради симболиката што тој ден ја носи со себе – како што видовме погоре, се работи за меѓународниот ден на студентите, и токму овој ден е одлична прилика да се насочи вниманието кон проблемите во сферата на високото образование во Македонија.

Преку овој марш студентите ќе се обидат да го произнесат нивниот став околу најавените реформи во високото образование (главните проблематични точки се следните: нарушување на автономијата на универзитетот, ограничување на правото на образование, присутност на веќе постоечки механизми за проверка на квалитетот на наставата, косење со Болоњскиот модел на студирање). Покрај тоа, овој студентски марш има за цел обединување на студентското тело во Македонија, потенцирање на проблемот околу (не)репрезентативноста на СПУКМ (Студентскиот парламент) и поттикнување на студентскиот активизам.

Во 12 часот попладне на 17 ноември, 2014 година, од платото на УКИМ ќе започне студентскиот марш кој ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Придружете се!

 

Рутата на студентскиот марш – А. Тргнување од платото на УКИМ; B. Застанување пред седиштето на Студентскиот парламент; C. Крајна дестинација на маршот - Министерство за образование и наука.

Постерите за маршот се изработени од членови на Пленумот