1017 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Нед, 16.02.2025 06:59
Медиумските напади врз граѓанскиот сектор добиваат висок степен на политичка поддршка од власта, предизвикуваат крајна поделеност и конфликтност во општеството, се проценува во анализата.
Провладините медиуми не информираат за активностите на Фондацијата Отворено општество - Македонија, туку водат континуирана медиумска хајка против Фондацијата и нејзината улога во македонското општество, обелодени НВО Инфоцентар во најновата анализа на тоа што се емитувало и објавувало во медиумите од 1 јануари до 31 јули годинава.
Во неа пишува дека наспроти критичките медиуми, провладините медиуми главно ги игнорираат граѓанските активности, а кога информираат за нив, се поставуваат селективно кон фактите и неретко манипулираат со информациите за да ги заштитат политичките интереси на власта. Според НВО Инфоцентар, содржински и структурно, голем дел од прилозите во провладините медиуми адресирани до граѓанскиот сектор кој критички ги опсервира институциите и власта очигледно се совпаѓаат или се инспирирани од соопштенијата на владејачката партија и од изјавите на нејзините партиски и државни функционери, со што медиумските напади врз граѓанскиот сектор добиваат висок степен на политичка поддршка од власта, предизвикуваат крајна поделеност и конфликтност во општеството, и со тоа длабински го изместуваат целиот процес, кој наместо да води кон отворен дијалог и дебата, се претвора во жестока политичка пресметка со неистомислениците на власта.
„Провладините медиуми, всушност, се однесуваат како гласноговорници и продолжена рака на власта и владејачките партии, кои не дозволуваат отворена граѓанска дебата и јавно актуализирање на проблематичните аспекти од работата на институциите и на јавните функционери“, се констатира во извештајот.
Мониторингот има за цел да одговори каков е имиџот на граѓанскиот сектор во државата креиран од страна на медиумите.
„Она што е највидливо од анализата на информирањето на провладините медиуми за граѓанскиот сектор е континуираната медиумска хајка против Фондацијата Отворено општество Македонија, против критичките медиуми и новинари, и против граѓанските организации кои имаат критички однос кон политиките на власта. Тие се постојана мета на лични напади, јавни дисквалификации и етикетирање. Во прилозите и написите, синхронизирано и во континуитет се тврди дека средствата што критичките медиуми ги добиваат преку грантови и донации, главно од ФООМ, претставуваат ‘директно политичко опозициско дејствување, корумпирање на медиумите и убивање на новинарството’. Едновремено, овие медиуми, не само што ги ставаат под прашање веродостојноста и демократските капацитети на критичките медиуми, туку изнесуваат и обвинувања дека тие ‘работат на штета на државните интереси’“, се вели во анализата.
Анализата на објавените содржини за граѓанскиот сектор покажува дека „најомилена“ тема за провладините медиуми е Фондацијата Отворено општество и нејзиниот извршен директор Владимир Милчин.
За време на целиот период на мониторинг, овие медиуми оркестрирано, синхронизирано и континуирано објавуваат написи во кои ФООМ и Милчин се обвинети дека организираат и поддржуваат „деструктивни активности против власта“ и државата, дека „работат на остварување на целите на СДСМ“, како и дека „корумпираат медиуми и новинари со тоа што финансиски ги поддржуваат“.
За создавањето на извештајот мониторирани се 17 медиуми, односно централните вести на телевизиите Телма, 24 Вести, МРТ1, Сител и Канал 5, дневните весници – „Слободен печат“, „Утрински весник“, „Нова Македонија“, „Дневник“, „Вечер“ и „Вест“, неделникот „Фокус“, како и порталите Плусинфо, А1он, Курир, Република, НоваТВ. Во периодот април - јули беа дополнително вклучени и шест медиуми на албански јазик - централните вести на МРТ2 и Алсат-М, порталите Порталб и Алмакос, како и весниците – „Коха“ и „Лајм“.
„Слободен печат“ најотворен кон невладините
Најголем број написи за граѓанскиот сектор се објавени во „Слободен печат“ 228, „Плусинфо“ 176 и „Телма“ 156. Потоа следат „24 Вести“ со 139, А1он со 130, како и, НоваТВ и „Утрински весник“ со по 90 објавени прилози. Дури осум медиуми објавија помалку од 50 прилози, а два медиума – „Нова Македонија“ и „Вечер“ се на границата од по 50 објавени прилози.
„МРТ1 објави само 25 прилози што покажува минимален или речиси никаков интерес на јавниот радиодифузен сервис за граѓанското општество и неговите актери“, пишува во извештајот.
Повеќе од три четвртини од прилозите за граѓанскиот сектор се објавени во критичките медиуми додека остатокот се однесува на содржини објавени во провладините медиуми.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња