Новите јунаци - антихероите

01.02.2010 15:52
Џек Бауер/ Кифер Сатерленд

Денес веќе никој не се поистоветува со идеалните позитивци како згодниот чудотворец кој во „Итна служба“ го глумеше Џорџ Клуни или со американскиот претседател во интерпретација на Мартин Шин од серијата „Западно крило“.

Пред десетина дена во САД почна да се прикажува новата, осма сезона на популарната серија за агентот Џек Бауер „24“. Оваа серија од револуционарен формат се случува речиси во реално време, е една од протагонистите на она што би можело да се нарече ренесанса на телевизиската драмска програма на која сме сведоци последново десетлетие.

Агенти во страв од отказ

Како и во секое добро уметничко дело, и оваа ТВ серија е верна слика на своето време. Главните непријатели во „24“ минатите години беа терористите. Во новата сезона тоа е невработеноста. Кифер Сатерленд како Џек Бауер и неговите колеги агенти повторно се во акција, но овојпат се борат за да ги задржат своите работни места.

Во списанието Rolling Stone ја пофалија таквата концепција на новата сезона и наведуваат дека повторно имаме можност да уживаме во добрата телевизија, објаснувајќи дека никогаш досега не сме имале прилика да видиме толку многу федерални агенти кои делуваат – исплашено. Како и досега, дејствието на „24“ се одвива во состојба на постојана тревога. Серијата дебитираше непосредно по нападите на 11 септември 2001 г. и се заснова на паранојата од терористичките напади. Паниката е основната драмска тензија на оваа серија, но оваа сезона тоа е паниката од губењето на работата. Исто така, новата сезона започна со најавата од ТВ куќата Фокс дека нејзината иднина е под знак прашање. Имено, наспроти големата популарност, трошоците за продукција на серијата се ужасно големи. Значи, стварноста се прелева во фикцијата и обратно; серијата „24“ се бори за својот опстанок исто како и агентите за кои раскажува.

Сомнителна верност кон „униформата“

На почетокот од новата сезона го гледаме Џек Бауер како во Њујорк си игра со својот внук, откако ја посетиле зоолошката градина. Бауер сака да се пензионира и да се пресели со ќерката во Лос Анџелес каде би бил дедо со целосно работно време. Но плановите за пензија се распрснуваат во мигот кога на хотелската врата му затропува ранет терорист кој, во замена за имунитет, му нуди инсајдерски информации за атентатот што се планира врз еден странски претседател.

Во новата сезона јасно се гледа колку се промени Америка за девет години, колку што ја следиме серијата. Паниката од терористите се повлече пред секојдневната анксиозност од пропаднатата економија. Централна дилема во серијата, како и во секоја шпионска приказна, е кому може да се верува, кој лаже и кој е предавникот. Овие прашања се поважни од кога и да било претходно, бидејќи никој од агентите повеќе не чувствува верност кон „униформата“ – тие само обични вработени лица. Сите освен старомодниот Џек Бауер кој сè уште и’ е верен на својата фирма, т.е. ЦИА.

Џек Бауер, заедно со Тони Сопрано (од серијата Сопранови) и Дон Драпер (Момците од Медисон) е еден од големите ТВ антихерои кои ги обожаваме. Денес повеќе не се поистоветуваме со идеалните позитивци како згодниот чудотворец кој во „Итна служба“ го глумеше Џорџ Клуни или со американскиот претседател во интерпретација на Мартин Шин од серијата „Западно крило“. Сега нè фасцинираат ликови од типот на бесчувствителната адвокатка која во серијата „Damages“ маестрално ја глуми Глен Клос.

Нема веќе херои

Со светот на антихероите од ТВ се занимава професорот од универзитетот Оксфорд, Стивен Герет. Негова теза е дека денес е дојдено до девалвација на поимот херој кој, посебно во медиумите, се употребува лесно. Исто така, тој наведува дека најдобрите ТВ серии се, всушност, барометар за периодот во кој настанале. Денешните јунаци во многу нешта се разликуваат од хероите од пред две или три децении – тие го претставуваат радикално изменетиот свет. Најдобар пример за тоа е неповторливиот лик на Тони Сопрано, „добриот криминалец“ и семеен човек кој во една од епизодите, водејќи ја ќерка си во обиколка на идниот нејзин универзитет, ладнокрвно го убива криминалниот конкурент. И дали ние потоа го осудуваме и презираме? Не, тој и понатаму е извор на нашата трајна фасцинација.

Или, да речеме, лажливиот Дон Драпер од Mad Man кој не само што лесно манипулира со вистината во професионалниот живот, туку непрестајно лаже и дома, и тоа оние кои ги сака. Но наспроти тоа, сите мажи сакаат да бидат како него, додека жените... едноставно го сакаат.

Кој  кому и зошто?

Што се слуи со светот за речиси целосно да се промени ДНК на херојот, се прашува професорот Герет. Речиси до неодамна светов беше едноставен, без морални амбивалентности, а архетипските ликови на престапниците секогаш можеа да се најдат во образецот на нацистите. Причините и поводот за Втората Светска војна никогаш не беа доведени во сомнеж. Но што би рекле за денес, кога се војува во Авганистан, Ирак, Израел и Палестина? А да не говориме за тоа дека сме далеку од расчистување на тоа кој-кого-и-зошто во неодамнешните балкански судири и војни? Што е со актуелната американска војна против терористите? Всушност, сите војни од Втората Светска војна па наваму на некој начин беа морално дволични.

Веројатно и во тоа треба да се бара една од причините зошто во 21-от век светот на ТВ драмите го презедоа антихероите. Новиот период почна кон крајот на минатиот век со серијата на генијалниот сценарист Дејвид Чејс „Сопранови“. Иако серијата престана да се прикажува пред три години, нашата фасцинација со Тони Сопрано не се намалува; тој е еден од најзначајните поп-појави на денешнината; епски лик на трагата на харизматичните фаци од големите романи.

Моралниот компас на денешнината е целосно дезориентиран. Повеќе не постојат строги поделби на добри и лоши ликови. Главните ликови од сериите како „24“ и „Д-р Хаус“ се морално крајно сомнителни ликови. Џек Бауер подеднакво се измачува себе си како и своите непријатели. Грегори Хаус, кој го глуми Хју Лори, е човекомрзец и наркоман кој би требало да го осудуваме, но наместо тоа тој е глобално обожаван. Главната привлечност на овие серии е во тоа што, освен што се сјајно напишани, режирани и имаат фантастична актерска екипа, е дека ги гледаме обичните луѓе, познајници од соседството, во необични ситуации. Зошто? Бидејќи можеби го гледаме образецот на сопственото однесување во овие тешки, крајно релативизирани времиња?

Миленици на таблоидите

Неодамна списанието Newsweek објави текст со наслов „Премногу лоши работи“ во кој се анализира тоа дека на телевизија денес повеќе никој не може да биде сосем добар, т.е. зол и дека поради тоа страдаме од „презаситеност со антихерои“. И тоа не се однесува само на драмската продукција, туку и на комедиите. Најдобар пример за тоа е култната серија на Рики Герваис „Канцеларија“, чиј главен јунак е најлигавиот шеф на светот.

Професорот Герет својата теза ја завршува со тврдењето дека нема враќање кон старите, класични херои. Нема повеќе возвишени јунаци – настапува времето на антијунаците, себични, сомничави, но и со крајно сомнителни мотиви. Исто како и денешните политичари, спортисти, бизнисмени и останатите миленици на таблоидите.

Извор: jutarnjilist.hr

ОкоБоли главаВицФото