Бели простори, Зен и aпстрактна калиграфија

18.11.2014 10:43
Бели простори, Зен и aпстрактна калиграфија

Кога потегот е калиграфски? По што се разликува од некој друг „обичен“ потег со четката? Што е тоа толку посебно во апстрактната калиграфија?

Би рекле, потегот е калиграфски кога во себе има интегритет и е заокружена целина, енергетска, мисловна, знаковна.

Ханс Хартунг (Hans Hartung) успева целиот да се внесе во гестот, во она карактеристично хартунговско повторување на потегот (сликата подолу). Едноставни, елементарни потези се редат, еден, два, три...сè додека сета енергија не се слее на платното. Сè додека не се испразни енергијата (бојата, внатрешната содржина, набојот) низ тоа специфично ткаење на потезите.

Потребата на современиот човек за чиста линија, чиста форма и естетиката на чисти бои како израз на интензивни чувства, произлегува од неговиот начин на живеење. Тоа е присутно, секако, во најразвиените општества денес. Колку повеќе сме свесни за материјалниот свет околу нас, за дизајнот на ентериерите и предметите кои ги ползуваме во секојдневниот живот, за складноста на урбаниот простор во кој живееме, тоа се рефлектира во нашиот внатрешен живот. Чиста форма, чиста боја и чиста средина делува стимулативно и позитивно.

Се разбира, кога сето тоа преминува во стерилност на една формалистичка естетика, е другата крајност, која јас, исто така, не ја прифаќам.

Во ова наше денешно многу динамично време, кога многу „се нема време“, опкружувањето, неизбежно, се гради низ прочистени, геометриски или органски форми (архитектура, дизајн) кои се функционални и практични. Прилагодени се „на природниот проток на енергијата“, на потребите на нашиот многу „динамичен“ човек (кој никако да стигне да постигне сè што има замислено и што посакува). На тоа се додава екологијата, присуството на природните елементи, како баланс на доминантната технологија. Во тие чисти архитектонски и урбани простори и ентериери исполнети со игри на светлината, највпечатливи пунктови на силни чувства и енергии дава апстрактната калиграфија.

Чистотата, едноставноста и „директноста“ на апстрактната калиграфија влече корен од зен уметноста. А есенцијата на таа, сега веќе универзална естетика, е во блискоста со природата, која се негуваше уште кај Кинезите, втопеноста на човекот во природните закони, што создава чувство на сигурност и топлина, хармонијата на микро и макрокосмосот...

Калиграфскиот знак е структурата, а низ структурата се манифестира енергијата, универзалната енергија Чи која проникнува сè...

Кога зборуваме за проток на енергијата, слеана низ потегот, најмногу мислиме на калиграфскиот знак и апстрактното писмо.

Во апстрактниот експресионизам на Њујоркшката ликовна сцена во 60-тите години од минатиот век, се случува тој силен зафат на енергијата низ гестот.

Некои од тие сликари, како на пример Марк Тоби (Mark Tobey), ја проучувале источната калиграфија и зенот. Неговите „бели пишувања“ се израз на тој дух како и Медитативните серии подоцна.

Големото „ослободување“ кое се случува во тоа време е израз на непосредното слевање, без посредство или ограничувања на традиционалната форма, метод и техника, значи, директно слевање низ потегот, гестот, акцијата. Сликарството се случува со движење на целото тело, бидејќи, за да се насликаат толкави формати, навистина е потребна не само физичка енергија туку и танц околу или пред платното. Џексон Полок (Jackson Pollock) танцува директно на платното во таканаречениот дрипинг стил...

Тоa е реминисценција на танцот на Американските Индијанци, околу огнот, кружниот танц за привикување дожд или за добар плод на земјата...

Допирни точки на сликарството со модерниот балет.

Друга заедничка карактеристика меѓу зен сликарството и апстрактната калиграфија, освен во непосредниот проток на енергијата низ потегот, гестот, е таканаречената Полна Празнина. Како што тишината и полната празнина се суштина на хаику поезијата или суми сликарството или садовите за чајна церемонија или зен градините, така Таа е во заднината и на апстрактната калиграфија. За изведба на калиграфското дело примарна е подготовката, внатрешната психолошка состојба до која се доведуваме. 99% од сликата е состојбата на полна празнина, 1% е изведбата на потегот. За да се доведеме до таа состојба во која се акумулирани екстракти на искуства + празнина, значи полна празнина, треба да се помине 99% од потребното времето за реализација на онаа слика најгоре. А само во неколку минути се насликува, кога импресијата/експресијата избликнува низ потегот. И толку. Нема друга теорија и нема правила...

„Апстрактното калиграфско писмо е текст кој е апстрактен, не допрен до свеста, заумен, изразен преку апстрактно семантичко писмо, кое во себе има некаков енергетски тек и кинетички ефекти. Знаците на тоа писмо се заокружени динамични целини. Апстрактната заумна мисла изразена преку апстрактната калиграфија има некаков внатрешно-природен-ритам, почеток и крај и е конзистентна (згусната) структурална целина...“

Фузија на старото и новото, на традицијата и модерното време, низ чисти форми, чисти „бели“ простори, динамика која дише и која креативно-стимулативно дејствува и силни калиграфски изливи на енергијата како акценти во боја или знаковно писмо е духот на ова наше време, меѓудругото.

Тој дух изразен низ едноставни но префинети и „строги“ облици, многу му должи на зенот и Јапонија...

Будистички храм под вода, Тадао Андо, Јапонија

Слика најгоре: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото