17 ноември - Грција

18.11.2014 15:01
17 ноември - Грција

Допатував во Атина во октомври 1973, само една недела пред немирите на годишниот парастос на Георгиос Папандреу (таткото на Андреас), кои ја означија побуната против воената диктатура, против полковникот. Во третата недела од мојот атински живот, на 16 ноември 1973, во петок попладне, одлучив да го обиколам Археолошкиот односно Националниот музеј во улицата Патисион. Тогаш сè уште не разбирав ништо од говорниот јазик - бев писмена, но глува - читав грчки и разбирав што пишува, но не разбирав што зборуваат луѓето. До музејот се наоѓа дел од универзитетот, Политехника. Стигнав со последниот тролејбус, бидејќи линијата после Политехника беше затворена. Тролејбусите веќе беа поставени така што го опкружуваа и затвораа квартот, во дворот на Политехника и на улицата имаше илјадници студенти со транспаренти, со пароли отворено против хунтата и за демократија. Тие се затворија на факултетот претходниот ден, како што пишуваше на плакатите: секако, медиумите не објавија ништо за тоа. Не можеше да се оди никаде од кругот возила на јавниот сообраќај и полициските коли, кој полицијата го направи, музејот беше затворен. Не сакав да одам никаде, само читав сè што беше напишано - а имаше многу на оградите, прозорците, насекаде имаше летоци. Се обидував да ги разберам паролите кои ги извикуваа студентите. Така го поминав времето речиси до полноќ, кога се обидов од страна да влезам во дворот на Политехника. Тука ме фати еден полицаец и ми ги побара документите. Кога го виде мојот пасош, само ме извлече од кругот, ме протна меѓу тролејбусите и ми свика да се оддалечам. Не ми преостана ништо друго. Можеби ми го спаси животот.

Дојдов дома пеш на другиот крај на Атина, и ја најдов газдарицата со сосетките пред телевизорот. Покрај фотографијата на водачот на хунтата Пападопулос одеше невозможен текст на катаревусa (официјалната, архаизирана јазична верзија која повеќето граѓани не ја разбираа), а освен невештата монтажа на снимките се гледаше дури и тоа дека ранетите студенти ги тепаат во возилата на брза помош. во 3:30 наутро тенк ja разурна оградата и војската влезе на Политехника. Ни денес не се знае колку точно жртви имаше: 40 или 400? Преносот на студентското радио од Политехника, кој се емитуваше сè додека полицајците не провалија во собата со апаратите, подоцна излезе како плоча. Следното утро се качив на тролејбус на Булеварот Кралица Софија, но немаше возила. Тргнав со останатите луѓе кон Синтагма, а потоа на булеварот се појавија тенкови, прекриени со прашина. Разбрав дека дошле од Лариса. Запукаа од Синтагма. Почнавме да бегаме назад. Трчав со една млада жена, заедно ја туркавме количката со нејзиното дете. Знам само дека се згрбавив, бидејќи бев повисока од повеќето Грци околу себе. Кога дојдов дома, веќе беше прогласен полициски час од 24 часа. На аголот од нашата улица заскитан куршум уби човек. Навечер моите познаници, неколку југословенски дипломати, ме одведоа на возење низ градот. Се возевме и по Патисион, улицата каде претходниот ден отидов во музејот, а завршив на револуција. Најголемиот дел од улицата, долга околу 4 километри низ градот, од двете страни беше поркиен со струганици, за да се покријат трагите од крвта. Следните денови морав да останам дома поради полицискиот час. Подоцна, кога полковниците ги заменија генералите, почнав да препознавам и да учам: цевка од автомат, вперена во стомакот на влезот во која било јавна установа; молчалива жена пред влезот во воената полиција во моето соседство, познато место за мачење; песните на Теодоракис во локалите, кои сите ги знаат напамет, и ги пееја кревајќи ги рацете како да се во лисици.

Подоцна, во декември, огранок на Црн септември киднапираше авион на Луфтханза и тврдеше дека ќе се залета кон Партенон, доколку не бидат пуштени од затвор Палестинците кои во име на организацијата масакрирале патници на атинскиот аеродром во месец август. Кога ги уапсија и ги објавија нивните фотографии во весниците, ги препознавме двајцата палестински колеги од курсот по грчки за студенти од странство. Грција тогаш беше чудно прибежиште: меѓу колегите имав поранешни припадници на ИРА, кои се криеја од своите поранешни пријатели, Аргентинка која како комунистички тупамарос нашла засолниште во земја под воена диктатура, Сириец кој побегнал од режимот, Јапонци католици и православци, кои се подготвуваа за студии по теологија... Полковниците се обидуваа да го нервираат западниот свет и со тоа што ги прифаќаа...

Наставата престана, пучовите, полувоената состојба и агонијата на режимот продолжија сè до летото, кога е предизвикана кипарската криза а потоа и краткотрајната војна, главно по заслуга на Кисинџер. Летото го одбележаа Грците кои се враќаа, од конзервативните политичари кои повторно ја освоија власта - до душа парламентарна - до затворениците кои поминаа години по затворите, и прогонетите од сите страни на светот. На пристаништата од фериботите излегуваа радосни луѓе, на аеродромите секој ден имаше весели дочеци, весниците беа полни со имињата на оние кои се вратиле. Грција повторно ја доби својата интелигенција, културна елита, техничка интелигенција. За тоа се жртвуваа студентите, оние најсиромашните, на кои полковничкиот режим првпат им овозможи школување. Го прочитаа што треба и ги симнаа полковниците. Европа и остатокот од светот сфаќаа бавно, како и обично: студентот по геологија од Крф, Костас Георгакис на 19 септември 1970 година се запали на плоштадот во Џенова, во раните утрински часови, во знак на протест против воената диктатура во неговата земја.

Денес на прославата во Атина во дворот и пред Политехника се појавуваат знамиња и пароли на Република Доњецк и портрети на Сталин - секако, не единствените. Очајот на младината, а посебно на студентите, не смее да се превиди.

Извор: Peščanik.net, 17.11.2014.

Слични содржини

Балкан / Историја
Европа / Историја
Балкан / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото