Оставка ≠ одземање на мандат

19.11.2014 09:33
Оставка ≠ одземање на мандат

Медиумите известија дека е дојдено време да бидат одземени мандатите на пратениците на СДСМ кои отсуствуваат од работењето на Собранието (Почнува постапката за одземање на мандатите на опозиционерите, Започнува собраниската постапка за опозиционерите, Шест месеци надвор од Парламентот, истекува рокот за одземање на опозициските мандати, Ќе остане ли опозицијата без пратеници?, …) . Известувањето се базира единствено на изјавите дадени од претставници на власта. Во известувањето се спомнува Деловникот на Собранието и процедурата за одземање на мандатот. Според „Фактор“, на пример: „Постапката почна – дали пратениците на СДСМ ќе останат без мандатите?“

„Собранието ја започна постапката за одземање на мандатите на пратениците од опозицијата, кои повеќе од шест месеци по верификацијата на мандатите не се во собраниските клупи.

Според собраниски извори, владејачкото мнозинство е подготвено постапката да ја одолговлекува за да се даде уште една шанса на политичкиот дијалог. Сепак, се очекува самиот почеток на процедурата да направи притисок врз оние пратеници од опозицијата кои се залагаат за прекин на бојкотот.“

Според „А1он“:

„Денеска истекуваат уставните 6 месеци од верификацијата на 34 -те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието, или рокот во кој треба да седнат во пратеничките клупи. Во спротивно се соочуваат со постапка за одземање на мандатите.“

Според „24Вести“:

„Досега во 23 години демократија во Македонија биле одземени само два мандати: на покојниот почесен претседател на ДПА – Арбен Џафери и на екс пратеникот Хисни Шаќири.“

„Нова Македонија“ е единствен медиум во кој се спомнува дека пратениците на СДСМ поднеле оставка, дури се спомнуваат и елементите кои се поврзани со поднесувањето на овие оставки, меѓутоа текстот продолжува без никакво проблематизирање на контрадикторноста меѓу фактот дека се поднесени оставки и последната најава за одземање на мандатите. Според „Нова Македонија“:

„…засега нема никакви најави од Собранието дека ќе се одржи седница на која ќе се верификуваат оставките на пратениците на СДСМ и нивните мандати ќе им се понудат на тие подолу на кандидатските листи. Сепак, за тоа треба да се донесе одлука, која не оди по автоматизам.

И во 2010 година, кога ДПА го бојкотираше Собранието речиси седум месеци, не се поведе таква постапка бидејќи нивното отсуство се сметаше за оправдано затоа што пратениците јавно најавиле дека од политички причини нема да учествуваат во неговата работа

Иако овие пратеници прво побараа да не им се верификуваат мандатите, сепак Собранието го потврди нивниот избор, па затоа тие поднесоа писмени оставки. Сѐ уште се чека да се констатираат тие оставки.“

Само пред пет месеци, истите овие медиуми известуваа за оставките поднесени од избраните кандидати од опозициската коалиција на СДСМ.

Во мај 2014 година, медиумите известуваа за поднесените оставки од пратениците на СДСМ. На пример, „Фактор“ известува дека:

„Според Изборниот законик, ако пратеник поднесе оставка, Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот од денот на одржувањето на седницата по што пратеничкиот мандат се префрлува на наредниот кандидат од листата на истата партија или коалиција.“

Дел од медиумите известуваат за прифаќањето на оставката поднесена од страна на Руфи Османи (Либертас, Нова Македонија, …)

„На денешната седница, трета по ред, Собранието на Република Македонија, констатираше дека на лидерот на НДП, Руфи Османи, му прекинува мандатот.“

Дел од медиумите во овој период пренесуваат и изјави на релевантни субјекти кои се однесуваат на постапката за поднесување оставка. На пример, во „Курир“ се вели:

„Новаковски праша зошто сега не следат оставки бидејќи не слушнал некој да достави оставки.

Ние имаме системи каде мандатот се враќа до ДИК, кај нас не. Кај нас се враќа до Собрание. Овој термин “неприфаќање на мандат“ е многу редок термин. Има земји каде не може да се врати мандат. Во нашето законодавство тој термин го нема и строго е предвидено, затоа јас тоа го сметам за преседан, предвидено е дека треба да се даде оставка.“

Според „24Вести“:

„Собранието и официјално ќе остане без опозиција. Пратениците на Заев ги доставија своите оставки. Од избраните 34 пратеника, 33 нема да седнат во собранските клупи.

Според Изборниот законик, ако пратеник поднесе оставка, Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот од денот на одржувањето на седницата. Тогаш пратеничкиот мандат се префрлува на наредниот кандидат од листата на истата партија или коалиција.

За тоа, ДИК треба да го извести кандидатот од листата во рок од три дена. Ако наредниот кандидат во рок од 8 дена не ја извести ДИК дека го прифаќа мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат, се додека не се исцрпи листата. Ако никој од листите на СДСМ не прифати да биде пратеник, Изборниот законик предвидува дополнителни избори.“

Пред пет месеци, во весникот „Дневник“ под насловот “Пратениците од СДСМ можат оставките во собрание да ги достават и писмено“ е направена анализа во која се понудени модалитети за поднесување на оставките на пратениците:

„Сепак, од 2008 година Вељаноски при оставките на повеќе пратеници во минатите состави даде пошироко толкување овозможувајќи им на пратениците кои повеќе не сакаат да седат во пратеничките клупи оставката да ја депонираат писмено во собраниската архива, при што таа ќе биде констатирана на седница. За Вељаноски е битно оставката да биде потпишана своерачно, т.е. лично од самиот пратеник. Тој остана доследен на ваквата пракса и вчера во случајот со оставката на Османи.“

Се поставува прашањето:

-зошто медиумите не прават разлика меѓу две сосеми различни основи за престанок на мандатoт на пратеникот (оставка и одземање на мандат), кои се дефинирани во Уставот на Република Македонија и во различни членови на Изборниот законик, Законот за пратеници, Законот за Собранието на Република Македонија и во Деловникот на Собранието;
-зошто медиумите по повод исто прашање во еден момент се повикуваат на Уставот и на законите, а во друг момент, за истото тоа прашање се задоволуваат единствено со пренесување на изјави на претставници на власта;
-зошто медиумите не ги користат законските одредби за поставување соодветни прашања до претставниците на власта и, секако,
-зошто медиумите не се повикуваат на сопствените написи/информации/анализи кои ги пласирале неколку месеци претходно кога известуваат за проблематика што има видлив континуитет, односно, станува збор за една иста информација?

Медиумите пропуштија многу добра шанса да адресираат еден продолжен акт на повредување на Уставот и на законите.

Прво, не го адресираа соодветно прашањето на процедурата која е предвидена во нашиот изборен систем, доколку избраниот кандидат не стане пратеник (од најразлични причини) да биде заменет со наредниот кандидат од листата на кандидати. Зошто оваа можност за прифаќање на мандатот би требало да важи за едни кандидати, а да не важи за други?

Потоа, не ја проблематизираа нееднаквоста во постапувањето на претседателот на Собранието кон различни пратеници. Имено, со тоа што претседателот на Собранието веќе прифатил оставка дадена во писмена форма од еден пратеник, секое поинакво постапување понатаму може да се третира како дискриминирачко.

Трето, не го идентификуваа намерното мешање на различните институти (неприфаќање на мандат, оставка и одземање на мандат). Неприфаќањето на мандатот и оставката претставуваат акт на слободен избор на избраните кандидати/пратеници. Одземањето на мандатот е казна.

И, на крај, ја дистрибуираа замената на теза која ја направи власта (наместо одговорност на претседателот на Собранието за злоупотреба на функцијата и несоодветна примена на Уставот и на законите, да се побара одговорност и санкција за кандидатите за пратеници кои се обиделе да го остварат уставно гарантираното право на поднесување оставка, односно неприфаќање на мандатот).

На тој начин, медиумите не само што пропуштија шанса за соодветно информирање, туку пренесоа и дистрибуираа дезинформација.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото