His Master's Voice (3)

19.11.2014 09:48
His Master's Voice (3)

Лингвистика на не-гласот (1)

Покрај акцентот, интонацијата и бојата, квалитети својствени на гласот во говор, на нашиот пат кон гласот како објект можеме кратко да се осврнеме и кон манифестирањето на гласот надвор од говор. Малку школски, тие манифестации можат да се поделат на „предјазички“ и „постјазички“ феномени, гласови пред и после означителот (на пр. Parret 2002, 28). Во гласови пред означување се вбројуваат физиолошките појави како кашлањето и икањето, кои како да го поврзуваат човечкиот глас со животинската природа. Така читаме кај Аристотел:

Затоа гласот е удар на воздух, кој го вдишува душата која се наоѓа во тие делови на телото, удар против таканаречениот душник. Не е имено глас секој звук на животното, како што рековме (звукот, се разбира, може да се произведува и со јазик како и со кашлање), туку е потребно суштеството кое го произведува ударот да биде живо и тоа да го прави со некоја слика и прилика во душата. Гласот имено е значењски звук, а не звук на вдишан воздух како кашлање. Со тој воздух живото суштество го удира воздухот во душникот и против него (Aristotel 1987, За душата, 420б 28-37).

Ако гласот е „звук на суштество со душа“ (420б 6), кашлањето е глас без душа кој престанува да биде вистински глас. И кашлањето и икањето настануваат без намера на говорникот и против неговата или нејзината волја, та претставуваат прекин во говорот, попречување на патот кон значењето, упад на физиологијата во структурата. Но, овде се случува еден интересен пресврт: овие гласови, колку и да се телесни и непривлечни, речиси никогаш не ѝ се надворешни на структурата - напротив, тие подеднакво можат да влезат во нејзиното средиште или да станат нејзин двојник. Лесно е да се види дека постои цела „семиотика на кашлањето“: кашламе подготвувајќи се за говор, кашлањето се користи во вид на Јакобсоновата фатичка кoмуникација така што со него се воспоставува комуникациски канал; со кашлање се купува време за размислување, или тоа претставува ироничен коментар кој ја загрозува смислата на говорот; тоа е предупредување за нечие присуство, прекин на непријатна тишина, дел од прагматиката на телефонската комуникација (види Parret 2002: 32). Кашлањето е можеби без лингвистички обележја, бинарни опозиции, препознатливи одлики, освен најважната: токму она неартикулираното станува модус на артикулираното, предсимболичкото стекнува вредност исклучиво во спротиставеноста со симболичкото, та затоа и самото е крцато со oзначување токму благодарение на тоа дека нема означителска природа. Наспроти фактот дека е физиолошко и неартикулирано, кашлањето не може да ѝ побегне на структурата. Дотолку, токму благодарение на неговата неартикулирана природа, тоа дури може да стане отелотворение на врвна смисла.

Како крунски доказ доволно е да се наведе само еден пример: најпознатото икање во историјата на филозофијата, она со коешто Аристофан ненадејно бил обземен во Платоновата Гозба, баш во моментот кога на него дошол ред да одржи говор во пофалба на љубовта:

А кога Паусаниј направи пауса - вака на слико-зборување ме учат нашите мудреци1 - требаше, рече Аристодем, да зборува Аристофан; но него токму тогаш, или од премногу јадење или инаку од нешто друго, го нападна такво икање, та не можеше да зборува, туку само рече - оти малку пониско од него лежеше лекарот Ериксимах: О Ериксимах, должноста е твоја или да ме ослободиш од икањево или да говориш наместо мене додека ова не ми престане.

И Ериксимах одговорил: Добро, ќе го направам и едното и другото! Јас ќе зборувам наместо тебе, а ти, кога тоа ќе ти престане, наместо мене. А додека јас ќе говорам, можеби икањето ќе ти престане, ако сакаш да го сопреш дишењето подолго време; доколку не, испери го грлото со вода. Ако е пак мошне силно, земи нешто со што ќе го надразниш носот, и потоа кивни; и ако го направиш тоа еднаш или два пати, ќе ти престане, ако и мошне силно биде. (Platon 2008:XII)

Икањето било толку упорно што Аристофан морал да ги примени сите совети на Ериксимах, и taka даровитиот лекар влегол во историјата онака како што и неговото име навестува - како борец против икањето.

Што значи икањето на Аристофан? Тој ненамерен упад на неконтролиран глас кој го пореметил редоследот на говорниците во строго структурираната драматургија на овој дијалог? Дали икањето може да биде филозофски исказ? Кое е значењето на тоа дека Аристофановиот говор, најпознат од сите текстови на Платон, фројдовска парабола за половината што недостасува, е одложен благодарение на икањето? Толкувачите биле во недоумица повеќе од две илјади години; едни сметале дека е тоа само Платоново веродостојно прикажување на гастрономско-филозофска гозба (случај на пантрагруелизам, како што го формулира Тејлор), други мислеле дека станува збор за комично интермецо кое го претставува писателот на комедијата во препознатлив манир; најчесто, сепак, претпоставувале дека сè не е толку наивно и дека мора да постои скриено значење. Лакан се позанимавал со детално читање на Гозба во рамките на семинарот за трансфер (1960/61), и во пресуден момент решил да се обрати на својот филозофски ментор, Александар Кожев (Alexandre Kojeve). На крајот од разговорот, во моментот кога Лакан заминувал, Кожев му го дал следниов предлог за размислување: „Никогаш нема да можете да ја толкувате Гозба доколку не знаете зошто Аристофан ика.“ (Lacan 1991:78). Самиот Кожев не ја предал тајната; го оставил Лакан прилично збунет, но понудил поставка според која целокупната интерпретација зависи од разбирањето на овој неразбирлив глас, за кој само можеме да ја предложиме формулата: тоа значи дека значи. Овој несакан глас кој допира од утробата на телото може да се сфати како Платонова верзија на mana: згуснување на бесмислен звук и на недостижно највисоко знаење, нешто што дава последен збор за смислата на целината. Овој предкултурален, не-културален глас можеме да го сметаме за нулта точка на означувањето, случај на значење кој сам по себе не значи ништо, точка околу која други - смислени - гласови можат да се распоредуваат, како во средиштето на структурата да почива икањето. Гласот е пократок пат меѓу природата и културата, физиологијата и структурата: неговата вулгарна природа загадочно се транссупстантивира во значење tout court.2

По дефиниција, отелотворување на предсимболичката употреба на гласот е гукањето и црцорењето на мало дете. Во својот технички аспект, овој израз ги покрива сите модалитети на експериментирање со глас коишто детето ги спроведува пред да научи да го користи на стандарден и кодификуван начин. Тоа е глас кој му припаѓа на детето судејќи по неговиот назив - in-fans, оној што знае да говори. Многумина лингвисти и детски психолози (меѓу кои најпознат е Пијаже) детално го проучиле проблемов бидејќи тука станува збор за лингвистички најважниот чекор кој ги поврзува гласот и означителот, а истовремено и за најчувствителната развојна фаза на премин од новороденче во битие способно да говори. Во тоа виделе „ненамерен егоцентричен солилоквиј на детето“, „биолошки продолжен ’јазичен делириум’“, итн. (добар преглед на вакви стојалишта е даден во Јакобсон 1968: 24 и потаму), хаотична гласовна продукција со која постепено овладува волјата за комуницирање и за дисциплинирано прифаќање на кодот. Но, стапнати сме во илузија ако сметаме дека на тоа место ќе ја фатиме солипсистичката и квазибиолошката форма на гласот кој претходи на говорот. Лакан за миг застанува за со тоа да се позанимава во Семинарот XI:

Пијажеовската грешка - на оние кои можат да помислат дека ова е неологизам им порачувам дека мислам на господинот Пијаже - почива во претпоставката за егоцентричниот дискурс на детето дефиниран како фаза во која недостасува... реципрочност... Детето, во овој дискурс кој може звучно да се забележи, не говори за себе, како што тоа се вели. Без сомневање, тоа не се обраќа на некој друг, доколку овде ја употребиме теориската дистинкција изведена од функцијата на едно Јас и ти. Но тука мора да има и други... - тие не се обраќаат на одредена особа, тие само им говорат, ако ми дозволите така да се изразам, на сите присутни (à la cantonade). Овој егоцентричен дискурс е случај на поздрав за ушите на добриот слушател! (Lacan 1979: 208)

Малите деца не гугаат тукутака. Тие не му се обраќаат на некој конкретен соговорник, но нивниот солипсизам без разлика е фатен во структурата на обраќањето; говорат некому кој е зад кулисите, à la cantonade, како што тоа се вели во жаргонот на францускиот театар; тие зборуваат à la cantonade - накусо, a Lacan - некому кој ги слуша, на добриот слушател кому можат да упатат поздрав (a bon entendeur salut). Така што овој глас, иако не изговара ништо разбирливо, е веќе однапред фатен во дискурсот и ја прикажува структурата на обраќањето.

_______________________________________________

[1] Pausaniou pausamenou - Платон прави досетка на грчки, користејќи ја истозвучноста, а реторичарите на кои иронично се повикува без сомневање се софисти; при што софистиката, на ужас на Платон, се појавува како вид мислење засновано не само на значења и идеи туку и на непостојаната природа на хомонимите, на вербалните досетки, игрите со зборови итн. - на сето она што Лакан ќе го собере во концептот lalangue и што е значајно за нашата тема, гласот. На тоа ќе се вратам малку подоцна. Како најдобар приказ на тоа, само можам да го упатам читателот кон извонредната книга на Барбара Касен (Barbara Cassin) L'effet sophistique (Paris: Gallimard, 1995).

[2] Да направиме брз премин од Платон кон Лубич (Lubitsch): во филмот That Uncertain Feeling од 1941 година, имаме еден од брилијантните Лубичеви уводи. Жена доаѓа кај аналитичар бидејќи ика. За почеток тука се само жената и гласот-симптом, несаканиот глас кој ги сожима сите нејзини проблеми и кого таа не се осмелува да го именува. Се чини непристојно, тоа не ѝ доликува на дама, премногу е тривијално, така што таа го опишува својот проблем на следниов начин: „Тоа доаѓа и си заминува. Кога доаѓа, јас тогаш заминувам, а кога јас доаѓам, тоа заминува“. „Его и ид“, би можело да се рече, при што икањето се појавува како „она“, несомнено ид кој го занесува субјектот и го сожима нејзиното битие. И сигурно нема да можете да го толкувате Лубич ако не знаете зошто Мерле Оберон икала.

кон вториот дел на текстов

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Слики: Francesco Bassano Помладиот, Орфеј ги заведува животните, 16 век, George de Forest Brush, Орфеј , 1890, John Macallan Swan, Орфеј, 1896, Jean-Baptiste-Camille Corot, Орфеј ја изведува Евридика од подземјето, 1861

Извор: His Master's Voice, Suhrkamp, 2007

Слични содржини

Култура / Теорија
Култура / Теорија
Култура / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото