Осми март

19.11.2014 12:23
Осми март

 

Осми март (фрагмент)

На долгата маса во ресторанот „Три фазана“ се погоди да седам до Тони. Тони ми е колега неколку години постар од мене. Имаме завршено во иста гимназија и на ист факултет, каде што едно време беше асистент, а сега работиме заедно и разговорот добро ни оди. Посебно што и Тони е женет и има едно дете. Со Тони веднаш ја измеркавме Ирена кога влезе. Додека се поздравуваше со другите колеги, го искоментиравме нејзиниот изглед. „Види го ти Иренчето“, рече Тони. „Да не ѝ се случува нешто?“, ми упати ѓаволски поглед и двајцата се закикотевме. Ирена носеше црн фустан што се закопчуваше на средина и ѝ стигаше до колениците. Не носеше штикли, ама фустанот оставаше впечаток бидејќи добро ѝ ги оцртуваше облините. Носеше зелени камени обетки во облик на солзи, зелено чантиче и зелени чевли. Се беше потрудила. Не ми беше јасно зошто – нели е феминистка. Имаше празно место до мене, па тука седна.

Тони веќе имаше пивнато од ракијата и како џентлмен ми сипаше и мене секојпат кога чашата малку ќе ми се подизспразнеше. И на Ирена ѝ сипа ракија.

„Многу добро изгледаш, Ирена“, ѝ реков јас.

„Фала“, рече таа и почна да си го грицка нокотот од палецот. Да носеше кармин, сигурно ќе си го размачкаше.

„Да, одлично, освежено, привлечно. Да те видиме и тебе малку“, се смешкаше Тони, „да видиме што имаш да понудиш. Ха-ха-ха“.

Ирена продолжи со грицкањето. „Благодарам“, рече откако од уста извади едно кожинче. Колку грозно, си помислив.

„Да не одиш после некаде со дечкото?“, ја прашав, бидејќи знаев дека има дечко веќе долго време.

„Ќе излеземе најверојатно после, да“, ми одговори.

„Пфффф, дечко“, рече Тони. „Уште ли со дечковци на ваши години?“

Ирена се токмеше да каже нешто, но Тони ја прекина.

„Колку години имаш сега? 31? И заврши со магистерски и докторати – што чекаш?“, Тони игриво ја буцна по рамото и ѝ намигна.

„Да, што не се земете?“, ја прашав јас. Навистина ме интересираше. Не можев да сфатам зошто луѓето го прават тоа, живеат диво. Си мислев дека можеби едниот од нив не сака брак, зашто сака да почека да не му се падне нешто подобро од тоа што го има во моментот.

Ирена ги крена рамениците. „Нема потреба. Заедно живееме со години. Исто е ко да сме во брак.“

„А не, извини“, рече Тони. „Брак си е брак. Договор си е договор. Вака немаш доверба.“

„Ајде, одамна не сме заиграле на свадба“, се замешав јас.

„Ма не мора свадба, едно бајадерче донеси ни и ние ќе се веселиме!“, викна Тони и ја крена чашката со ракија за да наздрави со нас. Тројцата се чукнавме со чашите. Ирена неволно го стори тоа.

„Знаеш што ми се јаде многу?“, ми рече Тони наеднаш и се потфати за мевот со едната рака, а со другата се истегна. Беше светнат во очите, од ракијата. „Џигерчиња.“

Наеднаш и мене ми се пријадоа џигерчиња.

„Уф, како би си к’снала и јас“, му признав. „Ама лукот –“

„Остај ти лук, тоа нека му мислат немажените“, рече и насмеано ја погледна Ирена.

Настана непријатна тишина бидејќи Ирена не се насмевна.

„Ама добро, најсериозно. Тој дечко ти што чека? Ќе ти пројде возот, еееј! Нема да можеш да затрудниш!“, рече Тони.

Ирена се обиде нешто да каже, ама изгледаше несигурно па ја прекинав оти наеднаш, можеби поради ракијата, ме заплисна голема среќа што сум мајка и професионалец. Згора на тоа, што сум отмена и добро негувана жена. Ирена ја почувствував како ученичка на која треба да ѝ дадам животен совет, како што мојата менторка ми даваше животни совети мене.

„Најбитна работа на светот е да имаш деца. Јас првото на 27 го родив, и сега ми е многу криво што порано не сум го направила тоа.“

„Да. Мене ми е криво што само едно дете имам. Нема поголемо богатство од децата“, рече Тони и ме погледна со разбирање.

„Ништо во животот нема да те исполни како што ќе те исполни детето“, продолжив јас, оти некако бев инспирирана. „Жена што не е мајка е нереализирана жена“, реков и помислив на мојата немажена тетка што боледуваше од хипохондрија.

„Што не им се качувате на глава за ова на моите постари колешки?“, наеднаш прозбори Ирена. Зборовите несмасно ѝ се истркалаа од уста.

„За нив веќе нема надеж. По 36-7 години имаат и немажени останаа. Зарем сакаш да те гледаме тебе така како што ти ги гледаш сега нив?“, ѝ рече Тони. И тој ја гледаше како мене, со загриженост. На почетокот се шегуваше, но сега сфатив дека и јас и Тони го правиме ова од грижа и од одговорност спрема нашата млада колешка со многу потенцијал да биде и убава и општествено успешна жена.

„Како ги гледам јас сега нив?“, Ирена се намршти и една остра брчка ѝ се појави меѓу веѓите. Одеднаш изгледаше многу постаро.

Тони го стиши гласот и се наведна накај Ирена. Фрли поглед кон другите гости на масата да види да не нè слушаат. Но виолинистот и гитаристот од групата што настапуваше се имаа симнато од малата бина и им свиреа на увце на две пензионерки од институтот, па сите гледаа во нив и плескаа со рацете. „Не ја гледаш Ема колку е исфрустрирана затоа што ѝ помина времето за деца и за маж?“ Ема се караше со сите и цело време тераше правди. Дури и по министерства трчаше да се расправа. Личеше на лезбијка. „Да“, потврдив. „И Невенка. Исто.“ Невенка веќе тераше накај 40.

„Па нели Невенка има дечко?“ праша Ирена.

„Има еден. Тој истиот што ѝ е одамна, ако мислиш на него. Еден така, крупен. Ми се чини дека е доктор на гастро. Значи добар е. Ама знаеш, втора реколта. Тоа ти е. Гледам сега некои мои другарки исто мораат со втора реколта да се гледаат. И со трета. Ама тоа ти е тоа.“ Си замислив колку би било ужасно да се разведам и да морам да се сведам и јас на тоа: да се гледам со разведени мажи што имаат деца.

„Да, и после на мажите им е супер. Ќе си најде некое младо пиле да си има до себе, да му го чува детето. Ти текнува на Мирјана?“, ме праша Тони. „Цел живот го гледаше детето на мажот ѝ и еве ја сега, 45 години има и нема свое дете. Може ќе мора да посвојува.“

И двајцата ја погледнавме Ирена. Молчеше и нервозно си ја чепкаше главата кај тилот, како да корне нешто. Колку грозно, си помислив. Вакви работи не смее да прави во јавност.


Вечерва промоција на книгата раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска

Издавачката куќа Блесок организира промоција на најновата книга раскази од Румена Бужаровска, „Мојот маж“. Промоцијата ќе се одржи на 19 ноември (среда) од 20 до 21 часот, во МКЦ Клуб ресторан. Околу книгата, со авторката ќе разговара Илина Јакимовска. Во меѓувреме, на големите екрани ќе бидат проектирани анонимните записи на читателите на тема „Мојот маж“. Од 21 часот, подиумот ќе го преземе Соња Исмаил со нејзин музички сет. Влезот е слободен.

„Мојот маж“ е трета книга раскази од Румена Бужаровска, после „Чкртки“ (Или-или, 2007) и „Осмица“ (Блесок, 2010).

Само навидум зборувајќи за својот сопруг, нараторките од најновата збирка раскази на Румена Бужаровска, „Мојот маж“, всушност се соголуваат себеси: своите стравови, мрачни тајни, недозволени копнежи, интимни фрустрации. Пренесени низ призмата на сопругата мајка, вдовица, прељубница, уметница, домаќинка, сместени во нашето секојдневие, и раскажани со едноставен јазик кој изобилува и со хумор, и со тага, овие раскази им даваат глас на проблемите за кои општеството ни наложува да молчиме. – вели Калина Малеска во дел од својата рецензија кон книгата.

Слики: Danny Galieote

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото