Новата цензура

19.11.2014 12:24
Новата цензура

Во општиот светски тренд на оддалечување од демократијата, загрозена е слободата на медиумите, а новинарите станаа потрошна стока. Работејќи ја својата работа нема да стекнат моќни пријатели. Дури кога ќе го изневерат својот повик, новинарите стануваат корисни за државите, корпорациите или вооружените групи. Често немаат поддршка од јавноста. Во некои земји е невозможно да ја пишувате вистината, а да не станете предмет на омраза и мета на насилство.

Последниве години известувањето стана активност опасна по живот. Од 2002 до 2012 година, според податоците на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) во светот се убиени 506 новинари, во споредба со 390 деценија порано. Притоа, и во најголемите воени зони како Ирак и Сирија, причина за смртта на новинарите најчесто е убиство, а не смрт во вооружен судир. Оваа промена почна на 11 септември, откако дојде до кршење на широко прифатената идеја за новинарската неутралност. Многу борци, особено џихадисти, ги сметаат новинарите за легитимни мети и корисно пропагандно средство, живи или мртви. Најпознатите случаи се врзуваат за репортерите од запад, од Даниел Перл до Џејмс Фоли, но најзагрозени се оние за кои веројатно никогаш не сте слушнале - некој новински известувач во Тихуана, камерман во Карачи, блогер во Техеран.

Џоел Сајмон, извршниот директор на CPJ, штотуку објави книга под наслов „Новата цензура: Во глобалната битка за медиумска слобода“ (The New Censorship: Inside the Global Battle for Media Freedom). Чудно е чувството кога читате за растечката цензура во време кога изборите се вообичаена појава во целиот свет, кога личните слободи растат дури и во репресивните земји како Кина, додека секоја наносекунда интернетот и социјалните мрежи нè бомбардираат со неселективни информации и секој што има профил на Твитер или Фејсбук може да биде новинар. Но Сајмон убедливо ја застапува тезата за светската тенденција кон помала, а не поголема слобода на медиумите. „Преплавени со податоци, ја губиме од вид пошироката реалност“, пишува тој. „Во целиот свет се воведуваат нови системи за контрола. Тие ја гушат глобалната расправа и ги спречуваат мерките и решенијата кои се темелат на информирано разбирање на локалната стварност. Репресијата и нападите на новинарите достигнуваат рекордно ниво, додека слободата на медиумите опаѓа.“

Во „Новата цензура“ се наведуваат четири главни причини зошто е тоа така. Првата прчина е подемот на избраните лидери, како што се Владимир Путин во Русија, Реџеп Таип Ердоган во Турција и левичарските претседатели во Венецуела, Еквадор и Боливија, кои ја користат својата власт за заплашување на независните новинари попречување на нивната работа. Тие ги злоупотребуваат своите демократски овластувања и владеат како диктатори - Сајмон ги нарекува „демократори“. Тие не го прават тоа само со манипулирање, денунцијации и апсење на критичките новинари, туку и преку создавање атмосфера во која слободата на медиумите се смета за петта колона на политичкиот процес, увозна појава од запад, која во најдобар случај служи за пропагирање на западните интереси - воведува туѓи вредности и предизвикува хаос - а во најлош случај ја подрива националната безбедност и националната гордост.

Демагозите како Путин и Ердоган создаваат тиранија на мнозинството, па дисидентскиот став кој е нормална позиција на независните медиуми лесно може да се изолира, да се обвинат за врски со странците и да се обвинат за општествените проблеми. Од Пекинг до Каракас преовладува идејата дека слободата на изразувањето, со другите јавни слободи, е дел од западната идеологија, а не универзално човеково право. Бидејќи имаат изборна поддршка од граѓаните, овие лидери донекаде се заштитени од кампањите за осуда какви што се покренуваат против поотворените светски диктатори, како што се Ким Јонг Ун од Северна Кореја или кралот Абдула од Саудиска Арабија.

Друг извор на цензура, според Сајмон, е тероризмот. Отсекувањето на главата на Даниел Перл во Карачи е почеток на тенденцијата на претворање на новинарите во мета со висока вредност. Војната во Ирак - најсмртоносната во историјата на новинарството, со 150 загинати, од кои 85 отсто ирачки новинари, најчесто ликвидирани - ја влоши оваа тенденција и го направи заробувањето и егзекуцијата на новинарите нормален дел од медиумската слика. (Мојот пресврт настапи кога известував од Ирак во почетокот на 2004 и сфатив дека ознаката „press“ на ветробранското стакло на автомобилот не пружа никаква заштита, туку привлекува неволји; го замолив мојот возач Ирачанец да ја тргне.) Во Сирија, каде многу странски и локални репортери се жртви на киднапирања и убиства, новинарството е практично укинато.

Екстремното насилство на денешните судири само е зајакнато со технолошкиот напредок. Вооружените групи не мораат да ги штитат новинарите, бидејќи и самите имаат можност - како што гласи она ужасно клише - „да ја раскажат својата приказна“: можат да ги објават своите видео снимки, своите пишани извештаи и твитови, знаејќи дека меѓународните медиуми ќе ги преземат најсензационалните приказни. „Директните врски меѓу производителите и конзументите на содржината им овозможуваат на насилните групи да ги заобиколат традиционалните медиуми и да дојдат до публика преку четовите и веб-сајтовите“, пишува Сајмон. „Новинарите станаа заменливи и со самото тоа загрозени.“

Технолошкиот развој доведе и до укинување на странските дописништва, то ест големото присуство на дописници во градовите како што се Сао Паоло, Најроби и Џакарта. Сајмон почнал како дописник од Мексико Сити во почетокот на деведесеттите. Овој систем очигледно стана неефикасен, бидејќи дваесет Американци известуваа за истиот настан за различни медиуми на северот на континентот. Откако со ослабнувањето на традиционалните медиуми се затворени дописништвата ширум светот, критичкото известување им е препуштено на локалните репортери. Многу од нив се талентирани, претприемчиви и храбри луѓе, често поспособни од своите колеги од запад да дојдат до извор и да ја сфатат суштината на приказната. Но нивната положба е многу понебезбедна. Тие зад себе ја немаат заштитата на богатите странски медиумски органзиации или влијателните западни држави. Единствената држава која ја имаат, нивната, најрадо би ги убила. Во земјите како Мексико, Филипините или Пакистан, локалните новинари се мета на брутални кампањи за заплашување и убиства кои ги вршат тајните служби или вооружените групи, од трговците со дрога, до исламистите.

Конечно, тука е невидливата рака на глобалниот дигитален надзор. Кинезите го усовршија, Иранците се сè подобри. Во оваа земја по откритијата на Сноуден владее сеприсутно чувство дека сте надгледувани, што примора многумина новинари веќе рутински да се служат со криптографија за да ги заштитат своите извори. Актуелната американска влада испраќа двосмислени сигнали, ветувајќи дека никогаш нема да ги апси новинарите кои си ја работат својата работа, но користејќи ја државната сила за да го спречи објавувањето на секоја информација која ја проценува како штетна. Во време на масовно собирање податоци и флуидни дефиниции на новинарството, повеќе никој не ги знае правилата ниту кога тие се злоупотребуваат, а кога се кршат.

Книгата на Сајмон ја потврдува мојата идеја за судбината на институциите во информатичката доба. И покрај тоа што ветуваше ослободување, демократизација и еднаквост, дигиталната револуција, подривајќи ги традиционалните медиуми, всушност доведе до поголема концентрација на моќ во помалку раце, со помалку организиран отпор. Како резултат на тоа, замолчувањето на новинарите, што е цензура - беше од страна на избраните автократи, вооружени екстремисти, класични диктатори или јавни обвинители кои го спречуваат објавувањето на електронски докази - всушнсот е полесно изводливо и почесто се прибегнува кон него отколку пред дваесет години.

Американската јавност нема особено високо мислење за новинарите, дури ни кога ја работат својата работа. Наспроти моќта на NSA и Гугл, во Америка не владее цензура. На власт не се „демократори“, ниту нè убиваат на улица. Ние страдаме од губење на фактите - емпириски податоци кои американските граѓани би можеле да ги прифатат како заедничка појдовна точка за јавна дебата. Боледуваме од губење на уверувањето дека нашите институции можат да се протресат и реформираат под критичкиот притисок на независните медиуми. Страдаме од неодговорните лидери и неуката јавност. Демократската ерозија има најразлични облици - најтешко е да се забележи онаа која ни е пред носот.

Извор: The New Yorker, 13.11.2014.
Слики: Alessandro Gottardo