„Самото твое име е мој непријател“

21.11.2014 11:49
„Самото твое име е мој непријател“

Деновиве на „Окно“ имавме можност да читаме делови од сјајната книга на словенечкиот филозоф, Младен Долар, His Master's Voice. Самата книга, меѓу другото, нуди интересни можности за толкување на грчко-македонскиот „спор за името“. Еве еден интересен пример од книгата. Во втората сцена од вториот чин во Шекспировата драма „Ромео и Јулија“ Ромео стои во дворот, во темница. Јулија е на балконот, ѕвера во мракот, но слуша само глас, без да го препознае. И вели Јулија, насетувајќи: „Сал твојто име мој е душман. Ти си ти и без Монтеки да си. Што е Монтеки? Ни е рака, ни е нога, ни мускул, лице, ниту еден дел од човека! О, биди друго име! Но, што е име? Она што е ружа со друго име пак ќе мириса со иста сладост. Така Ромео – да не се вика Ромео – тој пак ќе беше исто толку совршен без тоа име... Ти отфрли го, мој Ромео, бидејќи твојто име и не е дел од тебе самиот – па мене сета земи ме!“ (препев: Георги Сталев).

Ромео и Јулија завршуваат трагично, обајцата умираат, меѓу другото и зашто не можат да избегаат од кобноста на сопствените имиња (нивните семејства што живеат во Верона, Монтеки и Капулети, се во долгогодишно крвно непријателство кое ја оневозможува љубовта меѓу младите). Во третата сцена од третиот чин, на пример, Ромео се прашува: „Во кое гадно делче од анатомијава живее моето име? Кажи ми, за да можам да го отстранам тоа омразено пребивалиште“.

„Самото твое име е мој непријател“, вели Јулија. И тука Младен Долар ја внесува суптилната разлика меѓу името и гласот. Името упатува кон една индивидуалност вткаена во мрежата на општествените поделби, хиерархии, судири и сојузи. Гласот, од друга страна, како да се измолкнува од опасните општествени мрежи, гласот како да говори од некаде подлабоко, каде што можеби престојува љубовта; „можеби гласот е вистинскиот медиум на љубовта, додека името е нејзин непријател“, вели Долар.

Испаѓа дека човек е повеќе присутен во својот глас отколку во своето тело, што е парадоксално: она што е минливо, што исчезнува во моментот на настанувањето, она што е само треперење на воздухот испаѓа поприсутно и поснажно од цврстите објекти и имиња.

А на мошне важното прашање „Од каде доаѓа гласот?“, Младен Долар дава проникнувачки одговор: со оглед на тоа дека гласот доаѓа од невидливата внатрешност, тој всушност е нешто што го дели телото на надворешност и внатрешност, тој е оператор на најдраматичната можна поделба. „Гласот стои на таа граница, на линијата на поделбата – стои е погрешен израз, нема начин гласот да стои, тој секогаш минува, трепери и се бранува – и на таа граница тој е врска помеѓу јазикот и телото.“

Може ли да се извлече некоја политичка поука од приказнава?! Би рекол, Македонецот (како и било кој друг идентитет) може да се потврдува само низ гласот, низ себепретставувањето, низ дејствувањето. Фиксираните идентитети повеќе влечат кон смрт и археологија отколку идентитетите што се прилагодуваат и менуваат.

***

Се разбира, за темата „Името и Гласот“ постојат и други ракурси. Затоа ќе дадам и поинаков пример за важноста на името, овојпат сфатено како континуититет и идентитет. Ќе раскажам актуелна и вистинита случка, многу потривијална од чудесната приказна за Ромео и Јулија, но, велам, на некој начин комплементарна - не само поради „проблемот со името“ - со приказната за несреќните љубовници.

Во 2004 година NBA клубот Hornets, основан во Шарлот, се сели во Њу Орлеанс, поради новиот сопственик. Дотука ова е типична динамична американска спортска приказна; многу клубови во Америка ги промениле градовите. Но, овојпат новиот сопственик решил да го промени и името на клубот. Тој посакал име кое повеќе ќе упатува на новата дестинација, градот Њу Орлеанс во државата Луизијана. Та така клубот од Hornets го преименувал во Bobcats (пеликани). И навистина, клубот десет години играше под брендот Bobcats. Но, намерата на сопственикот сепак не фатила корен, меѓу другото и поради спортските традиции во САД. Од оваа сезона Bobcats повторно играат под старото име Hornets.

Да ги објасниме малку американските обичаи на ова поле. Hornets е кошаркарски тим основан во Шарлот, а неговото име („Стршлени“) укажува на начинот на кој американските бунтовници се бореле против Британците; тоа име, значи, е историска посебност на Северна Каролина. Во Њу Орлеанс, пак, на времето бил основан тим кој се викал Jazz и на најдобар начин во името ја истакнувал локалната културна посебност. Но Jazz пред повеќе од 30 години се преселил во Солт Лејк Сити, град во кој џезот ни денес не е популарна музика. Во Минесота, поради многуте езера во државата, кошаркарскиот тим го нарекле Lakers. Сега истиот тим игра во Лос Ангелес, град во кој нема езера. Итн. Семездин Мехмединовиќ, суптилниот босански писател што живее во САД, смета дека и ваквите спортски приказни, но и сите други приказни во Америка, се спротиставуваат на создавањето фиксни идентитети и дека токму затоа за Американците баш и не е разбирлива желбата за промена на името на тимот Hornets од Њу Орлеанс. Затоа клубот и си го врати старото име.

***

Денес не имплицирам некакви посоголени политички пораки. Монтирам, колажирам, се обидувам да ја проширам (можеби за да ја релаксирам) темата за името, големата македонска фрустрација која поприлично, без никакви позитивни резултати, цели две децении ги узурпираше ионака слабите општествени енергии. Крајот не се гледа. Кои сме? Како се викаме? Како се викаат тие околу нас, што нас нè викаат?!

Борхес во својот славен расказ цитира „одредена кинеска енциклопедија“ (истиот цитат го презема и Мишел Фуко на почетокот на својата исто толку славна книга „Зборови и ствари“), та вели:

Посочената кинеска енциклопедија ги дели животните на: а) оние кои му припаѓаат на Царот, б) миризливи, в) припитомени, г) мали свињи, д) сирени, ѓ) чудовишта, е) кучиња на слобода, ж) оние кои се вклучени во класификацијава, з) кои се возбудуваат како лудаци, ѕ) безбројни, и) нацртани со тенка четкичка од камилско влакно, ј) et caetera, к) кои скршиле стомна, л) кои од далечина личат на муви.“

Слики: Marion Fayolle

 

ОкоБоли главаВицФото