Каква иднина ја чека телевизијата?

21.11.2014 11:52
Каква иднина ја чека телевизијата?

По кризата во печатените медиуми, страв се шири и меѓу телевизиските новинари. Младите во САД многу ретко гледаат „класична“ телевизија. Затоа во Њујорк медиумските експерти повторно го промислуваат овој медиум.

 

„Прво добрата вест: денес нема да разговараме за печатените изданија“, се шегува Ејми Мичел од Институтот за социјални истражувања PEW Research на малата сцена на Градскиот универзитет во Њујорк. Иако на Американците телевизијата сè уште им е главен извор на информации, телевизиското новинарство нема причина за оптимизам. „Американците сè уште сакаат да гледаат телевизиски вести. Но, популарноста на телевизијата опаѓа. И тоа прилично брзо“, вели таа.

Истражувањата на Институтот PEW покажуваат дека пред осум години 42 отсто од гледачите од помладата публика (од 18 до 29 години) гледале телевизиски вести, а денес тоа го прават помалку од 30 отсто. Затоа Џеф Џарвис бара „храбри, нови визии“ за иднината на телевизијата. Овој професор по новинарство ги угости телевизиските репортери, студентите, претприемачите и научниците од универзитетите, за да ја промислат заедно иднината на овој медиум.

Храбри, нови визии

„Не сакаме да ја погребаме телевизијата, туку одново да ја откриеме“, им рече Џарвис на собраните. Новинските издавачи, смета тој, почнаа очајнички да размислуваат за новите можности кога веќе беше предоцна, а телевизијата, според негово мислење, мора да дејствува пред да почне да се очајува. Според геслото: лелекањето и пцуењето е забрането! Наместо „разглобувањето“ на стариот систем, секој учесник во разговорот добил пет минути да ја пропагира својата идеја.

Џени Хоган многу години била водителка. Таа предлага игра на телевизиските вести во која гледачите и водителите се во интеракција. Телевизискиот репортер Марк Бригс верува во персонализирани телевизиски вести и смета дека иновациите можатда се постигнат со евтина техника.

Ријад Минти изградил платформа на социјални медиуми за арапската телевизиска станица Ал Џезира. Него го интересира како гледачите кореспондираат со телевизиските вести. „Како можат вестите да се направат помобилни и да поттикнат дискусија“, се прашува Минти.

Важноста на дијалогот со гледачите ја истакнува и Том Кин, водител на Bloomberg News. Тој дури верува дека тоа е единственото што гледачите го сакаат: „Го тестиравме тоа секогаш одново. Не сакаат ништо друго“, заклучува Кин.

Вестите мораат да станат повеќе лични

Два поима во дискусијата секогаш повторно се споменуваат: „лично“ и „социјално“. Поимите се однесуваат на кратките вести посебно скроени за корисниците, кои можат лесно да се шират преку социјалните мрежи и за кои може да се расправа. Предлозите на учесниците се протегаат од апликации за мобилни телефони или мобилни уреди преку концепти за емисии за „класична“ телевизија, па сè до нови технички помагала.

На пример, TouchCast е програм со чија помош репортерите преку iPad можат да произведуваат сопствени емисии со вести - некој вид телевизиско студио кој може да го собере во актовка, вкучувајќи и промптер за репортерот. „Знаењето на репортерот е идеално за формати од забавен карактер“, објаснова Едо Сигал, кој учествувал во осмислувањето на TouchCast.

„Велиме прогуглај го ова или погледни на Јутјуб или си слушнал ли за ова“, вели Сигал. TouchCast би требало да ги „преведе“ овие изрази во видео-јазик. Интернет содржините како што се картите, интернет страниците или твитовите директно би се интегрирале во видео.

Доколку корисникот сака да погледне нешто поблиску, може со еден клик да ги отвори картите или интернет страниците и интерактивно да ги користи. Во Велика Британија каналот на Би-Би-Си веќе го користи овој систем.

Новинарството како процес?

Многу прашина крена уште една идеја, која Vice News веќе ја применува од почетокот на март. Овој портал е информативна платформа на компанијата Vice во Њујорк. „Ние нуркаме во приказната и ги повлекуваме луѓето со себе додека таа се развива, наместо на крајот пред нив да го истресеме нашиот заклучок“ вели Џејсон Мохика, главен уредник на Vice News.

Vice пред 20 години е основан како панк магазин и денес е познат по своите статии „одблизу“. Мохика е уверен во овој концепт: „Да се гледаат нашите новинари додека откриваат што всушност се случува е еднакво важно како и она што тие на крајот ќе го откријат.“

Зависно од приказната, тоа може да отиде далеку, дури предалеку, предупредуваат критичарите. За прилогот „Inside ISIS“ новинарите на Vice ги следеле борците на Исламската држава и дале многу медиумски простор за нивните уверувања. На тој начин Vice News може да му послужи на ИСИС како пропаганден канал, го критикуваше овој проект еден новинар на Њујорк тајмс за време на расправата за иднината на телевизијата.

Новинарството „одблизу“ ги привлекува младите гледачи

Со тоа Vice допира посебно до младите луѓе кои ѝ го вртат грбот на „класичната“ телевизија, но соработува и со телевизиските станици како што е американскиот кабелски накај HBO или Шпигел ТВ во Германија. Џеф Џарвис сака да знае зошто таквите компании со „младешки“ имиџ се врзани со ногата за синџирот на стариот телевизиски свет? „Зошто луѓето ограбуваат банки?“, му возвраќа Мохико. „Затоа што таму сè уште има пари. Од телевизијата може да се однесе уште многу.“

Наводно во 2012 Vice направил 175 милиони долари промет. Ако може да му се верува на основачот Шејн Смит, компанијата собира маржа од 34 отсто. Во случај утре телевизијата да исчезне, на Vice му останува заедницата фанови на социјалните мрежи.

На Vice само прилогот „Inside ISIS“ за еден месец му донесе три и пол милиони прегледи на Јутјуб. Со пет милиони претплатници, Vice се наоѓа меѓу првите сто канали на Јутјуб, што е прилично силен аргумент во маркетиншките преговори.

Треба ли новинарството да се преврти главечки?

Њујоршкиот Градски универзитет сака подобро да го искористи потенцијалот на социјалните групи кои користат и не користат интернет. Дури планира да покрене нова студиска насока под името „Социјално новинарство“. „Мораме да се тргнеме од производство на готови производи. Тоа повеќе не е модел по кој се бараат информации. Новинарството е услужна дејност за општеството“, вели Џеф Џарвис.

За да можеме да го постигнеме тоа, „мораме да го свртиме новинарството главечки“, убеден е Џарвис. Социјалното новинарство мора конечно да ја запознае заедницата за која работи, вели Џарвис, а дури потоа да почне да произведува содржина.

Извор: Deutsche Welle
Слики: Zhang Xiangxi

ОкоБоли главаВицФото