Секогаш се чувствувам удобно во костумот на хуморот

22.11.2014 10:17
Секогаш се чувствувам удобно во костумот на хуморот

Доколку ја посетите изложбата „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ на Ѓорѓе Јовановиќ во Мала станица која е во тек сè до 30 ноември, во никој случај нема да згрешите. Експонатите на практичните „изуми“ за секојдневието кои таму ќе ги видите, луцидно и со вешт хумор таргетираат реални проблеми со кои би можел да се идентификува еден просечен Македонец, па и во поширок контекст - жител на современото глобално општество.

Презаситеноста од депримирачките ТВ содржини, отуѓеноста, сиромаштијата, инфраструктурната несреденост на градовите, неуспешноста да се воспостави конструктивна комуникација со соседот или сограѓанинот кој на некој начин ни наштетил... се само дел од трагикомично прикажаните проблеми за кои се нуди по еден практичен предмет или изум кој би ги решил. Од друга страна, пак, некои од изумите како на пример повеќенаменскиот костум, се наменети за она што со популарниот речник би се нарекло „First world problems“ и успешно ни ја поставуваат линијата помеѓу фактички засегнатото човеково достоинство и голиот каприц кој неретко проаѓа како важен проблем.

Ликовите за кои се наменети „решенијата“, се портретирани како флеш-инсерти од покрупната општествена слика, беспомошно фатени во стихијата на околности кои се нешто подалеку од доменот на нивната контрола. Чувството кое се јавува како резултат на тоа е неизоставната мешавина од фрустрација и резигнација.

Концептот на изложбата се дополнува и со краток видео-запис за секој поединечен изум во добропознатиот топ-шоп стил, кој целосно во духот на денешницата ни продава инстант решенија во искомерцијализиран и хиперреален облик (Видеата можете да ги погледнете овде).

Околу инспирацијата за уметничкиот проект, листата на (не)решливи проблеми од секојдневието и уште по нешто, разменивме некој збор со Ѓорѓе Јовановиќ.

 

Како дојде на идеја за проектов и колку време беше потребно да го комплетирате истиот заедно со соработниците?

Во 2010 година за време на мојот престој на програмата во студиото ISCP во Њујорк, во Музејот за модерна уметност ја открив книгата Чиндогу - Јапонски употребливи и помалку употребливи изуми. Веднаш се вљубив во овој концепт и започнав малку повеќе да истражувам за ова движење кое има околу 10.000 следбеници во целиот свет. Инаку, првите изуми од овој вид датираат од 40-тите и 50-тите години во Америка.

Оттогаш, долго време размислував за можноста искуството на Чиндогу да го преточам во македонскиот контекст. Конечно, со добивањето на наградата на минатогодишното Биенале на млади уметници во организација на Музејот на современа уметност, се отвори простор оваа идеја да биде реализирана во соработка со кураторката Мира Гаќина.
Во почетокот на оваа година започнав со разговори со пријателите кои планирав да ги вклучам во проектот а паралелно работев и на моите идеи. Во втората половина од годината, пополека проектот си ја доби својата форма.

Дали сметаш дека живееме во време кога не сме во состојба реално и ефективно да промениме некои работи, па она што преостанува е со малку хумор да го прифатиме секојдневието?

Секогаш постои начин на којшто би можеле да ги промените работите! Што се однесува до хуморот, тој е составен дел од мојот израз како уметник, близок на мојот темперамент и секогаш се чувствувам „удобно“ во тој костум.

Кои проблеми со кои се соочува еден просечен Македонец би можел да ги издвоиш како најтипични и најзастапени?

Долгите редици на шалтерите предизвикани од службеникот кој си ја дојадува својата баничка или пак долгите разговори со љубениот/љубената на вработените во катастар. Понатаму, пријателите на вашиот матичен лекар којшто во моментите додека вие горите од температура раскажуваат каде ќе го поминат своето зимување, тоа се оние „вообичаените“. Но имаме и многу поголеми проблеми: лоши политики во многу сфери кои директно ни го креираат животот, недoстиг на демократија, слободи, потоа корупција и многу криминал итн... итн...

Која би била точната конотација на придавката „прекрасни“ во насловот на изложбата? Ги поставуваш луѓето отаде можноста да исчекорат од кругот на загушливите секојдневни (не)пригоди, што ги прави така прекрасни и беспомошни - или пак можеби треба да детектираме доза иронија што укажува на сопствената одговорност за веригата настани која нè турка во состојба на хронично незадоволство?

Најправилно е да Ви одговорам дека и двете констатации што ги наведувате се точни.

Дали ваквите егзистенцијални проблеми и дилеми на обичниот човек ќе ти останат и понатаму како предизвик за портретирање низ уметнички израз?

Да, секако. И понатаму мој главен фокус се интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек, меѓучовечките односи и отуѓувањето, како и потрагата по личниот и заеднички слободен простор.