1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Уште на самиот ден од масовниот студентски протест напишав како не верувам дека тие млади луѓе кои успеаја да нѐ возбудат и во исто време да нѐ засрамат, треба да се обременуваат со поголеми одговорности, со некакви општествени промени, со големите слики. Секој има своја улога, секој има своја кауза и младите не се виновни што опозицијата, интелектуалата и другите абдицираа од своите одговорности.
Самиот факт дека излегле како нешто ново, со нов јазик, за своето, тие излегле и за нашето и за сите наc кои тоа не го правиме. Што значи дека овие млади разбираат, чувствуваат, се борат и за нас, иако тоа не треба да го прават.
Во ова авторитарно и катастрофално секојдневие, каде мнозинството луѓе се ограничуваат да мислат само за своите пари и кариери, голем дел од народот мисли, верува дека и нашите млади исто размислуваат, дека сакаат повеќе од истото. Епа, не е така, напротив, се обидуваат да мислат на иднината, а ние, сите ние постари од нив, треба да се засрамиме. Треба да се засрамиме што само нешто чекаме, а уште повеќе да се засрамиме ако како граѓани не им дадеме солидарност на студентите.
Буткањето на овој режим не може и не смее да биде задача на најмладите во општеството. Студентските протести секогаш се индикативни дека нешто е гнило во општеството и нивните изблици секогаш се најискрени. Но, младите се тука да ни покажат дека замислуваат нешто поразлично, дека сакаат нешто подобро и дека се подготвени преку својата активност и дејствување да научат како во иднина да бидат подобри од нас кои сериозно ги зезнавме работите. Но, менувањето на режимот не е нивна задача. Или барем најмалку е нивна.
Не станува збор за минимизирање на улогата на младите и студентите, туку за разбирање на одговорностите кои секоја категорија, секоја група, секој еснаф, па и секоја индивидуа ја сноси во ова општество. Секој има своја улога, секој има своја кауза и младите ќе направат доволно ако ја изиграат својата улога и ја исполнат својата кауза.
Јасно е дека што и да направат, иако веќе добро тоа го прават, ќе биде ѓаволски тешко да се ослободат од етикетите и пропагандата на режимот дека се инструменти на опозицијата или на нејзините невладини марионети. Но, ако издржат во својот пркос и храброст, ако бидат политички умни да се држат на крилјата на ентузијазмот и надежта, тогаш дури и да не успеат, ќе постават важен пример кој треба да се следи и во иднина.
Голема е нашата одговорност како граѓани, родители, пријатели да демонстрираме солидарност и да им помогнеме пред двојниот ризик, режимот да ги подели помеѓу нив самите или, пак, да ги подели од остатокот од општеството.
Гледам по социјалните мрежи евокации на студентските протести од 1968 година, гледам идеализми и наивности кои не содејствуваат со реалноста на апатичноста во нашето општество и цврстината на режимот со кој се соочуваме. Гледам преголема строгост кон денешните млади од некогашните млади кои се далеку повеќе одоговорни за состојбите. 1968 не е само еден настан и само еден протест. Има многу 1968 на студентите, на работниците, на синдикатите, на феминистичките движења, на лекарите, на лаицизмот, на демократските слободи и права. Овие наши студентски протести или барем големиот и неочекуван одзив е нешто спонтано и насочено кон остварување на легитимните барања на студентите. Фактот што не се дел од оваа спонтаност мнозинството професори или други категории и граѓански движења, само говори колку ние немаме ништо заедничко со 68-мата и колку не сме способни за комплетен општествен бран од социјални, студентски и демократски протести.
Ќе видиме дали доколку продолжат и добијат на интензитет, студентите ќе останат само на своите апсолутно легитимни барања или ќе успеат да му објаснат на остатокот од народот дека проблемите на студентите се само дел од општите проблеми со кои нашата татковина се соочува, како резултат на самоволието и некомпетентноста на режимот. Затоа, дајте да не бараме и очекуваме премногу од овие добри млади луѓе.
За буткање на авторитарниот режим на Груевски потребни се демократски партии кои знаат искрено да говорат и уште поискрено да се борат за општото добро. Потребен е невладин и граѓански сектор кој наместо да се стеснува и имплодира, ќе се рашири и ќе експлодира. Наместо тоа, тие одбраа да абдицираат од своите одговорности заради нивните лични и себични интереси. Организирана и обединета опозиција, широк граѓански фронт, тоа е предуслов за поттикнување на какви било социјални и демократски протести. Потребна е севкупна општествена надеж и активност за промени, а не само студентска надеж и активност. Потребен е културолошки и политички стратус кој зрачи, ветува и се бори за промени, кој е организиран и подготвен да владее и тие промени да ги спроведе. И конечно, потребно е постарите да се потсетат дека имале многу повеќе време да ги променат работите. Само тогаш протестите би имале значење и ефект, само тогаш надежта би имала полза, додека без тие предуслови, сонуваме промени на празно.
Конечно, без тие предуслови и со очекување младите да се погрижат за сите нас, на што друго би се свеле овие студенти ако не на вмровската банда од студентските протести во 1997 година, кога плукаа по фотелјите на кои во иднина ќе седнат, што би рекол Шекспир. Младите не може да бидат нашата алатка, или ќе се избориме сите или никој нема да се спаси од режимот.
Ова се поинакви времиња, драги луѓи, времиња на поделби, на раситнети категории, на атомизирани граѓани. Нема повеќе работници, нема повеќе синдикати, нема повеќе ни опозиција. Студентите се една од ретките категории која опстојува. Но, ако запреме за момент и размислиме за проблемите кои нѐ измачуваат, тогаш ќе сфатиме колку всушпност сме обединети, колку нѐ обединуваат нашите поделби и различности. Затоа што маките и неслободите ни се исти, за сите нас заеднички.
Па зарем само на ЛГБТИ заедницата ѝ се загрозени основните лични слободи и права?! Само стечајците ли умираат од глад и безработица?! Само лекарите ли ги претворија во бирократи?! Само новинарите ли ги замолчија и уплашија?! Само малите и средни бизниси ли трпат даночен и инспекциски арач?! Само пензионерите ли ги лажат со евтин поткуп и популизам?! Не, бе луѓе, сите нѐ мачат истите проблеми, обединети сме во маките, а разединети во борбата.
Кога еден ден ќе сфатиме дека сите треба да се обединиме, кога опозицијата, интелектуалата, бизнисот, невладините, граѓаните ќе сфатат дека имаме едно единствено заедничко добро да одбраниме, исти слободи и права да освоиме, иста сиромаштија и мизерија да надминеме, иста неправда да победиме, ете, тогаш ќе сфатиме колку сите сме во иста каша и сите заедно треба да си помагаме. Треба да сме обединети во оваа перманентна криза, обединети во конфликтот, обединети за конфликтот.
А, во отсуство на сите тие предуслови, и покрај тоа, ете ви ја причината зошто треба да бидеме солидарни со студентите, како и со секоја друга категорија или група која протестира за своите легитимни барања. Затоа што за секој дел во поголемата слика не постои мал проблем кој не е дел од големиот проблем предизвикан од режимот.
Нашата структурна и системска, а не конјуктурна криза, бара од нас да се стремиме кон нешто поамбицизно, кон нешто посмело, но воедно да бидеме свесни за реалноста на состојбите ако сакаме некогаш да ги промениме. Студентите го прават своето, преку борба за своите проблеми ни ги предочуваат проблемите кои се однесуваат на сите нас. Сега е на нас останатите, на опозицијата и невладините, на интелектуалата и професорите, на сите, да го сработиме нашиот дел за нас самите и за сите останати.
Извор: www.plostad.com.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски