Колач од пепел (песни за груевизмот)

22.11.2014 18:11
Колач од пепел (песни за груевизмот)

Колач од пепел

Ја чувате ли уште мојата жар
Што ви ја оставив

Ни остави ти нам
Бајат колач од пепел

Го отклучавте ли знакот
На мојата порта на кората

Го отклучавме ние знакот
На твоите вкрстени сечива

Го јадете ли сончогледот
Златен во средината скриен

Колачот твој ни ги искрши
Рацете додека го кршевме


Несогорливиот калем

Зарем уште висите без глава
Врз еден мој црн зрак

Висиме во твојот стар чад
Врз еден свој златен конец

Зарем уште не знаете во мракот
Дека мојот зрак е изгорен

Знаеме дека верен конец
Од нашето се одмотал срце

Зарем уште не гледате во мракот
Дека мојот зрак е прекинат

Гледаме дека нашиот конец го бара
Високо над срцето својот калем

Грутка мрак

Не ја препознавате ли грутката
На стариот мој згрушан мрак

Го сечеме пред нејзе на парчиња
Невиното златокосо помнење

Не копнеете ли по нејзината тајна
Со која сака да ве озари

Го гониме околу нејзе заборавот
Сопствениот опаш да си го гризе

Не ги разбирате ли нејзините кругови
Над вашите пусти рамења

Се плашиме твојата грутка
Изгубената глава да не ни ја замени

Песна на младата вистина

Пеела вистината в мрак
На врв од липа среде срцето

Сонцето рекла ќе созрее
На врв од липа среде срцето
Ако очите го засјајат

Ја исмејавме песната
Ја фативме и врзавме вистината
И тука под липата ја заклавме

Очите беа заангажирани
Надвор во друг мрак
И ништо не видоа

Змеј в утроба

Змеј огнен в утроба
во змејот црвена пештера
Во пештерата бело јагне
Во јагнето старо небо

Го храневме змејот со земја
Сакавме да го припитомиме
И да го украдеме старото небо

Останавме без земја
Веќе не знаевме каде
Го зајававме змејот за опаш

Змејот бесно нè погледна
Се исплашивме од сопствениот лик
Во змејовите очи

Му скокнавме на змејот в челусти
Чучнавме зад неговите заби
И чекавме огнот да нè спаси



Ништожник

Ништожнику си спиел
И си сонувал дека си нешто

Нешто се запалило
Пламенот се свивал
во маки слепи

Си се разбудил ништожнику
И си го греел грбот
Врз пламенот од сонот

Не ги беше видел маките на пламенот
Цели светови маки
Кратковид ти е грбот

Ништожнику си заспал пак
И си сонувал дека си ништо

Пламенот се изгасил
Маките негови прогледале
И згаснале и тие блажени

Сроден прилог: Не можам да го жртвувам патот, низ вашите глави ме води!

Избор и превод: П. Вулкански
Извор: Споредно небо, 1968
Слики: Свирачиња

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото