Синчеците на Шагал

24.11.2014 02:31
Синчеците на Шагал

Ликот ви е сребрен, како халебарда остар.
Движењето ви лета.
Во вашата крчма приземна и проста
во вазна синчеци светат.

Мил наш, низ нив ја кажавте љубовта своја!
Уште од Витебск ја чувате, чинам.
Дивите троскотни тубички боја
со ѓаволски
                 истисната
                                 сина!

Од семејството на чичките цвет беден мал,
но како неговата сина нема друга.
Загатката на Шагал, на Марк Шагал
се крие во полињата крај пругата!

Растел тој цвет уште во време Борисово и Глебово
и меѓу неповски кикот и печено од овен.
Сред полето со жито - парче на небото.
Само низ небото живее човек.

Во сините латички-витражи збран е
готскиот стремеж што нагоре сака да се провре.
За полето чуваме љубов, за небото - занес.
Само низ небото живее човек.

Како стасало на синчецот семето
до Елисејските Полиња, до Големите Булевари?
Како сте исплеле венец од нив врз темето
на Големата Опера во Париз?

Во векот потрошувачки небото никој не го зема.
Полоша и од питачката е судбата на сликарите довек.
Да им се даваат сребреници никаква смисла нема. -
само низ небото живее човек.

Се случуваше од фашистичката кошмарност груба
вашите платна да избегаат пред фанатикот зловест.
Забранетото небо било свиткано в труба,
но само низ небото живее човек.

Не затрубеле трубите со закана матна
над катастрофата на светов убав -
во ролна свиткани сликарските платна
завиваат како архангелска труба!

Кој го бакнал, Русијо, твоето поле летно
за синчеците да расцутат в јата?
Твојот какол е најубав на светот
толку убав - в странство, за извоз да го пратат.

Ќе слезеш од возот - те викаат!
Сето поле сино потреперува.
Синчеци низ него бодинаат и бликаат;
колку и да заминуваш - ќе останеш, верувам.

Ќе излезеш навечер - ти се мати леко,
низ полето кобни зеници блескаат.
Ах, Марк Захарович, Марк Захарович, ви реков -
само синчеци секаде в бескрај...

Насликајте, Марк Захарович, молба е моја,
еден завет што различен и од Стар и од Нов е,
непобедлив завет полн со сина боја -
Само Низ Небото Живее Човек.

Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Марк Шагал

ОкоБоли главаВицФото