Мајдан го подрива и системот на Путин

24.11.2014 02:58
Мајдан го подрива и системот на Путин

Факт е дека за Запад, и воопшто за меѓународната заедница, Владимир Путин стана отпадник, парија. Рејтингот на магазинот Foreign Policy „Топ 100 глобални мислители“ за 2014 укажува многу – од топ раководител во 2013, Путин годинава е ставен во црвено, во групата на агитатори и подбуцнувачи, рамо до рамо со поединци од терористичката организација „Исламска држава“. Предвесник беше тотално студениот прием што тој го имаше на самитот на клубот Г-20 во Бризбејн, Австралија. Овој настан за рускиот претседател остана неславен и го одбележа почетокот на неговата дипломатска изолација, ако се исклучат циничните изрази и ракувања од фото-сесиите со лидерите на земјите од БРИК.

На моменти отворената протоколарна и дипломатската непристојност на некои од гостите, и посебно на домаќините, Путин не можеше да ја издржи и го напушти самитот ден порано. Реакцијата на Ангела Меркел беше нешто посебно. Единствено таа имаше тет-а-тет средба со него, пројавувајќи добра волја, по којзнае кој пат, да воспостави некаква двонасочна комуникација (се верува дека Меркел која зборува руски, и Путин кој знае германски, досега разговарале околу 40 пати по телефон на тема украинска криза). Но залудно. На самитот нејзиниот соговорник си даде за право да изрази и гнев зошто Запад се лути на анексијата на Крим. По ова германската канцеларка се откажа од секакви идни средби со рускиот лидер.

После сè, прашањето не е што Запад ќе прави со Путин. Оттаму ги кажаа своите позиции. Прво, санкциите не се прекинуваат и второ, нема разговори и средби на високо ниво за кои рускиот лидер би бил повеќе од расположен (по Бризбејн ја изгуби и Меркел), сè додека Русија не ја повлече војската од Украина, и не им нареди на проруските сили прекин на огнот и почитување на Минскиот договор. Посложеното и многу покритично прашање е што Русија, рускиот народ ќе прави со Путин.

Во постбризбејнскиот период јавноста овде е ставена пред низа недоумици. Очигледно е дека земјата се изолира од меѓународната заедница. Власта окуражува некаков сојуз со Кина, но прашање е дали итрите и деловни Кинези се подлабоко заинтересирани од вообичаената бизнис соработка на енергетски план, читај: пумпање на руската нафта и гас за придвижење на кинескиот економски џин (Русија како енергетски приврзок на Кина). Во меѓувреме, на внатрешен план, власта најави стегање на ременот за „инаку мислечките“, т.е. опозицијата, нарекувајќи ги сите што покажуваат отпор народни непријатели и екстремисти кои сакаат да го урнат постоечкиот „строј“.

Се разбира, со актуелните социјални немири и протести на здравствените работници поради затворање на десетици државни болници во Москва и отпуштање на доктори, и надоаѓачката економска криза, власта има уплав од случување народ. Со своите сегашни постапки на домашен и на меѓународен терен, таа покажува каква психолошка траума остави крвавиот февруари, кога во Киев, само во тек на неколку дена загинаа стотина од маскираните снајперисти и акциите на полицијата. Деновиве навршува една година од почетокот на протестите, што подоцна прераснаа во мајданска револуција.

Симнувањето на Виктор Јанукович беше резултат на неговата политичка проституција, кога земјата избра почеток на интеграции со Европската унија што тој ги ветуваше, а не ги оствари. Имено, тоа и ја запечати неговата судбина, и сега Јанукович и неговото семејство се под „криша“ на Москва. „Ние гледаме какви трагични последици оставија обоените револуции и сме обврзани да направиме сè што е потребно ова да не се случи во Русија“, изјави неделава Путин на заседанието на Советот за безбедност на Руската Федерација.

Изјавата кажува многу.

Некои аналитичари во Русија посочуваат дека настаните од март годинава се реакција на Путин на арапската пролет и обоените револуции во Грузија, Украина и Киргистан од 2003, 2004 и 2005. Но најмногу на Мајдан од 2014. Тој е длабоко убеден дека сите овие револуции се инспирарни од Соединетите Американски Држави. „Ми се чини дека враќањето на Путин на власт, после рокадата помеѓу него и Медведев објавена во септември 2011, е донекаде резултат на арапската пролет. Путин искрено пресметал дека отстранувањата на Хосни Мубарак, Моамер Гадафи и другите лидери од тој тип се случиле под влијание на САД со цел овие земји да се лишат од политичката самостојност,“ смета Станислав Белковски, политиколог. Затоа, вели тој, Путин во 2012 се врати на лидерската позиција како единствен во Русија кој може да им се спротивстави на САД, кои сакаат да стават под свое влијание некои земји од поранешниот Советски Сојуз, пред сè Украина.

Во 2004, по портокаловата револуција, Путин се однесуваше горе-долу адекватно.

Но откако во 2014 повторно се случи истото (во Украина шеговито велат: Јанукович е единствениот правител кој бил двапати симнат од иста револуција), со истите актери од 2004, и тоа на затворањето на Олимписките игри во Сочи, каде никој од светските лидери, кои не се појавија ниту на отворањето, не го почести со свое присуство, а успесите на руските спортисти останаа во сенка на трагичните случувања во Киев. „Имено, во предвечерјето на крајот на Игрите, од гледна точка на Путин, САД извршија државен преврат во Киев. Сето ова му прекипи во мозокот, и тој првин реши да го анектира Крим, а потоа да разгори војна во источна Украина. Овие потези требаше да го натераат Запад да смета на Путин, да разговараат со него,“ вели Белковски во разговор за ТВ каналот Дожд.

Но тоа не се случи. Путиновата политика на импровизација и тактизирање со анексија и воена агресија во соседството, за руската дипломатија историски легитимно право на Москва да се меша во внатрешните работи на Украина, таму да бара некаква „Новорусија“, и дома со посочување кон САД како надворешен враг број еден, доживеа геополитички колапс. Од пролетта до крајот на летото следуваа неколку бранови на економски санкции против поединци од елитата и низа државни компании, и изолација на земјата. Се случи и несреќното уривање на патничкиот авион на Малезиски авиолинии, за кое Запад, генерално, ја обвинува Русија. Меркел, на пример, смета дека е просто неприфатливо да ѝ се забрани на Украина да потпише трговски договор со ЕУ (некој треба ја потсети за блокадата од Грција крената за евроинтеграциите на Македонија).

Од руската реалполитика се исплашија и останатите земји од источното крило на ЕУ, како балтичките, но и Полска и Романија, кои повлекоа паралели со Хитлеровата агресија пред почетокот на Втората светска војна. Врв беше завчерашната изјава на претседателката на Литванија, Далја Грибаускајте, дека поголемиот сосед станал „терористичка држава“. Од кревањето на Железната завеса наваму, Москва никогаш не примила такви навреди, и од мали и од големи земји. Во саботата и Сергеј Лавров, невообичаено за него, ги озвучи стравовите на власта, дека „санкциите имаат цел да предизвикаат економска криза, народно незадоволство и смена на режимот“.

Судбоносните прашања на руската современост од 19 и 20 век, „Што да се прави?“ и „Кој е виновен?“ се актуелни и денес, во 21 век. И така, што да се прави?

Според политикологот Глаб Павловски, тековниот државен систем на Русија е морално и политички истрошен. Потребни се промени. Во интервју за Газета.ру тој посочи дека Путин треба да излезе од својата кожа, да побара соодветен наследник и неговиот тим да ги направи сите предуслови за смена и доаѓање на нов тим. Исто како што кон крајот на деведесеттите направи тимот на Борис Елцин.

„Кај нас, за разлика од либералните демократии каде смената на власта е регулирана со избори, прифатено е тимот сам да го подготви своето заминување. Путинскиот тим го потроши својот ресурс и редно е да се погрижи како најдобро да го изведе своето заминување, ако тоа не може да се направи со избори. Инаку, за тоа можат да се нафатат други, некомпетентни луѓе“, вели Павловски, алудирајќи на можна револуција.

Според негова проценка, во овие услови, најдобро е САД и ЕУ да одржуваат замрзнати односи со путинска Русија и постоечкиот систем сам ќе имплодира за две-три години. „Но, како што покажа самитот во Бризбејн, иднина без пречки – е утопија. Ако се појават некакви надворешни атаци врз системот – а во денешни услови тоа не е исклучено, тогаш системот ќе се фиксира на уште неколку години. Но не повеќе од пет-шест“.

Слични содржини

Свет / Став

ОкоБоли главаВицФото