Не можам да го жртвувам патот, низ вашите глави ме води! (песни за груевизмот)

24.11.2014 15:28
Не можам да го жртвувам патот, низ вашите глави ме води! (песни за груевизмот)

Охола грешка

Била еднаш една грешка
Толку смешна толку мала
Што никој не би ја ни забележал

Сама себе не сакала
Ни да се гледа ни да се слуша

Што сè не беше измислила
Не би ли докажала
Дека всушност не постои

Измисли простор
Доказите свои во него да ги смести
И време доказите да ѝ ги чува
И свет доказите да ѝ ги види

Сè што измисли
Не беше ни толку смешно
Ни толку мало
Но се разбира беше погрешно

Можеше ли да биде поинаку



Скаменетите одеци

Имало еднаш безброј одеци
Му служеле на еден глас
Му граделе сводови

Паѓале сводовите
Накриво ги граделе
Ги посипал нивниот прав

Ја напуштиле опасната служба
Од глад се скамениле

Полетале скаменети
да ја најдат да ја разнесат устата
Од каде гласот потекнал

Летале кој знае колку
И не виделе слепци
Дека летаат низ самиот раб на устата
Што ја бараа


Зев над зевовите

Бил еднаш еден зев
Ни под непцето ни под шеширот
Ни во устата ни во ништо

Бил поголем од сè
Поголем од својата големина

Од време на време
Темница тапата темница очајна
Од очај тук и таму ќе му светнела
Би мислел човек ѕвезди

Бил еднаш еден зев
Досаден ко секој зев
И уште се чини трае



Висок пат

Дигни го тоа свое ноџиште
Врз мислата си ни застанал

Не можам низ вас чекорите
На раце да ги пронесам

Тргни се мислата ќе ти ги
Гризне ѕвездите од табаните

Не можам да го жртвувам патот
Низ вашите глави ме води


Вредни конци

Зошто твоите погледи
Очните капаци ни ги зашиваат

Не знам зад мојот грб
Што прават сончевите зраци

Зошто главата не ја свртиш
Своите погледи да ги видиш

Не знам сега каде ми е главата
Ви треба ли најдете ја

Слободен лет

Пушти нè да одлетаме
Од твојот двор без темел

Во ѕвезди ве ковав
Под сводот на својот череп
Одлетајте кој ви брани

Пушти нè да пропаднеме
Секој лет во дворот нè враќа

Тука птици ве чекав
Отсечете си ги крилјата
Слободен да ви биде летот

Сроден прилог: Колач од пепел

Извор: Споредно небо, 1968
Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото