Агенцијата за вработување им нуди на фудбалерите на Македонија можност да се преквалификуваат за друга работа

24.11.2014 16:15
Агенцијата за вработување им нуди на фудбалерите на Македонија можност да се преквалификуваат за друга работа

Скопје, 24 ноември 2014

Поттикната од резултатите кои македонските фудбалски репрезентативци ги остваруваат последните неколку години, Агенцијата за вработување им понуди на играчите на најдобрата македонска селекција можност за преквалификација за друга работа. Директорот на Агенцијата вели дека лошите резултати на македонските фудбалери се последица на фактот дека тие работат работа за која не се квалификувани.

„Никој не може да каже дека тие момци не сакаат да работат затоа што тие секогаш го почитуваат минимумот на работниот процес, односно ја враќаат опремата, навреме се појавуваат на теренот, не го напуштаат порано, освен во случај на вонредни околности, но очигледно е дека не се за таа работа и не можат добро да ја работат, а со самото тоа илузорно е да се очекува максимална продуктивност“, вели Влатко Поповски, првиот човек на Агенцијата за вработување.

„Има толку дефицитарни занимања за кои можат да се преквалификуваат и кои сигурно можат да ги работат многу подобро отколку играњето за репрезентацијата. Не ги обвинувам, времињата се тешки, голем број луѓе работат сè и сешто, па така и тие. Некои од нив завршиле во репрезентацијата поради тек на разни околности и сега немаат каде. Но за нивна и наша среќа, тука е можноста за преквалификација“, истакнува Поповски.

Директорот на Агенцијата за вработување напоменува дека не сака без тестирање да одреди кои идни занимања се соодветни за фудбалерите, но дека два избора сами му се наметнуваат.

„Судејќи според тоа колку со својата работа можат да ги изнервираат нашите граѓани, имам впечаток дека шалтерски работник и политичар се идеални професии за нив“, заклучува Поповски.

Извор: www.njuz.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото