Зошто не го прашаат Груевски?

25.11.2014 09:56
Зошто не го прашаат Груевски?

Новинарите имаат право и треба да прашуваат. Имаат право и треба да анлизираат. Имаат право и треба да изведуваат заклучоци.

„Кога новинарите не прашуваат лагата многу лесно станува вистина“, а новинарите стануваат дистрибутери на таа невистина.

Ова посебно се однесува на изјавите на највисоките функционери на власта, и уште повеќе на изјавите на премиерот на државата. Имено, за овие изјави не може само да се информира и да им се остави на граѓаните да изградат свој став кон нив. Овие изјави претставуваат сублимат и приказ на една политика, на одност на тие кои се на власт кон базичните принципи на заедницата и кон вредносниот систем врз кој се базира демократската држава.

Уште повеќе што изјавите на премиерот се пренесуваат од страна на сите медиуми. Имено, граѓаните очекуваат медиумот да ја пренесе изјавата на функционерот, кој според својата надлежност има најголемо влијание врз донесувањето на сите битни одлуки во државата и само во екстремни ситуации медиумите нема да пренесат изјава на премиер. Тоа значи дека премиерот има пристап до секој медиум и неговите искази допираат до огромен број граѓани. Мора да има противтежа на една вака широка можност за комуникација на своите идеи со граѓаните. Токму тука е сместена должноста на новинарите да прашуваат, да ги анализираат, да ги сецираат, да ги стават под микроскоп сите изјави на премиерот. И да изведат заклучоци. Да понудат толкувања и да предвидат можни последици.

ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ БЕЗ ЈАВНА РАЗПРАВА

Наспроти на ова, медиумите ја дистрибуираа изјавата на премиерот поврзана со екстерното тестирање, без да ја анализираат и без да ја стават во рамките на вредносниот систем на демократското општетсво.

Што може да се открие во изјавата на Премиерот, која ја пренесоа медиумите во Република Македонија (Дневник, Нова ТВ, Телма, МРТ, …):

Размислувањата што ги сподели Владата со јавноста во правец на подобрување на знаењето и квалитетот во високото образование се мотивирани за да се помогне на студентите, младите луѓе да добијат диплома со знаење кое што ќе им помогне во животот понатаму

Идејата за екстерното тестирање не беше понудена на јавна расправа ниту до студентите, ниту до академската јавност. Ако се има предвид дека еден од столбовите на демократската држава е партиципацијата на граѓаните во процесите на одлучување, должност на медиумите е да го постават прашањето: зошто идејата за екстерно тестирање не е ставена на јавна расправа? И, што ќе се случеше доколку студентите не излезеа на улица да го искажат својот став? И, како тоа се случило универзитетите да немаат појма за што станува збор?

Тој смета дека намерите се добри, но секако, вели тие нема да се спроведат се додека не се направи една широка дебата во која ќе бидат вклучени студентите. – Тие веќе се вклучени, затоа што Министерството за образование организираше такви настани, како со студентите така и со професорите. Ќе бидат вклучени сите можни фактори и од тој аспект ќе се слушне секое мислење и внимателно ќе се анализира.

Бидејќи идејата за екстерното тестирање не е ставена на јавна расправа и ректорот на Универзитетот во Скопје изјавува дека не добил информација врз основа на која може да се дискутира, нужно се поставува прашањето кои се тие настани на кои студентите и професорите имале можност да бидат запознаени со идејата и да го искажат своето мислење.

Ова уште повеќе може да се проблематизира доколку се земат предвид изјавите на министерот за образование според кој:

Наскоро ќе биде претставен конечниот предлог за екстерното тестирање за студентите

Изјавата на Премиерот може да се стави и во контекст на изјави дадени од Владата на Република Македонија, а според кои

Концептот „Државен испит“ е во финална фаза и ќе почне да се спроведува од 2017

Во изјавата на Премиерот понатаму се истакнува дека:

Не е точно, како што се појавија некои шпекулации, дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит во втора година, рече Груевски, појаснувајќи дека ќе има можност секој да полага онолку пати се додека не положи.

Доколку навистина станува збор само за идеја за која допрва треба да се дискутира, тогаш од каде има премиерот информации за практичните модалитети на остварување на оваа идеја. Имено, од каде знае како ќе се изведува полагањето, во колку наврати и со каков резултат?

Нам целта ни е, вели, ако некој дошол до преодна оценка без знаење да биде натеран да научи. – Тоа е единствената цел

Овој дел од изјавата е показател дека идејата за екстерно оценување претставува директно навлегување во автономијата на универзитетот. Во моментот кога државата поставува надворешен систем на оценување со кој може да ги поништи оценките, кои произлегле од системот на оценување на самиот универзитет, таа навлегува во уставно гарантираната автономија на Универзитетот.

АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ Е НЕПРИКОСНОВЕНА

Според Законот за високото образование, „автономијата на универзитетот вклучува академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата“. Во академската слобода спаѓа и „проверката на знаењата на студентите“. Медиумите не го проблематизираа овој дел од изјавата на премиерот, кој е јасно спротивен на законот и на Уставот.

Всушност, токму задирањето во автономијата на универзитетот би требало да претставува лајт-мотив на медиумското известување. Поставувањето на административен коректив на академското оценување и можноста знаењето на студентот да биде повеќекратно проверувано од страна на државна, а не академска структура, претставува јасен показател за намерата власта да оствари контрола над целокупната академска заедница и да ја оневозможи слободата на научната мисла. На тој начин државата поставува моќен заштитен бедем против било каква контрола на нејзиното делување, било какво оспорување на нејзините активности, и било какво поставување прашања кои би воделе кон повикување на одговорност пред граѓаните.

Меѓутоа, дури и во ситуација кога во неколку наврати се сигнализираше повреда на автономијата на универзитетот (за која медиумите веќе пишуваа во 2006 година, 2010 година, 2014 година), па дури и после реакцијата на самите студенти дека и во промоцијата на идејата за екстерно тестирање станува збор за кршење на автономијата на универзитетот, медиумите не понудија сопствена анализа, ниту, пак, поставија директно прашање до премиерот во врска со неговата претходна изјава.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња