Портокалово насилство

27.11.2014 10:05
Портокалово насилство

Меѓународниот ден на борба против насилство врз жените се одбележува со портокалова боја, која ќе се истакнува, облекува, ќе се носи во наредниве петнаесетина дена. Во Македонија насилството и портокаловото се нераздвојно поврзани, испреплетени и имаат многу поширок опфат. Станува збор за боја на власта, поточно на најголемата владејачка партија, а насилството не го трпат само жените.

Во 1999 година ОН го прогласија 25 ноември за Ден на борба против насилство врз жените, во чест на сестрите Мирабел – Патрија, Минерва, Деде и Марија Тереза - од Доминиканската Република, кои ги убил диктаторот Рафаел Труиљо. Тие, заедно со сопрузите, неколкупати биле апсени поради нивната борба за демократија. Во 1960 година тајната полиција на Труиљо ги ликвидирала сестрите кога оделе да ги посетат мажите во затвор, а нивните тела биле најдени во џип наместен да изгледа како сообраќајна несреќа. Тоа го засилило отпорот кон режимот, кој бил срушен следната година, откако над диктаторот бил извршен атентат.

Пред десетина години режимот на Груевски во Македонија беше востановен токму под портокаловата боја. Нејзиното прифаќање, облекување, стана најдобра одбрана, панцир, гарант за безбедноста. Сите што не го прифатија портокаловото, а особено тие што покажаа отворен отпор, во изминативе години постојано, во разни форми, трпат насилство од режимот. Така што, земјава можеше многу поизворно да се вклучи во одбележување на борбата против насилството.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото