Без писатели?

03.02.2010 12:05
r209641_803314.jpg

Дигиталната револуција целосно го промени начинот на кој ги читаме весниците, ја слушаме музиката и го користиме фотоапаратот. Ние, најверојатно, сме последното поколение кое сè уште чита весници и книги, слуша музика од дискови и ги чува своите фотографии во албуми.

Со оглед на тоа дека за сите овие нешта сега е доволен само еден домашен компјутер, излегува дека вложувањето во таков е најдобра инвестиција, бидејќи во тој случај не ви се потребни ни радио-приемник, ни грамофон, касетофон, видео рекордер и телевизор, а не морате да купувате ни дневни весници, неделни и месечни списанија, па ни книги.

Меѓутоа, дигиталната револуција не го промени само начинот на кој ги читаме текстовите и ја слушаме музиката; таа исто така го доведе во прашање опстанокот на писателот како професија. Во отворениот и слободен виртуелен свет секој може да биде писател. Односно, секој може рамноправно да го „закачи“ својот текст во непрегледното пространство на виртуелната стварност: момчето кое ги испишува своите први стихови, девојката која ги преиспитува своите спомени, книжевниот критичар кој ги проценува новите книги и писателот кому само што му е доделена Нобеловата награда за книжевност. Никој од нив нема никаква посебна предност, бидејќи во виртуелниот свет главно функционира правилото дека е најдобар оној чија интернет страница е најмногу посетена. Нема никаква гаранција дека некој прилог на новиот нобеловец ќе привлече поголемо внимание од, на пример, романтичната исповед на некоја не многу писмена девојка.

Со други зборови, можноста писателот да биде значаен глас во општеството забрзано се намалува. Зошто на мислењето на некој писател воопшто би требало да му се припишува некакво значење, кога постојат ијладници разновидни страници и блогови на кои често може да се прочитаат десетици и стотици многу интересни ставови, а покрај тоа, и да се изнесат идеи за некоја актуелна тема?

Тоа ме потсети дека некогаш кај нас постоеја здруженија на т.н. писатели-аматери. Можеби такви здруженија постојат и денес, не сум сигурен, ама знам дека таквиот назив отсекогаш ми пречел. Што воопшто значи писател-аматер? Дали тоа автоматски ги претвора членовите на Друштвото на писателите во професионалци или ги претставува како позначајни творци? И што тој писател-аматер не знае во однос на професионалниот писател? Сиве овие прашања сега се небитни, иако би било интересно да се дознаат нивните одговори, а ги споменувам само поради тоа што, во недостаток на подобар израз, морам да кажам дека виртуелниот свет е во рацете на „писателите-аматери“.

Којзнае, можеби е и подобро така? Сосем сигурно е, на пример, дека тие „аматерски“ текстови често се пораскошни, посочни и поискрени од текстовите на „професионалните“ писатели. И бидејќи „професионално“ напишаните текстови севкупно гледано се подобри од „аматерските“, поколенијата што доаѓаат, и кои, како читатели, ќе се воспитуваат на „аматерско“ ниво, повеќе нема да се интересираат за нешто толку старомодно како што се класичните новинарски текстови или коментарите.

Тоа, најверојатно, би требало да ги заинтересира „професионалните“ писатели секаде во светот, но тие повеќе се заинтересирани за регулирање на електронските авторски права, а тоа е, судејќи по сè, изгубена битка. Имено, од мигот кога ќе „закачите“ нешто на глобалната мрежа никој ништо повеќе не може да ви гарантира. Некој секогаш ќе најде начин, ако затреба, да дојде и до најобезбедените текстови или податоци, и тоа, се разбира, без плаќање на авторските права.

Сè на сè, иднината повеќе не е она што беше за писателите, особено за оние кои веруваат во моќта на писателот да влијае врз развојот на општествените настани. За нашите писатели, меѓу кои се наоѓаат и такви кои веруваат во таа моќ, можеби ова е последниот миг кога треба да ги надминат разликите и да се обединат во настојувањата на што е можно подобар начин, во професионална или општетсвена смисла, да ја дефинираат улогата и местото на писателот. За тоа не е потребна некоја голема подготовка, доволно е само малку добра волја и, се разбира, подготвеност да се прифати правото на поинакво мислење. Особено зашто тоа е, по сè изгледа, последната можност писателите да се претстават како значаен општествен фактор.

Се разбира, не велам дека сиве овие промени ќе се одиграат толку брзо, ама треба да се има предвид дека брзината со која нештата се менуваат уште сега е многу голема и дека станува сè побрза. Веќе сега е тешко да се замисли свет во кој нема компјутери, интернет, е-пошта и мобилни телефони, иако сите тие во масовна употреба се последниве десетина години. Ако понатамошниот развој продолжи со ист ритам, којзнае дали во наредните десет години во забрзаниот, виртуелен и мобилен свет на иднината ќе има место за писателите кои постојат денес, дури и ако прашањето за електронски авторски права го решат во своја корист.

 

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото