1025 hPa
58 %
11 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:14
Последниот напад врз кафулето Дамар целосно ја разоткрива агендата на екстремните христијански и исламски структури во државава. Наивно е да се мисли дека се нападна кафулето затоа што таму се собираат „геј луѓе“. Кафулето работи пет и пол години, сите во Стара чаршија, па и во Скопје знаат дека е собиралиште на квир луѓе. Никогаш досега не е нападнато. Напротив, во Старата Чаршија уживa и голема поддршка, зашто е едно од најзаслужните кафулиња за повторното заживување после декада на мртвило во чаршијата.
Токму овој факт ја праќа пораката која одѕвонува низ стаклата на искршените шишиња и излози, дека е неприфатливо ЛГБТИ заедницата политички да се артикулира и да стане соговорник на било која политичка структура која сака да дојде на власт во Република Македонија. Со својата работа Центарот е препознаен како точка која ја собира заедницата и политички (политички, не партиски, за жал морам да ја нагласам оваа дистинкција), ја освестува да се бори за своите права. Оваа мисија на Центарот е легитимна и единствено можна во демократско општество за маргинализирана група која не е застапена политички и ја нема во стратешките и акциските планови на институциите на државата.
Стравот од политичка артикулација на ЛГБТИ луѓето веќе ја разоткрива целата агенда која со години, особено од 2008 наваму трпеливо се спроведува. Агендата подразбира не само спречување на „новоосвестени“ групи, туку и репресија и обесхрабрување на оние групи кои веќе се политички освестени. Односно намалување на критичка маса која мисли и е ангажирана околу своите права. Од појавувањето на „анонимните“ постери со искасапени фетуси со кои едно утро беше излепено цело Скопје, обидот за вметнување на религијата во училиштата, комплицирањето на процедурата за абортус, за што ми паѓа на памет една секвенца од еден од говорите на Кенеди: Intimidation instead of the freedom of choice, и така натаму.
Затоа се овие симболи, симболични напади. Напад врз Центарот во чаршија, нападот врз мене на Маршот за толеранција, нападите врз правото на жената да одлучува за себе, нападите врз Академијата, студентите, врз сѐ што носи нова мисла, сѐ што не влегува во замислената коцка/улога која ќе ја зададат неприкосновените владетели.
Тука се надоврзува и уредувањето на односите на сите оние кои не сакаат да имаат институционализарана заедница по урнек на државата, бракот/коцката каков го/ја поима нашата држава. Се направи обид кој навидум го „штити“ бракот од „педерите“, а во суштина требаше да ги подведе под контрола вонбрачните заедници, или животните партнерства ако сакате. Оваа операција (не е случајна и не е измислена кај нас) требаше да ги обесхрабри не само „педерите“ да бараат регулација на своите односи, туку и хетеросксуалните парови кои сакаат да живеат надвор од коцката зададена од владетелите. Требаше да го сосече во корен нивното слободарство. Аргументот е „да го заштитиме традиционалниот македонски брак“. Долго размислував за овој аргумент и сè уште немам одговор, можеби вие ќе ми помогнете: каков е традиционалниот македонски брак? Дали се мисли на бракот како официјална форма на признавање на заедниците кои постојат? Тогаш тоа е оној брак кој прв го практикувал и се борел за него Ченто во ’45, форма регулирана и практикувана и од ’45 наваму. Тој брак нема потреба да се штити. Или како што ни обзнани опозицијата при минатогодишниот неуспешен обид за менување на Уставот: таа работа тие ја завршиле во ’96.
Ако не се мисли на тој брак, тогаш на кој традиционален брак се мисли? На оној од пред ’45, кога родителите одлучувале кој ќе е партнерот/ката? Кога се покажувал чаршаф наутро за да се докаже невиноста? Ако го штитиме тој брак, мислам дека е редно да ги прашаме граѓаните и граѓанките дали им се допаѓа идејата, нели? Дали сакаат нивните родители да им одбираат партнер/ка, и дали се подготвени наутро да покажуваат чаршаф?
Многу прашања без одговори.
Оваа опасна агенда на тајни центри кои се длабоко инфилтрирани во нашето опшетство и кои го корумпираат со многу пари нема да застане тука. Бруталноста на овие екстремисти, и христијански и исламски, доби лик во актот на кршење на пивско шише од главата на една 24 годишна девојка која беше дојдена како поддржувачка да го слави со нас вториот роденден на Центарот. Полека но сигурно се оддалечуваме од „европската агенда“ и влегуваме во „екстремистичката“.
Полека но сигурно стануваме крвава држава.
Го сакаме ли тоа како наша иднина?
Извор: Либертас, 27.11.2014.
Слики: Свирачиња