Длабоко во нас (фрагменти)

28.11.2014 01:56
Длабоко во нас

***

Шуштат зелени ракавици
На гранки од дрворед

Вечерта под пазуви нè носи
По пат кој не остава трага

Дождот паѓа на колена
Пред прозорците избегани

Дворовите излегуваат од портите
И долго гледаат по нас


***

Со ноќи исчезнува темнината

Железни гранки фаќаат
Минувачи за раце

Само непознати оџаци
Слободно чекорат по улици
Просечени низ нашата несоница

Во олуци ѕвездите ни гнијат


***

Без твоите погледи река сум
Која ја напуштиле бреговите

Ветрот за рака ме води
Твоите раце ги отсекол самракот
Белите улици пред мене бегаат

И прстите зазираат од моето чело
Врз кое светот се запалил

Зборовите во трева ми зараснале
Тишината ти го разнела гласот
Стварите сивиот грб ми го вртат

По темнината на моето тело
Опака светлина шестари


***

Патос сум жолт
Во празна соба во која седиш
Само твојата сенка да ме утеши

И скалило сум дрвено
По кое од собата на улица излегуваш
Само со сенката твоја да си поиграм

Лисје сум суво
Долж улиците по кои минуваш
Сенката да ти ја слушнам

И стена сум гола крај друмот
Низ кој се оддалечуваш
За твојата сенка да ме облече


***

Ова ти се усните
Што му ги враќам
На твојот врат

Ова ми е месечината
Што ја симнувам
Од рамењата твои

Се изгубивме
Во непрегледните шуми
На нашиот состанок

Во дланките мои
Заоаѓаат и зазоруваат
Јаболчиците твои

Во грлото твое
Се палат и гасат
Ѕвездите мои плаховити

Се пронајдовме
На златната висорамнина
Длабоко во нас

Превод: П. В.
Слики: Eugenia Loli
Извор: Кора, 1953; циклус: Далеко у нама

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото