Проектите за заштита најбезбедни

28.11.2014 02:09
Проектите за заштита најбезбедни

Скопската полиција во Аеродром почна кампања „Честитајте со разгледница, не со петарда“ со цел да ја подигне свеста на граѓаните – на родителите и децата – за опасноста од новогодишното славење со петарди и со други пиротехнички средства. Но, оваа нормална, превентивна, всушност наивна акција личи на детска играчка, кога ќе се види дека во исто време со кампањата на другиот крај од градот во ТЦ „Лептокарија“ почнала тепачка помеѓу ученици од ГУЦ „Здравко Цветковски“ во кој еден бил избоден со нож, а дека ден претходно во Гостивар средношколец расекол тројца сооученици во дворот на техничкото училиште. Да не зборуваме за тепачките по автобуси, на стадиони, за семејното насилство, за убиствата пред очите на децата...

Македонија дефинитивно стана пристојно место. Ама не за живеење, како што посакуваше Ѓорѓи Марјановиќ, туку за насилство и дивеење. Како никој да не сака да види дека под површината на овој таканаречен јавен ред и мир плови огромна санта незадоволство, омраза, револт и спремност за пресметки на живот и смрт, секаде, кај секого, во секое време, со сите средства, за што било. Трагедиите веќе не се инцидентни, туку вообичаени и предвидливи. Сударот помеѓу сантата наречена несреќа и бродот на кој пловиме во непознат правец и на кој сѐ почесто ни се повраќа, изгледа неизбежен.

И тука проектите за заштита, деновите на борба, кампањите за свест и другите такви акции личат на плашење мечка со решето. Ако воопшто имаат врска со безбедноста.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото