Преправај се, додека не успееш!

28.11.2014 11:37
Преправај се, додека не успееш!

Насилството во Македонија владее на секој чекор: во домовите, на улиците, во институциите... Голем дел од тоа алармантно нараснато насилство е предизвикан и е последица на неснаоѓање, пропаѓање, занемарување на огромни слоеви на населението... Но, важен дел на таа атмосфера на насилство е, всушност, имитирањето на добитничкиот силеџиски модел што го наметна власта, низ овие осум години непречено брутално владеење. Власта која по дефиниција мора да ја симболизира меката моќ, во Македонија стана исклучиво тврда, репресивна моќ и наполна негација на каква било целисходност на меката моќ! Луѓето, се разбира, тоа го гледаат и го примаат. И го прифаќаат насилството како еден од последните начини да ги контролираат сопствените животи.

Мажите се носители на повидливите, физичките аспекти на насилството. Иако губењето работа, на пример, е еднакво непосакувано искуство и извор на радикален стрес за припадниците на двата пола, психолозите тврдат дека мажите многу потешко го доживуваат тој настан. Ако престане да заработува, ако го изгуби статусот на главен снабдувач во семејството, мажот губи тло под себе. Кризата на идентитетот во која запаѓа се граничи со губење на смислата на животот. Натрупаниот страв и незадоволството прераснуваат во бес кој мажот неретко го ослободува преку акт на неконтролирана агресија – кон себеси, членовите на семејството или другиот, во најширока смисла на овој поим.

Според Соња Павловиќ, само на тој начин може да се објасни поголемата наклонетост на мажите кон она што психолозите го нарекуваат негативна екстернална атрибуција – припишување вина за негативните исходи кон некој друг или кон надворешните услови над кои поединецот нема контрола. Наспроти мажите, жените се понаклонети виновникот за своите неуспеси да го гледаат во себеси.

Но, да се потсетиме, кој е шампионот (според мене, апсолутниот континентален шампион) на „негативната екстернална атрибуција“? Кој е човекот што е на власт во Македонија, непрекинато, од 1998 навака? (со мала пауза од 2002 до 2006, но и тогаш е партиски водач) Кој е човекот кој и по речиси девет години апсолутна власт не прифаќа ама баш никаква одговорност за сопствените постапки?! Тој човек, според мене, е главниот генератор на насилството во нашата земја. Сè додека тој човек не замине на историското ѓубриште, насилството само ќе расте, на сите нивоа, и ќе биде сè помалку контролирано.

Неодамна прочитав книга за Шпанија под диктатурата на Франко. Кастиљо де Пино, угледен психолог, го анализирал шпанскиот диктатор и, предвидливо, кај него открил комплекс на пониска вредност. Франко во младите денови бил понижуван од страна на постарите офицери. Секогаш имал комплекси поради нискиот раст и пискавиот глас. Но, благодарение на челичната волја, тој подоцна ѝ се осветил на судбината.

Луѓето кои не се сигурни во себе, кои имаат комплекс на пониска вредност, токму со решителни и насилнички потези се обидуваат да ги прикријат своите слабости. И со својата свест и со својот инстинкт таквите личности настојуваат во очите на другите да се прикажат како јаки и немилосрдни. Свесен за своите слабости, Франко отсекогаш настојувал да се докажува пред другите, да ја велича сопствената личност, да ја восхитува околината. А за тоа му била потребна власта, безграничната, апсолутната власт. Желбата да се прикријат сопствените слабости изискувала сè повеќе власт, сè повеќе неограничено владеење над другите.

Овдешниот пример, иако во многу поскромна форма и пооперетски (погротескен, иако не помалку опасен) од примерот на Франко, ја олицетворува истата патологија на авторитетот. Германците имаат убав збор за таквиот тип силеџии: halbstärke (полуснажни). За каков тип на патологија на авторитетот станува збор ќе илустрирам со помош на ремек-делото на Томас Винтерберг, филмот „Прослава“. Кога на почетокот на филмот таткото ќе го прекинат кога на синот му раскажува простачки виц, тој се жали дека веќе никој не го почитува. Слично, кога на крајот од филмот ситуацијата конечно ќе експлодира, се руши привидот, пристојниот ритуал на семеен ручек; откако неговата ќерка јавно ќе ја прочита прошталната самоубиствена порака на својата сестра која тој секојдневно ја силувал, таткото побарува чаша вино за себе и ќерката за да наздрават за нејзиниот убав говор, а откако никој нема да се помрдне, почнува да вика, жалејќи се на недостаток од почит. Според Жижек, токму тоа е целосно почитување: почитување на авторитетната фигура дури и кога самата таа е обесхрабрувачка, понижувачка, опсцена... „Втората важна лекција од овој филм ни зборува дека е многу тешко да се прекине ритуалот кој го одржува привидот: дури и по оперативните понижувачки разоткривања на поранешните злодела на таткото, ритуалните „манири“ на ручекот сепак продолжуваат – она што тука се одржува не е реалното на траумата која се враќа и се спротивставува на симболизацијата, туку самиот симболички ритуал.“)

Пастирот и целокупниот груевизам заправо се само одржување на празни ритуали на авторитетот, бескрајно ѕидање фасади кои ја прикриваат тоталната испразност на режимот. Баш како што вели Жижек: преправај се, додека не успееш! Fake it until you make it! Посакуваниот учинок се создава само со лажирање?!

Дали груевизмот има шанси да стане ненасилен, преправајќи се дека е ненасилен?! Тоа е прашањето за милион долари во актуелниов миг во Македонија. Тоа прашање незаобиколно е поврзано и со другото мошне важно прашање: дали груевизмот може да се сруши без пролевање крв?!

Слики: The Royal Art Lodge

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Фотографија / Став

ОкоБоли главаВицФото