1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Во принцип ги поддржувам и би се вклучил во сите иницијативи кои ќе артикулираат нови политички пристапи, блиски до интересите на сите граѓани - за да дојдеме до решение за безизлезот во кој нè доведоа нашите политички елити, особено оние кои се сега на власт.
Во време кога сите ги констатираат проблемите, а ретко кој нуди решенија, во оваа безидејност и апатија, време е за проветрување на политичкиот простор и за нови политички структури и идеи.
Но, имам важна порака до сите оние кои се на ниет да тераат ваква борба:
Со иницијативи во кои доминира еден етникум или кои немаат намера да најдат вистински сојузници со слични идеи кај други иницијативи од друга заедница, без градење на таква заедничка опција или коалиција, тешко до победа над овој систем. Зошто?
Спроти себе на власт имаме една функционална мултиетничка коалиција. Машинеријата се базира на интерес, пари, непотизам, корупција, страв, насилство, сервилност, криминал, кражба на народни пари, манипулирање на избори итн.
Но, освен во ресурсите, главната сила и последното прибежиште на таа машинерија лежи во псевдо-патриотизмот и можноста да ги користат и мобилизираат националистичките страсти секогаш кога ќе им загусти или притреба.
Тешко дека може кој било да им ги одземе гласачите на луѓето кои негуваат таков тип вредности и да биде „попатриот од патриотите“. Таа битка е однапред изгубена, бидејќи секогаш во тој случај, освен богатите партиски а богами и државни ресурси, на другиот му стои на располагање помошта од коалицискиот партнер. Сетете се само на Кале, на Монструм, изборот на командант Талат на функцијата министер за одбрана и ред други меѓуетнички деликатни ситуации, кои често се случуваат токму тогаш кога ѝ загустува на власта. Ви текнува, во едната рака кибритот, во другата кофата со вода.
Овој систем, не само во политичка, туку во општествена смисла, може да го победи само мултиетничка опција или коалиција која ќе се изгради искрено и со меѓусебна почит, и ќе биде спремна да се бори за менување не само на власта, туку и на „вредностите“ кои таа ги етаблираше и на овој систем воопшто. Сè друго ќе биде само менување на Курто и Мурто и живеење во истата жабокречина.
Спремен сум да бијам и изгубени битки, како и досега. Ама еве, да запишам, да не биде после дека младичот со кристалната кугла не предупредил на време.
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња