Го сакам ГТЦ на архитектот Живко Поповски

29.11.2014 13:33
Го сакам ГТЦ на архитектот Живко Поповски

Го сакам ГТЦ, зашто нема Врати!

Нема врати кои се отвораат и затвораат, отклучуваат и заклучуваат, нема работно време, од осум (8) до дваесет и два (22)...!

Таму може да влезете и да излезете, кога сакате и од каде сакате. Кои и да сте!

Од секоја страна на Градот, да ја почувствувате пријатната недоумица да сакате да бидете таму, да застанете, да седнете, да се шетате, да талкате низ неговите улици и улички, или да продолжите понатаму во сите правци, во сите широчини на големиот Град!

На исток кон квартовите и Железничката станица, на запад кон Плоштадот и понатаму, кон Булеварите, на север кон Реката, покрај и преку Реката, на југ кон Паркот и Народното Собрание, и потаму!

Таму можете да пристапите со сите можни механики и моторики!

Рамно, по скали, по рампи, надолу или нагоре!

Лесно и лагодно за секого, сами или заедно, без да го менувате вниманието!

Струењето на воздухот е негова посебна вредност, кое го модулираат промените на времето, исто како и променливоста на текот на времето на луѓето!

И сите овие можности се силно поддржани од едноставноста и јасноста на присвојувањето на просторот!

Вака некако би ви одговорил ако ме прашате што е демократски Простор, што е демократски Град, демократски Урбанизам!

Што е Архитектура?

ГТЦ е, навистина, „Архитектура на град“, еден покриен „плоштад“, можеби би се сетил на една античка Агора, и секако, на Чаршија!

ГТЦ, е повеќе од Зграда, тоа е Модерен градски Предел, Пејзаж низ кој минува „градот“, го поддржува и го обликува движењето како траење и како обновување.

ГТЦ е Етички проект, кој ја препознава и на мајсторски начин ја надградува визијата на Танге за Скопје како Град на иднината, кој е наша суштествувачка стварност, го сакале тоа или не!

ГТЦ не е „Сити мол“, не е „Хангар на ледина“, тоа е „Организам“ кој го одржува и го стимулира „пулсирањето“ на градот! Тој е едно од неговите „градотворни Ткива“!

ГТЦ е, како што забележувате, Крстопат, Чаршија на 20 и 21 век, кој моќно ја означува новата историја на Скопје!

ГТЦ е топографски Предел, кој нема класична Обвивка, нема фасади кои искажуваат ваков или онаков стил, тоа е улица, флуид што трае, пасаж, премин во интервали на чекорот...

ГТЦ е Место! Место на идентификација, поистоветување со градот, кое ја создава свеста за градот!

ГТЦ е Право на Град!

ГТЦ е Архитектонска Творба со висока композициска и уметничка вредност, оригинално дело кое силно ја обележа современоста на Градот во 70-тите години.

ГТЦ е „Прилагодлива Машина“, Мега-Склоп (Сложувалка) кој не престанува да функционира и во време на кризи и транзиции од секаков вид, кој се самопреобразува на чудесен начин!

ГТЦ е Конструкторско Откритие на своето време!

ГТЦ му ја донесе Модерноста на градот, како негово цивилизациско „впишување“.

ГТЦ е голема поука / лекција за студентите по архитектура и за професионалците, но, верувам, и воопшто за граѓаните.

ГТЦ, е помалку Естетика, повеќе Етика (ако го парафразирам познатиот дизајнер Филип Старк).

После 40 години „обзнанување“ на неговите вредности и на неговото делотворно и активно вклучување во животот на Градот, време е ова архитектонско Дело на архитектот Живко Поповски да биде заштитено како Споменик на културата, како Културно добро од Јавен интерес!

Потребни се правни инструменти за Заштита!

Тоа подразбира строги правила за заштитување, проекти за чување на ГТЦ, кои ќе ги заштитат авторството и автентичноста на Творбата, кои ќе ги препознаваат делотворните промени и кои ќе придонесат кон издигнување на неговите основни вредности и ќе гарантираат траење.

ГТЦ. Го сакам бидејќи високо го респектирам како дело и како автор. ГТЦ му е оставено на Градот како вредно културно наследство, на сегашноста и на иднината! Тоа е вредност, како трајна идентификација!

Скопје = ГТЦ!

Извор: Глобус, 9.07.2013.
Насловна слика: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Филм
Јавни простори
Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото