Зошто страв од колоквијалниот јазик?

01.12.2014 01:42
Зошто страв од колоквијалниот јазик?

(За преводот на Хаклбери Фин)

 

Во рамки на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ преведов шест дела од англиски на македонски јазик. Прочитав уште толку. Сите дела што ги преведов, прочитав и разгледав, без исклучок, се ремек-дела на светската книжевност, со што се нуди извонредно богатство од литература за македонските читатели.

Но овој текст го пишувам за да го свртам вниманието на едно негативно искуство што отвора многу дилеми не само за мојот превод на Хаклбери Фин од Марк Твен, туку на односот кон книжевноста воопшто. Имено, објавениот превод на кој стои моето име (Калина Малеска-Гегај) е превод што јас го извршив на колоквијален јазик, но кој потоа е лекториран и трансформиран во литературен јазик без мое одобрување, дури и без мое знаење, што сакам овде јавно да го истакнам. Овој потег, преведувачот да не се консултира за внесените измени направени буквално на сите страници, од првата до последната страница на книгата, е во најмала рака непрофесионален и неетички потег.

Бидејќи процесот на преведување и прегледување на текстот одеше низ повеќе инстанци: преведувач-агенција за преведување-лектор-издавачка куќа-стручна редакција (немам увид кој е точно редоследот), не знам и нема да правам претпоставки чија била одлуката преводот да се објави без преведувачот да се консултира за измените. Само ќе повторам дека ова е недозволива и непрофесионална практика и се надевам дека овој текст ќе послужи како поттик таа никогаш веќе да не се повтори. Постоење на еден основен професионален и етички стандард е најмалку што си должиме на себеси во сите сфери на живеењето.

Не толку страшен во оваа ситуација, но сепак важен како основа за понатамошни дискусии на кои сакам да повикам со овој текст, е и односот кон колоквијалниот, односно неформалниот, разговорен јазик на кој го преведов романот на Твен, а кој е целосно трансформиран во објавеното дело. Имено, агенцијата за преведување неколку пати ми го врати преводот со забелешка дека треба да биде литературен и дека тоа е ставот на стручната редакција, не прецизирајќи кој член од редакцијата инсистирал на ваквиот став.

Хаклбери Фин е првпат објавен во 1884 година, прв голем роман во американската книжевност објавен на вернакуларен јазик, односно на дијалект, говорен јазик, онаков каков што се зборува долж реката Мисисипи, а НЕ на литературен јазик. Ова е и причината поради која се јавиле безброј контроверзи и спротивставени гледишта, а токму по оваа своја карактеристика – употребата на говорен јазик – романот сè уште се препознава и се дискутира и денес. Раскажан е во прво лице еднина, а наратор е самиот Хак Фин. Хак е четиринаесетгодишно момче кое израснало на улица. Следствено, Хак е необразовано момче, а на почетокот од романот почнува да оди во училиште, каде што само неколку месеци учи да чита и пишува, по што почнуваат авантурите врз кои се сосредоточува романот. Токму затоа, романот што го раскажува Хак е напишан со колоквијален, разговорен стил, со едноставен секојдневен јазик соодветен за четиринаесетгодишно необразовано момче. Ова им го објаснував на претставниците на агенцијата за превод трите пати кога ми го враќаа текстот и барав од нив објаснувањето да биде пренесено до стручната редакција. Најпосле додадов и фуснота во која ги нагласив овие работи што ги пишувам погоре во пасусов, по што преводот не ми го вратија, па оттаму заклучив дека моето објаснување е земено предвид и прифатено.

Но изненадувањето ме чекаше кога пред неколку дена ја видов испечатената книга и открив дека овој говорен, колоквијален, нелитературен јазик на необразованото четиринаесетгодишно момче се претворил во македонски литературен јазик во согласност со сите правила на пишаниот македонски литературен јазик. На овој начин, романот звучи крајно несоодветно и смешно, затоа што Хак едноставно не говори литературно, со што е направено катастрофално осакатување на јазикот што Марк Твен го употребил со свесна намера и со јасна цел во својот роман.

Зошто тој страв од колоквијалниот јазик? Се согласувам дека треба да го негуваме и унапредуваме македонскиот јазик. Другите пет дела ги преведов сосема во согласност со македонскиот литературен јазик, правејќи притоа истражувања на дела на значајни македонски писатели од втората половина на дваесеттиот век и со употреба на издадените македонско-македонски речници. Но Хаклбери Фин не е роман напишан оригинално на литературен јазик, а сепак и тој, и Бојата на пурпурот на Алис Вокер, и Ловец во ’ржта на Селинџер – што се само неколку примери на книги напишани на неправилен, говорен јазик, специфичен за културните околности во кои живеат протагонистите – остануваат ремек-дела напишани на англиски јазик, што на никаков начин не го уназадуваат или поткопуваат англискиот јазик. Напротив. Тогаш како нивните преводи на соодветно колоквијален јазик би можеле да му наштетат на македонскиот јазик? И говорниот и колоквијалниот израз се дел од јазичното богатство, па она што би го осиромашило јазикот е нивната целосна елиминација, а не нивното внесување во книжевноста.

Овој текст има намера да нагласи и да предупреди дека практиката да не се консултира преведувачот за внесените промени не смее да се повтори; како и намера да повика да се отвори поширока дискусија во која ќе се вклучат и застапниците на ставот дека книжевните дела не мора секогаш да бидат напишани или преведени на стандарден литературен јазик, особено (кога станува збор за преводот) ако оригиналот не бил таков, и дека тоа на никаков начин не му штети на јазикот.

Илустрации: Edward W. Kemble

ОкоБоли главаВицФото