Структура, Поезија и хаику

01.12.2014 15:58
Структура, Поезија и хаику

„Ut pictura poesis – песната е како слика“
бил ставот на римскиот поет и теоретичар Хоратиј (65-8 год.пр.н.е.).

 

Ова „негово елиптички артикулирано поетичко кредо“¹ може да се сврти и да гласи: „Сликата е како песна“ или да се прошири како слоган за уметничкото дело „Уметничкото дело е како поезија“, уште повеќе, може и да служи како детерминанта, дефиниција за делото: „За да биде уметничко, делото треба да биде како поезија, песна, поема“...

Визуелната поезија во сликарството на Кле (Poul Klee), Миро (Joan Miro) и Арп (Jean Hans Arp) се ткае со детска чистота која плени, спонтаност, едноставна форма, концентрација, интензитет на бојата во полето, калиграфски цртеж и суптилен хумор. Миро често вметнува и некои зборови, најчесто „поетски“, како ѕвeзда, сонце... Кле, пак, и букви и интересни знаци како во оваа негова слика.

Нивните уметнички дела (слики, скулптури) се биоморфни форми во кои е инволвирано семето-импулс за органското буење на виталната енергија.

Тие ја продолжуваат традицијата на панпсихистите (од Платон и Плотин, преку Џордано Бруно до романтичарите) и виталистите кои верувале дека сè во Природата има душа, традиција која ја прифаќаат Симболистите во втората половина на XIX век.

Да, сè има душа дури и прашинките, паднатите лисја кај Дибифе (Dubuffet)...

Перица Георгиев-Пепси во овие слики од серијата Саврупаананда, (околу 1996 година) веќе го издигнува своето радосно поетско чувство до блаженство, ананда, па сликата сега зрачи со бела светлина, прочистен цртеж во едноставни структури од боја кои сугерираат некаков урбан предел и пејзаж, под небото од пастелни бои. Црна боја воопшто нема. Цртежот е со виолетова боја...

Во поезијата ( грч. poíēsis, стихотворно уметничко творештво; ритмичка реч; фиг. убавина, нешто прекрасно и возвишено) е екстрактот на структурите.

Првиот поим, збор, за мене најсеопфатен, и кој до срж продираше во нештата, беше – структура². За мене структура беше една широка категорија, во која влегуваше и бојата и амбиентот и микро и макрокосмосот и нештата помеѓу.

Според теоретичарите образец за комуникација со/во/на структурите е јазичниот знак. Уметничкото дело е знаковна структура или код. Со нив нештата (структурите) стануваат видливи. Знакот е аналог на структурата.

Структурата се препознава во префинетото разликување меѓу знакот и симболот. Кога знакот се оптоварува со многу „содржини“ и преминува во симбол (да не речам - се вулгаризира) се губи „фината структура“ и уживањето во „текстот“.

Во 1990 година се проби поетското чувство во мојот ликовен јазик. Тоа лето патувавме со автомобил од Москва кон Ленинград. Во малечкото тефтерче ги скицирав пределите во движење. Цело лето ми беше исполнето со многу патувања кои беа пресудни за созревање на лирското чувство. Цртежите со молив во овој текст се од тој прв ликовен дневник. Благодарение на овие цртежи многу живо се сеќавам на тие патувања, бидејќи разни екстракти-структури така се вградија во мене, како свежината на брезовите и боровите шуми, на езерата и пространите рамнини, на паркот во Новгород, потоа на Ленинград (тогаш сè уште беше Ленинград) и другите градови.

Во едно друго тефтерче (блокнот) од 1992 година на четвртиот лист е овој цртеж – елаборација на структури. Како целата моја филозофија да е збрана во овој малечок неугледен цртеж:

На почетокот Ништо
Белина

Потоа Враќање (кон
изворот?)
Низ пет чекори
Розово
Портокалово
Виолетово
Зелено
Жолто

Па следат две структури од комбинации на овие бои

Во третата структура се појавува сребрена нишка

Сребрено огледало со розови форми

Во вториот ред е Сам (или сама) и сина боја. Статусот на уметникот е самотија и слобода.

Низ Комуникација (длабоко сино) се остварува како креативно битие-индивидуа, го реализира своето дело, исполнувајќи го животот со значење.

Па црно и црвено (кој високо лета ниско паѓа, ако не ја спознае смртта како феномен на преобразба, де-конструкција, не како уништување, де-струкција), на што контрапункт е розево и портокалово.
Затоа е напишано
Храброст
Бидејќи храброст е да се живее со свесност за кревкоста и минливоста, и болката која постојано е со нас, а истовремено да се избориме за убавината
Повторно Сина
Тогаш сме Сведок (набљудуваме)
Значи индивидуа со јадро
На крај Клетка со розова плазма, црвена мембрана и портокалово јадро. (Црвената боја сега се јавува као мембрана на клетката: личноста во страст да се живее овде и сега)

......................

Јас исто како и Ролан Барт (Roland Barthes) сум воодушевена од Јапонија. Јапонија е царството на знаците, Мека на структурите, знаците во чиста форма, неоптеретени од погрешни значења кои умот често им ги придава на нештата, умот кој двои и “дефинира“, значи, им ја одзема душата.

Во Јапонија (или во идеалната земја Јапонија, бидејќи денешна Јапонија многу повеќе заличува на западниот свет), најмногу благодарение на зенот, знакот е сочуван во својата природност, изворност, а со тоа, живот ја има свежината на поетската димензија...

„Обичните нешта“ воздигнати до највисок пиедестал.

„Башо беше тој кој хаику поезијата ја издигна на ниво на првостепена уметност, на висина до која никој пред нити после него не допрел. Во поезијата воведе 'обични' нешта, 'обични' растенија и животни и 'обични' зборови на секојдневниот говор, велејќи дека поетот треба да се движи и во масата, но при тоа да го сочува благородниот дух, и дека поезијата треба да го разубави обичниот говор. Башо вели: Важно е духот да ти биде високо во светот на вистинското разбирање, а при тоа да не ја заборавиш вредноста на она што е обично. Секогаш барај ја вистината на убавината, секој пат врати се на светот на обичното доживување... Хаику просто е она што се случува на ова место, во овој момент .“ (Јапонска хаику поезија, Владимир Девиде)

 

     Прастар рибњак;
      Звук... (плоп!)
  Жабата скокна во водата.
              Башо

 

 

 


„Досадни деца“ –                      Еј, пеперутке!
Кој ова го кажува (нему)       Разбуди се, разбуди се -
Цветот не цвета.                     Ај, да бидеме другари.
Башо Башо

„... во заднината на секое добро хаику постои благ хумор, но кога ќе го истакнете тој хумор, тој исчезнува, делумно затоа што е толку нежен, a делумно и затоа што секој хумор умира со разјаснувањето и со догматизмот...“ (R.H.Blyth)

„Недофатливото“ чувство „се уловува“ во хаику поезијата, во тој меѓупростор, во ткаењето на структурите, кои се испреплеткани, без да го изгубат идентитетот, кои се втопени едни во други, без да умрат како такви. Структура во широка смисла на зборот е душата на нештата, таа фина супстанца која ни се измолкнува ако премногу ја анализираме и разјаснуваме...

Во хаику поезијата „обичните“ зборови предизвикуваат поетско доживување и чувство на хармонија поради Полната Празнина (со екстракти на структури) која постои како заднина на искуството. Во склопот на еден момент поетот само ги извлекува акцентите.

Главната разли(а)ка која се провлекува меѓу Истокот (да прецизирам Јапонија) и Западот (Европската култура) е детектирана токму во елементарното доживување на нештата, низ структурите.

Во ставот што се формира со источниот поглед кон светот е фузијата на субјектот и објектот, губењето, претопувањето на „јас“ во океанот или во танцот на структурите (не мислам на ентропија, макаршто има нешто и од тоа), додека во западниот свет секогаш погледот е „обоен“ и помалку или повеќе оптоварени со доминација на субјектот над објектот. Таа „его-центрирана перспектива“ беше укината во минатиот век, затоа ова повеќе не важи ни за Западот.

Нема автор туку само јазик, писмо, ткаење, структури.³ Оваа операција се спроведува за да се отарасиме од „моќта“ а сепак да ја сочуваме силата на структурите која е во нивната иманентна чистота.

И неблагодарно е да се прави разлика Исток-Запад, денес, кога имаме глобална култура и кога Истокот презеде многу од Западот, и обратно.

Но, сепак, генерално, може да се издиференцираат суштински разлики во поставеноста кон светот, во погледот кон реалноста, слеани во два типа на опсервирање, кои сега условно можеме да ги означиме со поимите традиционално „западен“ и „источен“ поглед...

...Би рекле, разликата е во тишината, белината, празнината4 кои се суштина на „источниот“ тип на перцепција (во Јапонија белата боја покрај црвената е на врвот на омилени бои. Моја омилена боја исто така е белата)...

Но, секое јаство трага по уникатен облик на слобода што се остварува со „западниот“ поглед. Од таму се црпат други сили и љубови, затоа двата погледи се надополнуваат и во нивната рамнотежа или фузија е хармонијата. (Денес Јапонците го обожаваат сликарството на Ван Гог исто како што Ван Гог бил воодушевен од јапонската култура.)

Сепак, остварувањето слобода не е едноставен подвиг! Зборувам за остварување внатрешна слобода независно од или паралелно со какви било надворешни неслободи. Понекогаш не може да го издржиме тој притисок, ни се чини дека ќе експлодираме (кога немаме празнина и тишина во себе и сме полни со сè и сешто). Слободата не се остварува на „лесен“ начин.

...............

Кога би можеле толку многу да го поедноставиме својот живот, па секој момент ни стане лирски момент, живеејќи го танцот на структурите (како танцот на Шива5 ?) и кога во тој поетски след моментите ќе бидат „уловени“ во хаику, мислам дека тогаш ќе ја достигнеме слобода кон која се стремат поетите: во „обичниот“ живот да го живееме „неописливото и неискажливото“...

___________________________________________

¹Владимир Мартиновски, Од слика до песна

²Поимот, зборот структура јас си го присвоив уште во студентските денови и го наполнив со многу лични значења. Не мора да значи дека овие значења се поклопуваат со тие во теоријата. Структурата за мене е некаква мала целина која гради поголема целина - структура. Секоја структура има текстура или густина, боја, или е безбојна, има специфични карактеристики и врски со други структури. На пример, клетката во организмот е структура, но и органелите во неа се структури, потоа ткивото, органите, па системот, крвен, нервен или друг итн. Некои структури си постојат како паралелни светови и никогаш не се допираат, освен во бесконечноста. Еве еден цитат од мојата дипломска работа во 1992 година. „СТРУКТУРИ, ЦЕЛИНИ, кои градат посложени целини, системи кои се вткајуваат, се допираат, се преклопуваат. Животот што нè опкружува и поезија, музика и звуци од природата, миријада на бои и облици. Светови кои се судираат, хемиски реакции, трансформации. Зрно песок и океан". Структурата е повеќе во градбата и е поблиску до материјата, а душата ја трансцендира структурата, би рекле. Не можам баш прецизно да го артикулирам односот меѓу структурата и душата. Има некакво суптилно прелевање на едното во другото, нешто како процесот на размена на гасови што се случува низ тенката мембрана на алвеолите при дишењето, можеби... Постојат некои структури кои никогаш не ме интересирале, како на пример воените структури или политичките структури или некои други општествени структури. Тие можеби немаат директна врска со душата, но имаат врска со други структури кои имаат. Така некако. Економските структури ме интересирале, и извесен период сум била во тој сектор (но не да правам бизнис од моето сликарство, тоа не).

³ „Јазикот е оној што владее со уметничкото дело, а не авторот (ова, смета Барт, го увидува уште Маларме), та затоа, по губење на важноста на авторот или, порадикално кажано, по неговата смрт, желбата да се растајнува текстот станува небитна. Всушност, според Барт, текстот не треба да се одгатнува туку да се расплетува затоа што тој ’не е црта на зборови што произведуваат едноставно ‘теолошко’ значење (соопштение на Авторот-Бог), туку е мултидимензионален простор во кој разновидностите на пишувањата, од кои ниедно не е изворно, се мешаат и се судираат. Текстот е ткиво на цитати изведени од немерливиот број на средишта на културата’ (Ролан Барт, Смрт на авторот). На тој начин уметничкото дело, односно книжевниот текст, се здобиваат со својства на отвореност и интертекстуалност... Идејата на Барт е да го прикаже текстот како едно неограничено производство на значења, зашто во него се случува ’експлозијата на значењата’ како резултат на иманентната интертекстуалност што секој текст во себе ја содржи. Како што вели Барт ’наспроти традиционалниот поим на делото, долго – и денес уште - сфатено на, така да се рече, њутновски начин, постои барањето за нов предмет, што би се постигнал со придвижувањето или преобрнувањето на поранешните категории. Тој предмет е Текстот.’( Ролан Барт Од дело до текст) “
Иван Џепароски, „Уметничкото дело“

4Будистичката сутра на Срцето „Празнината е форма, формата –празнина“ ние луѓето од Западот не ја разбираме, бидејќи немаме поим за таа празнина што се спомнува во оваа сутра. Обично во западниот свет поимот „празнина“ се сфаќа во негативна конотација, како ништожност, ништавило, празен живот без смисла и слично. Нам, луѓето од Западот, ни е скратена убавината наречена празнина (тишина, белина) во таоистичка, будистичка или јогинска смисла, затоа сме духовно хендикепирани. Медитацијата доведува до таква празнина, но ние немаме медитација како некаква традиционална практика. Ние, луѓето од Западот, знаеме само за молитвата (добро, и контемплацијата), што во најмала рака значи дека очекуваме и бараме „некој друг надвор од нас“ да нè спаси, а не ние самите себеси во себе. На начинот како ги сфаќаме нештата и едното и другото имплицира некаква крајност, па буквално веруваме или во првото – надприродна сила надвор од нас или второто – нашето толку ценето его. Така постојано се фрламе себеси од една во друга крајност и никако да стигнеме до средината, средиштето каде што е хармонијата, убавината. Кинезите имаат Таи– чи–чуан, нешто што не е ни медитација ни молитва, туку фантастично ускладување на енергијата, рамнотежа на јин и јанг во Тао. Ниту такво нешто ние во западниот свет немаме...

5„Танцот на Шива“, Глобус бр. 309 / 26.03.2013.

Слични содржини

Фотографија / Живот / Уметност
Живот / Уметност / Историја
Живот / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото