Врати ми ги крпчињата

02.12.2014 09:27
Врати ми ги крпчињата

***

Падни ми само на ум
Мислите мои образот да ти го изгребат

Излези само пред мене
Очите да ми залајат на тебе

Само отвори ја устата
Молчењето мое вилиците да ти ги скрши

Сети ме само на себе
Сеќавањето мое земјата под стапалата да ти ја раскопа
Дотаму меѓу нас е дојдено


***

Тебе ти доаѓаат куклите
А јас во крвта своја ги бањам
Во крпчиња од своја кожа ги облекувам

Лулашки од својата коса им правам
Количка од своите пршлени
Крилатици од своите веѓи

Им создавам пеперуги од своите насмевки
И дивеч од своите заби
Да ловат времето да го убиваат

Каква ми е па тоа игра


***

И ти сакаш да се сакаме

Можеш да ме правиш од мојот пепел
Од кршот на моето клештење
Од мојата преостаната досада

Можеш убавице

можеш да ме фатиш за праменот на заборавот
Да ми ја прегрнуваш ноќта во празната кошула
Да ми го љубиш одекот

Па ти не умееш да се сакаш


***

Ти го избришав лицето од своето лице
Ти ја сринкав сенката од својата сенка

Ги израмнив бреговите во тебе
Рамниците во брегови ти ги претворив

Ти ги завадив годишните времиња
Ги одбив сите страни на светот од тебе

Го свиткав својот животен пат околу тебе
Својот непрооден својот невозможен

Па ти сега гледај да ме сретнеш

Превод: П. В.
Слики: Eugenia Loli
Извор: Непочин поље, 1956; циклус: Врати ми моје крпице

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото