Колку години живот губиме поради загадувањето?

03.12.2014 09:34
Колку години живот губиме поради загадувањето?

Лондонската магла, чадот над Рурската област. Тоа се стари легенди. Загадувањето на воздухот на овие места е во опаѓање. Квалитетот на воздухот во Европа во последните децении значително се подобри. Па сепак, концентрацијата на отрови сѐ уште е доволно висока за да претставува опасност за здравјето. Тоа го покажуваат резултатите од истражувањето на Европската агенција за заштита на животната околина (ЕУА) со седиште во Копенхаген. ЕУА испитала околу 14 илјади индустриски постројки и електрани со цел да ги пресмета трошоците кои произлегуваат од загадувањето на воздухот. А тие, според резултатите, за 2012 година изнесуваат најмалку 59 милијарди евра, а најмногу 189 милијарди евра, во зависност од моделот на економските штети.

Загадувањето на воздухот не се намалува

Особено во градовите, каде живее најголем дел од европското население, измерениот процент на штетни состојки како озон, азотен диоксид и ситна прашина многу често ја надминува дозволената граница.

„Половина од трошоците предизвикани од загадувањето ги создава еден процент од индустриските погони. Тоа е застрашувачки“, вели директорот на ЕУА Ханс Брујнинкс. Второто откритие е дека меѓу 30-те најголеми загадувачи на воздухот се наоѓаат 26 термоелектрани - најмногу од Германија, а потоа од Полска, Бугарија и Романија. Но и хемиската и челичната индустрија произведуваат големо количество на штетни состојки во воздухот. „Дека меѓу најголемите загадувачи се наоѓаат осум електрани од Германија, тоа не е ништо ново. Но, притоа мора да се нагласи дека во апсолутен износ тие произведуваат огромни количества јаглерод диоксид, но релативно гледано, сепак произведуваат струја многу поефикасно од електраните во источна Европа и Франција“, вели Арне Фелерман од Европското биро за заштита на околината.

ЕУА пет години работела на ова истражување. Во временскиот период од 2008 до 2012 година трошоците за загадување изнесувале најмалку 329 милијарди евра, а максимум до 1.053 милијарди евра. ЕУА исто така изнесе податоци дека во близината на овие индустриски постројки растат и трошоците за престој во болници, најчесто поради срцеви или заболувања на дишните патишта, бројот на смртни случаи како и бројот на боледувања.

„Во меѓувреме постојат технички можности за намалување на продукцијата на штетни состојки во воздухот, но концерните наведуваат дека со нивното користење би работеле во минус, односно, не би биле доволно конкурентни на пазарот“, вели Фелерман.

„Но, имајќи предвид дека загадувањето на воздухот не се намалува, потребна ни е нова, европска политика за чист воздух“, вели Дороти Холц од германската организација за заштита на климата ДУХ. Според неа, индустриските погони треба постојано да ги обновуваат своите филтри. Исто така, додава таа, доколку германската влада сериозно го сфаќа енергетскиот пресврт, тогаш треба под лупа да ги стави термоелектраните. Притоа, големо загадување предизвикуваат и сообраќајот и земјоделството. Метанот особено ја оштетува озонската обвивка, додека нитратите како амонијакот ги загадуваат водата и почвата.

Ќе има ли резултати?

Но, дали нешто во иднина ќе се промени во однос на политиката е големо прашање. Под раководство на Жан-Клод Јункер, комесарите дискутираат за евентуално испитување на регулацијата на европскиот пакет за зачувување на чистотата на воздухот и конкурентноста на пазарот. Имено, десет водечки здруженија за заштита на околината досега залудно се обидуваа да добијат термин кај Јункер за да разговараат со него за проблемите. Тие сега се надеваат дека студијата на ЕУА сепак ќе предизвика промени во начинот на размислување.

Конечно, производителите на струја произведуваат и енергија за потребите на населението. „Свеста за проблемите поврзани со заштитата на околината како и желбата за чист воздух доаѓаат дури откако 'стомаците се полни', кога имаме работа и кога веќе не мораме да се грижиме за егзистенцијата“, вели Арне Фелерман.

Но, општеството исто така плаќа и поради загубата на работни денови, поради штетите од слабите жетви, како и поради сѐ поголемата потрошувачка на енергија, вели тој. Поради тоа, Фелерман вели дека мора да се постави прашањето: што ќе се случува со индустријата? Сакаме ли да ги достигнеме енергетските цели или ќе го прифатиме загадувањето како нужно зло? И колку сето тоа ќе нè чини?

Извор: Deutsche Welle