1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Да гледаш, да слушаш, да се чудиш и да не можеш да се доизначудиш! Сè повеќе нè убедуваат дека денес кај нас (а, попатно кажано, и во светот), нема фашизам! Ни велат, знаете, малкумина шетаат со кукасти крстови на рацете, малкумина се воодушевуваат од Хитлер и малкумина самите се декларираат како фашисти...
Прво, тие „малкумина“ кои ни ги (по)кажуваат, не се баш толку „малку“. Второ, зарем навистина некој кој е сериозен очекува фашистите околу него отворено да се декларираат како фашисти? Па секако, тоа нема да се случи... Барем сега за сега (иако, како што видовме на украинскиот случај, и јавната промоција не е неможна и неприфатлива за „европската јавност“)! Во секој случај, историски погледнато, ниту германските нацисти, ниту фалангистите на Франциско Франко, ниту усташите на Анте Павелиќ..., самите не се декларирале како фашисти. Зарем по седумдесет години не се разбира дека поимот фашизам е генеричко име за сите десничарски автократско-капиталистички режими и дека во основа служат за непречено оплодување на капиталот и создавање на екстра профит! Знам дека заради вообичаената интелектуална мрзливост (присутна и во универзитетската средина), „полесно би ни било“, како што вели Умберто Еко во неговиот текст „Вечен фашизам“, „ако би се појавил некој кој јавно би зборувал дека сака да отвори нов Аушвиц“, но тоа нема да се случи. Едноставно, фашизмот ни се враќа под демократска (неолиберална или демохристијанско-конзервативна) маска.
Кај нас, наводното аргументирање за „немањето фашизам“ се состои во произволното тврдење дека „кај другите има фашисти, а кај македонскиот народ само патриоти“. Дури и на индивидуално ниво, под тежината на моралниот притисок или заради незнаење, секој фашист за себе тврди дека е само „македонски националист и патриот“! Фашистите упорно ќе ви тврдат дека тие не се фашисти, туку дека се борат за исправање на неправдите, кои Европа и соседите, му ги нанеле, на секогаш мирољубивиот и кроток, „библиски“ македонски народ. Оттаму, „фактички“, кај нас во Македонија нема фашизам, тоа се само „халуцинации“ на неколкумина антифашисти и „комуњари“!
Според многумина релевантни автори, фашизмот како свои основни карактеристики ги има национализмот, антикомунизмот, религиозниот фундаментализам, цезаризмот (односно постоењето на автократски партиски и државен лидер и негово обожавање), лажираните избори, контролата на медиумите и синдикатите, корпоративната економија, жестоката пресметка со политичките противници, живеењето и пропагирањето на филозофијата на „работа, ред и дисциплина“, експанзионистичката, империјалистичката, или кај помалите нации, романтичарско-носталгичарската митологија, историографија, па дури и надворешна политика. Препознавате некои од овие елементи околу вас?
Ненормалната нормалност е фашистички изум. Тоа ви е кога во една држава сè е „превртено наопаку“, а ве убедуваат дека токму „наопаку“ е природна состојба. Дека тоа е нормално! Секако, кај нас нема ненормалност, па оттаму нема ниту фашизам. Тоа што е одземена слободата и инсталирано стравовладеење, тоа воопшто не е ненормално, напротив, тоа е сосема нормално. Тоа што на избори масовно, отворено и бесрамно се лаже и краде, се уценува и заплашува, и тоа е нормално! Тоа што со груба физичка сила се исфрли опозицијата од Собранието, тоа е сосема нормално... Нормално, сосема нормално е новинари да земаат тендери, владата да им плаќа прошетки низ светот, а газдите на повеќе телевизии да бидат „коалициони партнери“ и да остваруваат огромни приходи од владини реклами! Нормално е најбогатите уште повеќе да се богатат и сосема нормално е константно да се зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните. Исто така, многу нормално е да го суспендирате здравиот разум и да прифатите дека врбите во Вардар чинат баснословни суми, а галиите се дел од македонската национална историја! А, најнормално од сè е да имате целосна партизација и клерикализација на општеството!
Кај нас нема фашизам! Имено, фашизмот, велат некои аналитичари, ти бил еднаков со бесен национализам (а Умберто Еко оваа карактеристика ја именува како „селективен популизам“)! Па, кај нас нема бесен национализам (ниту „популизам“)! А, ако има „малку национализам“ и „малку популизам“, тогаш тоа и не е страшно, туку тоа е нормално... Па каде во развиениот свет нема национализам и популизам? Јас мислев и велев дека бесен национализам е кога измислувате „библиски народ“ а сите останати соседни народи ги прогласувате за „небиблиски“ и неавтохтони, кога за еднопартиски и еднонационални споменици, спомен обележја, „уметност“, барокни фасади и згради во центарот на Скопје трошите повеќе од половина милијарда евра..., но сум грешел. Оти, сè што пред малку набројав, фактички, воопшто не е национализам, а уште помалку бесен национализам или шовинизам! А, што се однесува до популизмот, и тоа е целосна манипулација на опозицијата. Па тие не можат да набројат ниту една популистичка мерка или ниту еден популистички чин на нашата власт. Ете, колку за пример, велат дека давањето на земја и земјоделски субвенции, дури и на лица кои не се занимаваат со земјоделство, ти е популизам. Секако, тоа тврдење е паушално и нема никаква основа. Прво, затоа што тоа е нормална економска мерка за да имате среќен народ, а второ, затоа што нема поединци кои неправилно добиле земјоделско земјиште и субвенции.
Велат дека фашизмот се храни и живее од постоењето на непријатели и предавници. Велат дека заради тоа во фашистички општества секогаш се популарни теориите на заговор! Фактички, со таквите теории, ако и нема предавници и непријатели, фашистите нив ги измислуваат! Кај нас тоа го нема: нема теории на заговор, нема јавни апсења без да се почитува презумпција на невиност, нема предавници и непријатели, нема лустрирани и денунцирани, нема етикетирани и оцрнети луѓе (не се сметаат како аргумент за „фашизација“ оние „таблоа“ во провладините весници, на кои некои опозиционери беа со слика-портрет жигосувани и „плукани“). Од сето кажано, сосема логично следува и дека нема фашизам! Јас, изгледа сум ти бил заведен и излажан од светските антимакедонски центри и нивните домашни опозициони поддржувачи! И за тоа „длабоко се извинувам“!
Велат дека фашизам е кога Партијата ги контролира медиумите. Тоа е голема и доста експлоатирана тема, за која нема простор во оваа пригода да изнесувам аргументи, туку само ќе нагласам дека сосема убаво и „аргументирано“ некои „аналитичари“ и „новинари“ ни објаснија дека, фактички, медиумскиот простор го контролира опозицијата, преку фондацијата Отворено општество, а дека власта ниту троши пари на медиумско себеекспонирање, ниту настојува некого од газдите на медиуми и новинарите да контролира.
Сè повеќе почнувам да се прашувам дали некој од надвор не ни „продаде“ целосно лажна историја? Бидејќи веќе знам дека кај нас нема фашизам, национализам, популизам..., веднаш сфаќам дека некој, само за да ја компромитира и поистовети нашата „најдемократска власт на сиот свет и на сите времиња“ со наводен фашизам, ни продава лажна и ретуширана историја, во која се рехабилитираат ванчомихајловци, светиевци, китинчевци, ѓузеловци, чкартовци и стотици и стотици на нив слични, кои со цвеќе, леб и сол низ Македонија ги пречекуваа германските окупаторски фашистички војски во 1941 г., како и неколку дена подоцна нивните „браќа по крв“, бугарските фашистички војски. Фактички, никој во Македонија не го величал и славел бугарскиот цар Борис III како обединител на „бугарското племе“. Не, тоа се фалсификати и мистификации на „комуњарската и србоманската“ историографија од 1945 до 1991 г. Или поточно до 2006 г. од кога, нè просветлија дека сè е лага и измама во претходните седумдесеттина години. Туку, ај што ни открија дека за историјата нè лажеле нашиве „комуњари“, туку на пат се да утврдат дека тоа го прави сета светска историографија, оти и таа исто така тврди дека во Македонија имало и македонски фашисти. Добро, тие странци, можеби, резонираат дека ако имало фашисти насекаде, тогаш морало да има и во Македонија, но за таквите нивни умувања немаат аргументи, документи, фотографии... Не ни можат да ги имаат, освен како фалсификати, од едноставна причина што од мирољубивиот и демократски ген на библискиот македонски народ не можеа да се изродат фашисти и љубители на царот Борис III. Логично, не можат ниту денес!
И, тука ќе прекинам со сличностите и разликите за изворниот и македонскиот современ фашизам „кој го нема“. Нема сега да пишувам за немањето контрола од власта врз синдикатите, за посветеноста во борбата против корупцијата, за страдањата на т.н. македонски тајкуни, кои се по затворите заради кражби и други злодела, за слободното и независно судство, за силната правна држава, за одделеноста на црквата од државата... Значи, драги мои сограѓани, само вие бидете мирни, ниту имало, ниту има, ниту ќе има, македонски фашизам! Секако, оваа реченица е целосно - иронична! Но, со оглед на нејзиниот молк за таа тема, дури и македонската опозиција се сложува дека фашизам не постоел и не постои кај нас. Ова веќе не е - иронично, туку е тажно! Зборувањето за фашизам е оставено само на неколкумина загрижени антифашисти, кои измислуваат, веројатно, заради сопствена промоција пред јавноста. И ова последново е, повторно, иронично! А, без никаква иронија, иако скоро целиот овој текст е токму таков, да ви кажам: надевајте се дека нема вам да ви дојде редот! Вашиот конформизам, вашата аполитизираност, вашето неверување дека има фашизам, сосема сигурно нема да ве спаси од „сметките“ кои фашизмот, кога-тогаш, ќе ви ги достави! Само сетете се на Германија во април 1945 година или на Јапонија во август истата таа година!
Извор: Глобус
Слики: Свирачиња