Ана Фројд: втемелувачка на модерната детска психологија

03.12.2014 11:03
Ана Фројд: втемелувачка на модерната детска психологија

Ана Фројд, родена на 3 декември 1895 година, била најмладата од шесте деца на славниот татко Сигмунд Фројд и единствената која го следела таткото на неговиот професионален пат. Уште на петнаесет години, Ана почнала со читањето на списите на татко ѝ, а на неговото дело целосно се посветила околу 1918 година, кога првпат седнала на неговиот кауч во ординацијата. Треба да се каже дека дури во подоцнежниот период, со кодексите на струката, психоанализирањето на сопственото семејство е прогласено за неетичко. Ана, заедно со татко ѝ, во 1920 година учествувала на конгресот на психоаналитичари во Хаг, но потоа отишла чекор понатаму од својот татко.

Додека стариот Фројд бил опседнат со ид-от (потсвесното во човекот), таа сè повеќе се заљубувала во егото (свесното јас во човекот) и неговата улога во животот на човекот. Повеќе се занимавала со динамиката на психата отколку со нејзината структура.

Од друга страна, увидела дека личноста на човекот во најголем дел се формира во најраната младост, па во 1923 година ја почнала праксата како психоаналитичарка на деца, а нејзиниот труд е преточен во книгата „Запознавање со техниките на детската психоанализа“.

Иако зад себе оставила капитални дела за теоријата на механизмот за одбрана и его-психологијата, Ана не се задоволила само со теоретизирање. Нејзините вистински интереси повеќе биле наклонети кон праксата, па поголемиот дел од енергијата го посветила на работата со деца и адолесценти, групи кои пристапот и методот на татко ѝ речиси во целост ги исклучувал.

Набљудувањето на детето кај веќе возрасниот човек е од мала корист за самиот поединец. Можете добро да го разберете, но малку да му помогнете. Но, ако работите со децата, кои сè уште се во своето примарно опкружување, во своето прво семејство, имате одврзани раце директно да влијаете на причините и со тоа да ги креирате саканите последици.

Благодарение на Ана Фројд, постигнат е голем напредок и поставени се темелите на модерната детска психологија. Кај децата проблемите сè уште се актеулни, па мала е веројатноста дека веќе се трансформирале во некои комплекси симболи. Решавањето на проблемот „во повој“ била идеја-водилка на ќерката на славниот Фројд.

Извор: radiosarajevo.ba

Слични содржини

Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото