ТВ Дневник: Вести со портокалови нијанси

03.12.2014 15:44
ТВ Дневник: Вести со портокалови нијанси

Следејќи го централниот Дневник на националниот јавен сервис (МТВ 1- 27.11.2014) љубопитниот (неутралниот) гледач останува просто зачуден од економскиот бум во државата! Пред него се случувал индустриско-инвестициски препород , а тој ете не видел, сѐ додека Македонската радиотелевизија не му ги отвори очите. Па, да не беше пакетот економски вести на МРТ 1, пред него и натаму ќе „никнуваа“ инфраструктурни проекти и странски инвестиции, земјата ќе уриваше рекорди во економски и индустриски раст, а тој немаше да забележи!

Вестите од економијата, практично, ставија печат на овој дневник на МРТ. Сите прилози од овој блок беа ставени во функција да креираат една нереална слика во јавноста дека се зајакнува македонската економија.

ВЛАДАТА НИЖЕ УСПЕСИ!

Ваквиот пристап на обработка ја открива намерата да се пофали десничарската Влада. И тоа почнувајќи од првиот економски прилог, кој доби свое место во генералната најава за дневникот, а кој информираше за нова германска инвестиција во технолошко–индустриската зона во охридско–струшкиот регион.

Убавата вест дека „ќе се гради нова фабрика за автомобилски делови која ќе донесе нови вработувања“, ја објави премиерот на седницата за пратенички прашања. Покрај тоа, тој најави влез на уште „три други компании од Унгарија, Бугарија и од Србија“. А, исто така, соопшти и дека компанијата „ОДВ Електрик веќе ангажирала четириесетина лица, планира да изгради нова фабрика во индустриски развојната зона и да вработи околу 1000 лица“. Но, од овој материјал, кој ја испраќа пораката дека Владата ниже успеси во привлекувањето на странски инвестиции, не може да се види дека премиерот одговара на прашањето на неговиот партиски колега, пратеникот Александар Николоски од Охрид. Тоа, веројатно, е премолчено за да се избегне впечатокот дека прашањата се наместени.

Веднаш по овој прилог беше емитуван уште еден материјал на слична тема: „Арчелор Митал“ со нови инвестиции во Македонија, кој беше така медиумски стокмен што имаше призвук на маркетиншка содржина. Дополнително беше најавен и во пропагандистички стил:

„Арчелор Митал“ со нови инвестиции во земјава кои ќе донесат и нови работни места…

Иако изборот и креирањето на вестите е легитимно право на медиумот, сепак, не може да се најде оправдување за емитувањето на ваква прилично опширна информација – во траење од 1:51 минута, макар таа да е правена поводно (компанијата одбележува јубилеј – 10 години). Или, барем не во таква форма. Бидејќи манирот во кој е пласирана остава простор за сомнеж дека идејата, можеби, била да се пофали Владата чии министри пред две години сечеа црвени ленти на свеченоста по повод реконструкцијата на постројката за поцинкување.

Пакетот вести за големиот инвестициски бран беше засилен со информацијата за растот на индустриското производство од 7,5 отсто во октомври, во однос на истиот месец минатата година. Тоа, за водителката која ја прочита споменатата информација, беше доказ дека „економијата добро заздравува од кризата“. Што, сепак, е претенциозна констатација, неаргументирана и на ниво на лична импресија дадена врз основа само на еден идникатор.

Имено, наспроти ваквото толкување на нештата, Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Македонија во делот на економските критериуми, забележа дека:

Како еден од најголемите проблеми на македонската економија и натаму е невработеноста, а досега преземените мерки даваат само „ограничени резултати“.

Веста за индустискиот раст, вушност, беше вовед за уште еден прилог од економијата:

„Преку стручно образование и пракса полесно до вработување“, најавен со доза на еуфорија: „Странските компании отвораат нови работни места…“.

За потоа новинарката како позитивен пример да ја посочи фабриката „Дрекслмаер“:

Менаџерите од германската компанија „Дрекслмаер“ гледаат огромен потенцијал во своите вработени и постојано инвестираат во нивно дообучување.

Ваквото величењето на менаџерскиот тим на компанијата делува некако неумесно, имајќи предвид дека таму пред неколку месеци имаше штрајк, а вработените, кои јавно проговорија за проблемите и за ниските плати, беа избркани од работа.

Економскиот блок вести беше заокружен со прилогот за средбата на текстилците од Македонија и Србија, објавен во 21:25 минута од Дневникот, кој, исто така, беше оптимистички најавен:

Македонски и српски компании договорија заедничко производство за настап пред европските партнери

Иако од изјавите во прилогот, кој е коректно сработен, се гледа дека текстилците само разговарале за: „поинтензивна соработка наредната година со цел зајакнување на капацитетите и зголемување на извозот на трети пазари“. Но, во најавта намерно се дава поголема тежина на исходот од средбата, со што публиката се наведува на погрешен заклучок.

ПРЕМОЛЧЕНА ОДГОВОРНОСТ

И не само економските, туку повеќето информации кои во овој дневник ги соопшти Македонската телевизија ги нагласуваа само позитивните аспекти за Владата, или пак, ги релативизираа проблемите.

Па така, во прилогот „Бројот на разводи расте десет пати повеќе од наталитетот“, на еден посуптилен начин е најдена форма да се пофали Владата. Тоа е направено преку фрагментот од изјавата на аналитичарот, која е на линија на тоа дека владината „формула“ за многудетно семејство е полн погодок.

Таа политика на Владата последните неколку години во демографскиот развој на Македонија значи еден исчекор во смисла младите брачни парови да се охрабруваат да раѓаат деца…


Прилогот „Заострување на регулативата во делот за поседување и носење оружје“, е така срочен што ја трга одговорноста од институциите по последното трикратно убиство во Злетово извршено со службен пиштол. Во него се пренесени изјавата на министерот Диме Спасов и на министерката Гордана Јанкуловска, меѓутоа воопшто не се поставува прашањето, дали, сепак, некаде затаиле институциите, кои, фактички, дури сега го вклучуваат алармот – по двата последни тргични настани (Кавадарци и Злетово). Во прилогот ја нема реакцијата на СДСМ кој смета дека има пропусти во процедурата за работа во АРМ (а, не беше пренесена ниту како посебна информација во дневникот).

Извештајот од собраниската седница „Пратеничките прашања фокусирани на државниот испит за студентите“, пак, не ја пренесува целата атмосфера од пленарната сала во парламентот. Во него не се споменува ниту тоа дека пратениците го чекале премиерот еден час и дека голем број од министрите воопшто не ги удостоиле со своето присуство. Несомнено, можело макар во една реченица да се каже дека поради отсуство на најголемата опозициска партија недостига реална дебата, а институтот „пратеничко прашање “ добива повеќе формален карактер.

СВЕТОЛ ПРИМЕР

Светол пример во дневникот се двете репортажи за бегалците од Бликиот Исток, со кои беа отворени централните вести. По зачестените железнички несреќи во кои беа прегазени мигранти од Сирија и Авганистан, двата прилога претставуваат добар обид да се проговори за овој проблем. Иако не се опфатени сите аспекти на приказната за мигрантите (недостигаа податоци од МВР, експертски мислења), сепак, се успеало да се долови тажната бегалска слика.

Коректно сработени се и вестите од светот, меѓу кои прва беше пласирана информацијата за генералниот штрајк во Грција.

ИГНОРИРАЊЕ

Сепак, тоа не го менува доминантниот впечаток дека дневникот беше така спакуван за да создаде привид оти Владата води успешни политики. Веројатно затоа беа премолчани и некои информации кои не се во прилог на власта. Освен прес-конференцијата на најголемата опозициска партија, во централниот дневник недостигаше и веста дека Брисел ја проверува легалноста на македонските авио-субвенции.

А, недостасуваше и информацијата дека ЛГБТ активистите повторно одржаа протест (четврти по ред) пред зградата на Јавното обвинителство во Скопје, револтирани што сѐ уште не се фатени напаѓачите кои пред еден месец го каменуваа ноќниот клуб „Дамар“. Ваквото игнорирање на настанот е непрофесионално и делува дискриминирачки кон оваа маргинализирана група. И, индиректно покажува дека се одобрува односот на државните институции кон овие инциденти.

Така што, гледано во целина, може да се заклучи дека централниот ТВ дневник на Македонската радио телевизија наместо да биде чисто информативен и објективен (дотолку повеќе што се работи за јавен радиодифузен сервис на граѓаните), сосема непотребно добил политичка боја со портокалови нијанси.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Craig Frazier