Благородна Дулиќ го отрула Александар Македонски?!

04.12.2014 13:29
Благородна Дулиќ го отрула Александар Македонски?!

Кога политичката репрезентација игра под референцата ВМРО, СДСМ настапува како лево крило, а кога игра под референцата сдсм, вмро трча покрај десната аут линија! Имаше и има тука прекрасни нафрлувања, дриблинзи, волеи, ножички и други спектакуларни фигури, а еве, сега, гледаме дека бункерот на противниците од десеткуваната екипа на здравиот разум, се напаѓа и со бомби!

Луѓето на трибините си ги грицкаат пуканките и ноктите, ждерат крањски кобасици со сенф, скокаат и викаат и на некој чуден начин се фасцинираат и забораваат дека нивната екипа е, односно би требало да биде екипата што е нападната, екипата на здравиот разум, и дека тие, како најголеми глупаци, навиваат за екипата на своите противници!!!

Во најголемиот моралнополитички колапс се шират морално-политички псалми: Груевски ќе ја наведнувал главата, туф, туф, туф, Ахмети ќе ја напуштал владата, туф, туф, туф, ќе се нарушеле меѓуетничките односи, аман те бе, па нели ние тоа го чуваме како зеница у оку свом, мислам тие односи како проблем и извор на политичката моќ, ќе била откриена вистината за убиствата кај Смилковското Езеро, што би било добро, се разбира, но тие убиства и сите замешателства околу нив се последица на општиот деформиран културен и политички формат кој со бомбите не се ни допира, сите ќе сме биле посрамотени, недејте бе пријатели, недејте, ќе била аргументирана изборната и финансиска пљачка, но без подлабока и порадикална ретроспекција и ревизија, без мерки, без апсења, без судења, без конфискации, без гонење на злосторниците по берберниците на Тасманија и на Јужна Америка, со багаж на бомбардерите кој просто го блокира раѓањето на толку неопходната хемија меѓу општеството и тие што се зафатиле да ги артикулираат неговите интереси!

Хистеријата околу бомбата е старата приказна за спасот! За религиското фасцинирање и, зошто да не кажеме, заглупавување на луѓето, за контрола на луѓето! За верата на луѓето во волшебниот спас! Од гревовите, мрзата, безидејноста, од глупоста и незнаењето! Што никогаш не доаѓа! Ниту може да дојде!

Идејата за спасот е присутна дури и во религијата на политичкиот клер, но не како возвишена релација со Господ, туку како рекетарско-криминална пресметка за контрола и доминација на еден од двата реда!

Моќта на овој тип на бомби е во очекувањето што го предизвикува, не во експлозијата! Тие велат дека им е до Македонија. Дека внимаваат да не ја повредат. Но, нема потреба, дарагие друзја, Македонија веќе ја нема! Пукајте слободно!

Ние ќе се вратиме и ќе направиме нешто ново од тоа што ќе падне врз оваа страдна земја откако вас ќе ве кренеме во воздух! Преферирам тоа да биде со клоци, а не со бомби!

Тито Петковски рекол дека бомбите за „Македонска банка“ и за „Актор“ биле играчка во споредба со „бомбата“ на Заев! Од оваа возбудлива фигура јас заклучив дека фамилијарното правосудство на чипираните идиоти би можело да ја оцени на околу еден милион евра, но поважно од тоа за мене беа индициите дека бомбата со кодното име „ZZ Top“ е неколкукратно појака од секс бомбите Ким Кардашијан и Гордана Прекардашијан, заедно! Ако имате некоја идеја од која може да биде уште појако експлозивното полнење на „ZZ Top“ јавете на телефон 072251466 или во првата полициска станица!

Јас не негирам дека лидерот на СДСМ може да има некој важен и опасен материјал, опасен за власта, па и за Македонија, опасен веројатно и за него и за неговата партија, дури не сакам да полемизирам и со идејата дека треба да се бира и одбере моментот кога сето тоа ќе се објави, но, дозволете да забележам дека темата за бомбата веќе е претворена, мислам неповратно, во водвиљски шламперај од најдолен вид! Не сакам да бидам параноичен и да тврдам дека службите и поединците што му ги дале материјалите на Заев или не пресметале дека тој ќе ги манипулира на начин што ќе ги дискредитира самите материјали, а не власта. или му се дадени имено со таква идеја, зашто било оценето, сосема исправно, дека таквиот развој на настаните ќе го дискредитираат него и оваа тажно-смешна и опасно-штетна формација на опозицијата во целина, не мислам тука само на СДСМ и на Заев!

Можно е, се разбира, идејата за бомбата да е лансирана како пополнување на совршениот идеен вакуум и доктринарната пустелија во редовите на опозицијата, како последен гравитационен центар, кој макар привремено, ќе ги спаси сите од тотален распад, но и да е така, што од тоа! Па, тие и овие два-три месеци не успеаја да ги искористат за ништо друго освен за пружање на убедливи докази дека се политички мртовци кои се шетаат по политичкиот простор само благодарејќи ѝ на инерцијата!

Трето, каква е таа инаугурација на високото рекетарство и клиентелизирачко партнерство во високата политика по повод бомбата. Криминалот мора да биде нешто што ќе се искоренува, а не нешто што ќе ја динамизира македонската политичка сцена! Говорам за бомбата која одбива да експлодира! Тоа е логика која мене може да ме стимулира да го уценам Заев или Груевски, сеедно, со некоја снимка, да им кажам дека ако не ме пратат на Малдивите со 100 милиони евра, јас ќе ги објавам материјалите за нивните еротски кунилингус или не знам какви фантазии. А можеби ќе ги објавам и без горните резерви и со Малдивите и без Малдивите и со парите и без парите!

Четврто, кој му дал право на Заев и на целата таа екипа со денови и месеци да ја вознемирува јавноста со драматичните последици, драматични не само за Груевски туку за секој поединец, на материјалите што не ги објавуваат со очигледна идеја таа вознемиреност да се зголемува! Некој со слабо срце и блесав мозок да обрнува внимание на овие глупости, може да умре!

И на крајот: аферата со пасошите и многу други работи, се разбира, покажува дека сувереноста се изместува од ексклузивното ниво на државата, односно дека државата се распаѓа, дека Македонија е изместена од значенскиот центар на Македонците, а и на другите братски народи и народности, стварноста е конституирана како курва на моќта (Дернер), а не како акцелератор на аргументите, арбитрарноста е сè, ако утре изнесете докази дека Благородна Дулиќ го отрула Александар Македонски, тоа може да резултира само со експлозија на болките во куровите на овдешните куротресини! Ќе пропаднела Македонија!? Па што!? И ние заслужуваме да видиме како изгледа слободата!?

Јас мислам дека целата операција е подготовка на јавноста за новите, непријатни, решенија, кои ќе им кажат на Македонија и, специјално, на Македонците, дека играта е завршена и дека со волкаво количество сератори, немала шанси да помине подобро на историската журка на Балканот!

Извор: Глобус, 02.12.2014.
Слики: Свирачиња