Марш надвор!

04.12.2014 12:42
Марш надвор!

Почитувани колеги и колешки, професори, родители, ученици, членови на политички партии и подмладоци, граѓански организации, синдикати, вработени и невработени. Почитувани граѓани. На 10 декември, кој воедно е и Меѓународен ден на човековите права, ве повикуваме на втор студентски марш против необмислените реформи во високото образование. Студентскиот марш ќе се случи на 10.12.2014 (среда) со почеток во 12 часот. За збирно место е избрано платото на УКИМ.

Маршот е неопходност во времиња кога институциите не нѐ слушаат ако не сме на улица. Во времиња кога структурите на моќ почнуваат да се грижат за своите интереси, наместо за нашите, кога надлежните одбиваат да разговараат со нас, кога на револтот се одговара со молк, не само што имаме легитимно право, имаме и неизбежна должност да реагираме. Во такви времиња, во право сте премиере, наша работа е да протестираме. Време е повторно да ја освоиме слободата, да го скршиме молкот, да го покажеме незадоволството. Време е да го оттргнеме политичкото од штабовите и да го изнесеме на улица. Политичкото не им припаѓа единствено на партиите и книшките, политичкото ни припаѓа нам, му припаѓа на општеството.

Гневни сме што државните институции покажаа непрофесионалност во осмислувањето на реформите во високото образование, што се инаетливи, суетни, недемократски. Гневни сме што наместо аналитички пристап кон развојот и унапредувањето на високото образование, вакви изнасилени измени во законската рамка се внесувале дури 12 пати во последните 6 години. Постои историја на игнорирани протести и побуни на академската јавност и наметнување моќ од страна на надлежните. Да не дозволиме тоа повторно да се случи.

Не се плашете од етикетирање, кога нѐ етикетираат знаеме дека сме погодиле во сржта, каде нема како поинаку да се бранат. На наша страна се правото, критичкото размислување и легитимитетот да бараме да бидеме сослушани. Да покажеме дека студентите не се пасивизирана маса чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку дека се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени!

Би сакале да посочиме дека овој марш е наднационален, надетнички, надрелигиски, апартиски. Апелираме да биде мирен и да не се истакнуваат национални и партиски симболи.

Студентскиот пленум смета дека образованието е факелот на општеството кој се предава од една на друга генерација и оттаму образованието нѐ засега сите нас.

Затоа граѓани: приклучете се! На маршот повикуваме секој да маршира како индивидуа - дозволена е само единствената значајна книшка - индексот! Студенти, донесете ги индексите! И знајте го ова: колку повеќе нѐ има, толку потешко е да нѐ заокружат!