Езеро од коски

04.02.2010 11:32
Фотографија: Горан Ристовски

Јолдески ни е веќе познат - кон крајот на минатата година ја освои наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“. Тој активно се занимава со веб дизајн и блогирање. Автор е на три блогови.

На првиот блог figment.blog.com.mk може да се сретне негова проза и поезија, на вториот enhalon.blog.com.mk исто така има проза и поезија пишувана на струшки дијалект, а на третиот figmentmusic.blog.com.mk можете да најдете рецензии за музика и филм. Ви претставуваме неколку понови негови раскази.

Езеро од коски

Велат дека некогаш, под сивите јужни неба, еден ковчест човек си ја закопал среќата покрај бреговите на едно големо езеро. Ја оставил за полоши времиња и заминал од таму. Не се знае кои вештици или светци го наговориле да го направи тоа, но кога тргнал да ја откопа, на половина пат се дигнале маглите на војната и тој завршил изрешетен на дното на езерото, само на неколку стапки од неа.

Поминувале годините, се таложеле дождови и езерото, ширејќи се, ја проголтало закопаната среќа, а кога после долги години, еден ладен декемвриски ден, фотоапаратот на еден млад човек за прв пат се наведнал над влажна кожа на езерото, сета вода што претходно распространето се белеела пред неговите очи, низ објективот се претворала во коски. Со секој клик на камерата, коските биле се побројни.

Кога се расчуло за тоа, од сите страни на светот надошле научници, а веднаш после нив поетите, сликарите и музичарите. Без разлика дали му се приближувале со епрувета, молив или гудало, езерото секогаш ја повлекувало водата и се роело во коски. Ја разбрале пораката, па сите заминале.

За езерото и денеска ретко кој може да каже нешто повеќе од ова. Еве и јас на истото тоа место бев закопал некои зборови. Ги оставив за подобри времиња. Не знам кои вештици или светци ме натераа на тоа, но кога тргнав да ги откопам од нив почнаа да се раѓаат исти кружни приказни. Едвај по нешто да се разликуваат. Приказни за кои не се знае што е почеток, а што е крај. Во нив не се знае ни што е вистина, а што фикција! Приказни каде што наместо вода постојат коски! Приказни кои не опишуваат туку само ви ги мачкаат очите и насилно ве туркаат, ве носат и со телото и со духот таму – во малиот град, покрај големото езеро, самите да видите што всушност се случува таму.

 

 

Мразот под Струга


Вчера купив перница. Продавачката од секогаш ме нервираше. Овај пат сакаше да ми продаде пижами со розови линии. Пих!

Вчера мочав од пристаништето. Не размислувам...

Вчера се чувствував навистина лошо. Помислив дека се разболувам. Седнав да пишувам и завршив со шкртаници. Буквите се истрошија. Море од истуткани листови. Коен го видов сокриен во шупата. Се моташе околу бурето со вино. Кога ме виде мрзливо започна да се повлекува. Навистина темен ден.

Утрово пак ги фрлив сите лисја во корпата. Набљудувајќи внимателно на едниот од нив најдов неколку не прецртани редови меѓу мноштвото други и повторно заглавив во вчерашното сивило.

Земјата замрзнува, луѓето се менуваат, кучињата лаат ама не касаат, а мене ми паѓаат пантолоните.

Се замрзнало, луѓето се менуваат на пролет а не во Ноември, кучињата ме плашат ужасно, ми паѓаат пантолоните.

Градот замрзнал, луѓето не се менуваат, кучињата лаат како никогаш, а мене ми паѓаат панталоните. Езерото дише тивко и полека се повлекува како некој да го пие со сламка. Ништо чудно. Никогаш не знаеш што крие страната која не ја гледаш. Зјапам во хоризонтот со часови. Сè е исто. Како времето да застанало. Го нема ниту лебедот! Можеби ме нема и мене? Чуден ден. Седнувам на ладниот песок. Мраз.

Блуз за сите дрвјата, блуз за светот.

Дојде еден стар стар човек со сина капа и ме праша: „Кој ја смисли мелодијата, дете ? Ти со своите воздишки или ветерот кој брзајќи кон југ мина низ твојата хармоника?“ Го погледнав и за да не му одговорам му ја подарив. Тој, погоден од мојата добрина или кој знае зошто, ми ја врати назад. Мене ми падна жал и повторно му ја подарив. Се подаваме така цел ден. Еве, и сонцето зајде, а ние уште, тоа па тоа... Трпението ме напушта. Ако не ја земе конечно следниов пат кога ќе му ја подарам, ќе му ја треснам од глава, без разлика чија е мелодијата! Па, треба да купам перница, а и ми се моча да бидам искрен.


Кратка приказна за тенката црвена линија

На вратот истетовирав артерија
за да ме присетува дека сум жив
а на стомакот уште еден папок,
во случај некој да не знае за
мојата втора мајка.


Сонував. Седиме со своите другари во една широка просторија, а пред нас шише со вино. Никој од нас не може да ја отвори тапата! Не може со отворач, не може да ја турнеш надолу во виното! Ништо! Одам кај комшиите за да видам дали тие ќе можат да го отворат шишето. Ѕвонам на вратата и пред мене се појавува господинот Т., нервозен како никогаш, и ми вели: „Што е, ти? Пак со тие проклети шишиња! Пак си се заклучил во виното! Дај ми го ваму!“ и го зема внатре. Јас само ја држам главата наведната, а после неколку секунди тој доаѓа ми го враќа шишето отворено и ја треснува вратата. Заминувам, а кога ќе погледнам внатре се гледам себе, мал како се давам во преполното шише и со последни сили си велам себе: „Поезија! Само таму сум јас жив, морону. Град! Поезија! Запамети!“ и бавно пропаѓам на дното.

Се будам и почнувам да пишувам поема и еве веќе завршува неуспешно.

Воздухот да гo замениш за стихови.

Каква дарба,какво проклетство. Тенка црвена линија...


Тектонски поместувања на моментите

Утрово мирисаше на ванила. Седевме со мојот пријател на малото пристаниште растажено поради бродовите кои се одалечуваа од него и брзаа кон хоризонтот. Ансамблот на сенките го испративме некаде далеку, на неодредено време и започнавме да лутаме низ вселената. Сончевата светлина која продираше од зад заспаната планина наликуваше на пламен врв на запалка, некоја неодредена боја. Природата залепила четири фотографии на страните на светот и игра некој чудесен танц. Навистина убаво утро. Молк.

- Добро ден, шефе! – извикувам кон веслачот на синото кајче кое се испречи пред нас.
- Добро утро, не добар ден, дечки!
- Е добре де, исто е.
- На некого му се темнит, на некого му разденвит! – ни вика веслачот со некој чуден, бавен тон.
- Да, ама исто уживаме! – со најголема насмевка на светот му извикувам, а мојот пријател се витка од смеење.

Веслачот веќе заминуваше и знаеше дека повеќе нема што да одговори. Како да го погодивме директно во срцето. Неговата реченица, која со занес ја изговори пропадна во кристалните води на езерото.

- Е, тука си во право! Ајде пријатно утро - ни вика и започнува да ја пребарува водата со поглед.

Станавме и си заминавме. Најповеќе поради моторите кои почнаа да бучат. Се разделивме на еден од мостовите. Не знам дали мојот пријател го пресретна ансамблот на сенките некаде таму помеѓу руинираните улички и куќи, но знам дека јас не го пронајдов својот.
Навистина беше убаво утро. Просто и едноставно. Ми се причина дека доколку имав цедилка ќе ја соберев целата поетика која ме опкружуваше.


Извор: figment.blog.com.mk

:)

добро како и секогаш!

Езеро од коски

Прв пат го читам. Страшно ми се допадна - да се воочи магичното во едноставноста на моментот.

raskazite

Одлично, едноставно - одлично :):):)
 

Ми се допаднаа расказиве.

Ми се допаднаа расказиве. Браво. Поготово моментот со езерото, кое ми е слабост.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото