Харлем Шејк и западната илузија за слобода

05.12.2014 12:50
Харлем Шејк и западната илузија за слобода

Харлем Шејк видеата станаа толку популарни бидејќи го драматизираа идеалот за слобода кој лежи во центарот на западната култура. Овој идеал, замислен како бунтовен и неконформистички, всушност е длабоко во согласност со логиката на капитализмот.

 

Кога не толку одамна, петмина тинејџери од Квинсленд, Австралија, закачија на интернет видео каде што танцуваат на краток извадок од песната на Baauer - Harlem Shake, видеото веднаш стана вирално. Собра повеќе од 400 милиони прегледувања и од него произлегоа уште 100.000 верзии и имитации.

Како едно од најпопуларните вирални лудила до сега, неизоставно инспирира анализа: Зошто е толку заразно? Кој дел од нашата колективна свест го поттикнува, што го прави да функционира толку добро?

Секако, можете легитимно да се запрашате зошто некој би се заморувал со значењето на едно таков минлив тренд како Харлем Шејк, кој за неколку недели ќе биде заменет со некое друго вирално меме кое ќе кружи во виртуелниот простор. Што навистина има да се каже за таков бизарен колективен ритуал? Некој би рекол - тоа се само група млади луѓе кои се забавуваат. Оставете ги на мира и уживајте во забавната страна на видеото.

Сепак, има нешто повеќе во сето тоа. Харлем Шејк видеата станаа толку популарни поради тоа што ги одигруваат аспирациите за слобода кои што лежат во средиштето на западната култура. Но, конкретниов концепт за слобода и игра кој го среќаваме овде, е всушност методично дизајниран од страна на консумеристичкиот капитализам на начин што ја поткопува можноста за каква било ослободувачка политика.

За да стигнеме до оваа поента ќе почнеме со разгледување на генералната формулација на самите видеа. Се работи за снимка од околу 30 секунди поделена на два еднакви дела. Во првиот дел е прикажана некоја секојдневна, или формално институционална средина, каде што еден единствен неконформист на кого никој не му обрнува внимание изведува некаков произволен танц. Некои од популарните снимки вклучуваат униформирани војници ригидно застанати во линија, или пак канцелариски работници кои зјапаат во своите компјутери. Она што следува во вториот дел на снимката е промена на динамиката на музиката и ненадејно претворање на сцената во тотален анархичен хаос. Луѓето најчесто носат некакви маски, неретко се разголени и секој е влезен во свој филм на откачено танцување. Сцената е тотално апсурдна: некои носат вреќа за спиење и се прпелкаат на подот, некои пак се удираат од ѕидовите во костими на викинзи и уште илјадници други чудни и смешни варијации. Колку пооткачено и бесмислено- толку подобро.

Теорија на слободата

Видеата се толку привлечни бидејќи сценираат едноставен и елегантен контраст помеѓу ригидноста и монотонијата на животното/работното секојдневие и силната волја да се одбегнат и надминат загушливите општествени норми. Видеата воедно навлегуваат во долгата традиција на класичната либерална мисла, чии одгласи можат да се пронајдат кај широк спектар на мислители, како Ниче, Волтер и Емерсон. Оваа традиција се залага за тоа дека ослободувањето или еманципацијата на индивидуата бара раздвојување на себството од општествените норми, пружање отпор кон масовното конформирање и преиспитување на правилата наметнати од арбитрарни авторитети.

Оваа концпција за слобода на западната цивилизација претпоставува фундаментална тензија помеѓу индивидуата и општеството. При што индивидуата се смета за автентична, т.е. нешто што му претходи на општеството кое е вештачки наметнато. Сепак, оваа идеја не би можела да се смета за природна или универзална. Етнолозите утврдиле дека луѓето во останатите култури не чувствуваат таков јаз помеѓу индивидуата и општеството. Понатаму, на едно аналитичко ниво оваа теза не држи вода, бидејќи поединците не можат да опстојат надвор од општествените норми. Како што вели Клифорд Гриц, „Не постои такво нешто како човекова природа независна од културата. Луѓето без култура би биле непродуктивни и чудовишни творби, со малку корисни инстинкти, уште помалку чувства и никаков интелект“.

Во огромниот број на Харлем Шејк видеа, овој мотив на индивидуата наспроти општеството е одигран како приказ на репресираната енергија на либидото. Културниот, формален декор од првиот дел наеднаш се претвора во голотија и експлицитно сексуално однесување што цели кон тоа дека дивиот, хаотичен копнеж секогаш лежи непосредно под површината на стабилниот секојдневен живот. Ова ја прикажува Фројдовската верзија на индивидуалната слобода која е толку популарна во западната мисла: Ид-от, изворот на автентичниот копнеж и желба, секогаш се стреми да ги скрши вештачките граници кои му се поставени од егото (рационалното, реалистично себство) и супер-егото (морализирачката сила на црквата и родителите).

Харлем Шејкот исто така допира една своевидна анти-капиталистичка или анти-бирократска логика. Се повикува на познатата теза на Макс Вебер дека капитализмот е како железен кафез илустриран преку дистинктивната модерна институција: бирократијата. Или како што пишува Вебер: „Бирократската организација, со својата специјализација на истренирани вештини и дефинирани компетенции, со своите правила и хиерархиски односи на послушност... е процес на поставување кафез на обврзаност во кој луѓето - лишени од секаква моќ на отпор - еден ден ќе бидат принудени да се населат.“

Ова чувство е поразително искажано во видеата што прикажуваат безимени работници кои извршуваат рутински задачи во здодевна околина. Се создава слика на чиста алиенација и дехуманизирачка сила на модерниот труд, кој потоа е надминат од непокорниот дух на индивидуата. Ова објаснува зошто видеото на Норвешките војници стана толку популарно: тоа ги поставува на мета цврстиот аворитет, ригидните правила и масовното конформирање и експлодира против сите нив со вистинска оргија од лудило.

Отпор без политика

Она што е интересно во врска со Харлем Шејк видеата е што програмата на отпор и слобода што ја промовираат нема некоја суштинска политичка референца. Видеото допира до длабокиот и сеприсутен порив за поегалитарен и пофер политичко-економски систем, но потоа нуди апсурдна фантазија како најдобро решение. Отпорот е базиран исклучиво на неконформистичко индивидуално самоизразување до степен кога бесмисленото откачено однесување станува икона на ослободувањето. Дивиот копнеж и апсурдното однесување го заменуваат политичкиот активизам и со тоа даваат доста депримирачка перспектива за можноста од некаква еманципаторска политика во ова време.

Концептот на отпор кој го прикажуваат овие видеа, всушност воопшто и не е отпор како таков. Ваквиот „отпор“ само учествува во пошироките дискурси за либидото, желбата и индивидуализмот кои се клучни за нашето современо капиталистичко движење. Краток преглед на билбордите, тв-рекламите и огласите, би бил доволен да се востанови дека либидото, желбата и индивидуализмот станале стока за трговија на корпоративните пазарџии. Компаниите заработуваат огромни суми пари преку тоа што ја промовираат идејата за конформистичка отуѓеност и нудат продукти кои би им помогнале на купувчите да ги изразат своите вистински, автентични себства. Бунтовноста во оваа смисла повеќе не е закана за естаблишментот. Од 1970-тите па наваму, таа стана продукт кој се купува и продава на пазарот. Културниот критичар Томас Франк, пригодно го нарекол овој процес - освојување на идеалот за „кул“.

Во овој контекст, можеме да видиме дека формата на отпор која Харлем Шејкот ја одигрува е длабоко во согласност со логиката на консумеристистичкиот капитализам. Тоа е форма на отпор која што функционира како своевидна рамка за самоодржување на капитализмот. Нејзината логика (т.е императивот да се посакува наспроти сите стеги и да му се даде целосно владеење на самоизразувањето) нуди пат за бунт кој се сведува на тоа на крајот и самиот да ги поддржува целите на акумулацијата на капиталот.

Овие вирални видеа се толку глобално привлечни бидејќи го отелотворуваат големото ветување на капитализмот. Ги поставуваат едно до друго двата екстрема: баналната и монотона работа со ослободеното либидо.

Ова е големото ветување кое капитализмот ѝ го наметнува на младината насекаде во светот: Ако си го трошиш времето извршувајќи ги здодевните и репетитивни задачи од кои зависат корпорациите, тогаш твојата награда ќе биде оргија од неограничена слобода во форма на куповна моќ.

Апсурдизмот и класната привилегија

Има уште еден елемент на Харлем Шејк кој вреди да се истакне. Тоа е апсурдот кој го промовира. Апсурдот се стекна со широко распространета општествена вредност за време на последнава декада, посебно кај повисоката средна класа млади луѓе. Покрај видеата Харлем Шејк, земете ги само предвид сите тие рецентни трендови како, на пример, The Bucket Challenge - како најнов, каде што луѓето постираат на Фејсбук видеа од себе на кои си истураат кофа полна со ледена вода врз главата и притоа ги предизвикуваат и своите пријатели да го сторат истото. Фејсбук е исто така сè повеќе преплавен со најразлични вирални апсурдни фотографии.

Оваа фасцинација со апсурдното би можела да се сфати како израз на политички нихилизам, па дури и ескапизам: млади луѓе кои работеле напорно стремејќи се кон успех, сфаќаат дека сигурноста која им била загарантирана на нивните родители повеќе не постои. Постојната реалност е следната: климатски промени, финансиски кризи, падови на економијата, окупирање на политичкиот систем од страна на корпоративните елити, сè потешкото пронаоѓање стабилна кариера и сигурна плата, отежнато штедење, купување имот, формирање фамилија како и неможност значајно да се учествува во демократксиот процес.

Апсурдното однесување само ги рефлектира овие грижи и стравови. Тоа како да вели - светот е загатнат со хаотични несигурности. Нема многу надеж за промена на работите и сè што можеме е барем да си дозволиме малку забава.

Грижите за сопственото место во рапидно променливиот економски пејзаж навистина се продлабочуваат. Но луѓето кои ги поставуваат апсурдните симболи - претежно младите од средната и повисоката средна класа - не се оние што се навистина „зафркнати“ од системот. Во ова светло, точно би било согледувањето дека апсурдноста станува средство со кое што се сигнализира привилегија, како начин да се каже „Толку сум сигурен во успехот, што не морам да се сфаќам себеси премногу сериозно!“ Работничката или пониската класа млади која се стреми да достигне статус на средна класа е значително помалку склона да ги повреди нормите пред очите на авторитетот. Тие знаат што сè се става на коцка и свесни се дека би загубиле премногу. Буквално не можат да си дозволат да бидат апсурдни.

Апсурдноста изразува одредена волја да се игра со симболите која сугерира помиреност со светот, значењата и авторитетот. Ова е доменот на привилегија на елитната класа, или поконкретно класата чиј карактеристичен репрезент е мажот, белец. Можеме да одиме уште понатаму - апсурдноста не само што изразува стекнат статус, таа исто така овозможува пристап до тој статус. Доброто владеење со апсурдот ја сигнализира способноста да се зборува јазикот на одредена класа. Го означува учеството во дистинктивниот професионално-службенички свет на универзитетски образованата младина.

Доколку ова е точно, можеме да се вратиме назад и да додадеме уште еден елемент на критиката која ја изложивме на почетокот. Видеото Харлем Шејк, не само што промовира еден аполитичен концепт на отпор, туку тоа го прави на начин со којшто го зајакнува самиот систем кој се труди да го отфрли.

Ова не би требало да нè изненадува, бидејќи, како што велеше Маркс - капиталот не може да ги подреди границите на профитабилноста, туку секогаш ги менува во своја полза. Ова е особено точно, што се однесува до политичкиот отпор, кој лесно може да биде неутрализиран или компромитиран.

Поентата овде е дека треба внимателно да се чуваме од ваквата тенденција и да се осигураме дека нашите најдлабоки пориви за општествена промена - како и против отуѓување и доминација - нема да бидат ограбени од својот вистински потенцијал.

Извор: New Left Project

Слични содржини

Став / Култура / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Култура / Теорија
Свет / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија
Активизам / Култура / Теорија
Култура / Филм / Теорија

ОкоБоли главаВицФото