Најдобрите книги за деца во 2014 (1)

06.12.2014 14:47
Најдобрите книги за деца во 2014

Интелигентни и имагинативни приказни за љубовта, осаменоста, лојалноста, загубата, пријателството и сè помеѓу.

„Не пишувам за деца“, вели со потсмев Морис Сендак во неговото последно интервју. „Јас пишувам, и некој друг вели, 'Тоа е за деца!'“

„Погрешно е“, пишува Џ.Р.Р. Толкин седум децении порано во своите извонредни медитации за фантазијата и за причините поради кои, според него, не постои такво нешто како пишување за деца, „да се размислува за децата како за посебни суштества, како за речиси посебен вид, а не како за нормални, иако сè уште несозреани членови на едно семејство и на човечкото семејство во поширока смисла.“ Навистина, книгите кои ги заробуваат срцата на младите и ги возбудуваат нивните млади умови не се „книги за деца“, туку едноставно, добри книги. Ова е секако точно за најинтелигентните и најимагинативните „книги за деца“ и илустрирани книги напишани оваа година.

1. Лавот и птицата

Одвреме-навреме ќе се појави некоја детска книга чии илустрации и приказна се толку прекрасни, толку безвременско магични, што не може а да не ви го одземе здивот. „Лавот и Птицата“ од француско-канадската графичка дизајнерка и илустраторка Мариен Дубук е едно од овие ретки дела – ода посветена на моментите кои се преживуваат помеѓу зборовите преку нежната и мелодична приказна за еден лав кој пронаоѓа ранета птица во неговата градина еден есенски ден и се грижи за неа сè додека таа не оздрави. Чинот на пружање и примање помош им помага на двајцата да се ослободат себеси и другиот од неиздржливата болка на осаменоста и да изградат прекрасно пријателство – засновано на тишина и длабоко сочувство.

Топлите и љубезни илустрации на Дубук нема да бидат доживеани како магични само од страна на оние кои ги разбираат детството и осаменоста, туку ѝ додаваат особено хипнотизирачки музички својства на приказната. Таа си поигрува со негативниот простор на храбар и необичен начин – сцените стануваат сè помрачни како што поминува времето, Лавот старее кога Птицата одлетува, а трите празни страници ја делат приказната, делувајќи како брилијантно осмислени паузи кои ја доловуваат тагата по чекањето и копнежите. Она што се добива како резултат е фасцинантен опуштен ритам од раскажување и емоции.

Бескрајна зима се спушта над Лавот и Птицата, а тие делат свет од топлина и игриво пријателство.

Но горкослатка свесност демне во сенките на нивното единство – Лавот знае дека штом нејзините повредени крилја ќе оздрават, Птицата ќе одлета кон пролетното небо со нејзиното јато, оставајќи го со неговиот осамен живот.

Елоквентните илустрации на Дубук ја доближуваат речиси немата приказна до оние животни моменти во кои зборовите немаат никакво значење. Кога пролетта пристигнува, ја гледаме Птицата која му мавта за збогум на Лавот.

„Да“, вели Лавот. „Знам“.

Ништо друго не е кажано, а сепак во истиот момент знаеме, го препознаваме универзумот од неискажани и неискажливи емоции кој го обвива секој од нив и зрачи помеѓу нив како тивка ѕвездена светлина во тој судбоносен миг.

Годишните времиња одминуваат и Лавот ја одгледува својата градина, тивко, посветено.

Летото минува тивко, нежно.

Тажно, тој се прашува каде би можела да биде птицата. Сè додека еден есенски ден...

Не чуе еден познат звук.

Тоа е Птицата, која се враќа за уште една зима исполнета со топлина и пријателство.

„Лавот и Птицата“ е неискажливо прекрасна книга, мало богатство чија големина не може да биде доловена преку обидите за нејзино објаснување. Како што еднаш беше кажано за „Малиот Принц“, оваа книга ќе ја осветли душата на читателот, без разлика дали е дете или возрасен, со „суптилен сјај“ и ќе го погоди „ на места кои го надминуваат умот“ за да свети таму засекогаш, со неизгаслива светлина.

2. Прегрни ме

Прегратката е толку едноставен чин. Но колку е болно кога на некого му е одземена оваа основна размена на човечка добра волја и љубезност. Секако, не мора да бидете човек за да ја почувствувате болката ако прегратките се надвор од вашиот дофат. На прв поглед, се чини дека тоа е премисата зад „Прегрни ме“, од аниматорката Симона Кираоло која сега е и авторка на детски книги. Ова е слатка приказна за еден млад кактус кој се вика Фелипе и кој копнее да ја почувствува топлината на ваквиот допир во семејство каде изразите на чувства се сметаат за знаци на слабост. Фелипе бега од дома, решен да најде ново семејство со кое ќе ја најде топлината по која тагува, но наоѓа само разочарувања и нови таги.

„Во неговиот дом сè беше секогаш беспрекорно уредено бидејќи неговото семејство веруваше дека никој не треба да го зазема личниот простор на другите“.

„Не забележуваа дека сè што тој сакаше беше само некој да го прегрне“.

„Па тој посакуваше некој да дојде и да ги обвие рацете околу него, но никој никогаш не дојде“.

Осаменоста на Фелипе станува сè поголема кога неговиот единствен пријател, „храбриот и самоуверен“ жолт балон кој го придружува Фелипе на неговото тажно патување низ пустината станува жртва на неизбежниот резултат од пријателството помеѓу овие две многу различни фигури. Дури и кога го оплакува неговиот пријател Фелипе е прекорен за чувствителноста која ја покажува, наместо да биде утешен со прегратката која му е потребна.

„И стануваа сè поблиски и поблиски, сè до денот кога се случи неизбежната несреќа....“

„Но никој од неговото семејство не ни помисли да го прегрне“.

Доживувајќи ја оваа емоционална катастрофа, тој конечно заминува, решен да бара ново семејство, но набрзо сфаќа дека никаде не е добредојден и е оставен самиот со себе – не со онаа самоизбрана повлеченост која може да биде многу продуктивна, туку со непосакуваната осаменост која му ја оптоварува душата.

„Некое време Фелипе се надеваше дека ќе најде ново семејство. Но каде и да одеше, не беше добредојден“.

„Па така, научи да ужива во сопственото друштво и си мислеше дека најпосле, можеби и не му треба никој друг“.

Најпосле, Фелипе пронаоѓа вистински пријател во еден мал камен кој копнее за љубов помеѓу неговото семејство кое е скаменето и недостапно како и она на Фелипе, сродна душа чии повици за блискост се совршено слични на неговите сопствени. Симпатичниот крај нè потсетува дека ништо не ја победува осаменоста како сочувството и свеста за споделените искуства.

„Тој ден сфати дека... и некој друг се чувствува осамено“.

Се разбира, постои и подлабока алегорична порака зад приказната која ја надминува површната интерпретација посветена на прославувањето на нежната чувствителност во култура која ги охрабрува непоколебливиот индивидуализам и бодликавата надворешност. Скриената порака го прославува чинот на спиритуалното обединување со некој сличиен на нас, топлата прегратка помеѓу сродни души. Приказната е и прославување на слободната волја, сутиплно потсетувајќи нè дека какви и да се околностите, секогаш имаме избор, и дека нашата неспособност да го видиме тоа е можеби и нашето најголемо самонаметнато ограничување.

3. Ах-Ха То-Зиг-Заг

Како љубител на имагинативни и интелигентни буквари, како и на апсолутно сè од Марија Калман, сметам дека буквите од азбуката и зборовите кои тие ги формираат се недоволни за да ја изразат безграничната убавина на книгата „Ах-Ха То-Зиг-Заг“ на Калман, детскиот пандан на нејзиното величествено дело „Моите омилени нешта“, која беше првично објавена како каталог за изложбата чиј куратор беше Калман, посветена на прославувањето на долгоочекуваното повторно отворање на Купер Хјуит, Музејот за дизајн во рамки на Институтот Смитсонијан.

Во оваа книга посветена на абецедата, која служи и како своевиден каталог на дизајнерската историја и не е исполнета со снобовски самодоволни парчиња уметност, туку е игриво прославување на несигурноста и несовршеноста, Калман одбира триесет и три предмети од музејската колекција и ги обединува во тура обмислена преку буквите на азбуката, додека карактеристичната искреност, амбиција и жива креативна љубопитност се јавуваат во улогата на своевидни водачи.

Нејзините необични избори, кои честопати се сосотојат од навидум секојднвени предмети, се одраз на нејзината неверојатна дарба за пронаоѓање магија во „моментите помеѓу моментите помеѓу моментите“. Зборовите кои ги придружуваат илустрациите потекнуваат од нејзиниот прекрасен авантуристички ум и од еден дух кој е толку јасно благороден и љубезен.

„Многу малиот нокт“ ја претставува буквата М, прекрасно извезениот џеб е таму за Џ, придружен од објаснувањето дека „многу одамна, жените немале џебови на нивната облека“, „ужасните вести“ ја претставуваат буквата У, а слика на изгорен тост го обвинува престариот тостер за неговата неисправност во секцијата посветена на буквата К (Каков тост!).

Последните букви упатуваат на прекрасната книга на Калман – „Принципи на несигурноста“.

Последната нишка од приказната нуди слатка порака за прифаќање на несовршеноста – нежен потсетник за сите возрасти дека, како што славно кажа Ен Ламот, „перфекционизмот е гласот на опресорот, непријателот на народот“.

Но крајот на книгата не е вистинскиот крај – можеби најтрогателниот и највозбудливиот дел од книгата се своевидните пост скриптуми. На последните страници, Калман ја раскажува охрабрувачката приказна за Нели и Сали Хјуит – двете млади жени кои го основале Купер Хјуит, Музејот за дизајн.

„Си беа две сестри, Нели и Сали.
Сакаа да играат и танцуваат. Беа малку диви. Но сосема малку.
Имаа многу остроумни очи. Од они очи кои навистина гледаат во нештата.
Еден ден решија да ги соберат работите кои ги сакаа и да направат музеј. И навистина го направија тоа. Од нив може да се научи добра лекција. Ако имате добра идеја – остварете ја“.

4. Среда

Повеќе од една деценија едно семејство во Бруклин ја поседува неверојатната издавачка куќа „Магичниот Лав“ која објавува неизмерно провокативни и лирични илустрирани книги кои ги покануваат младите умови од сите возрасти да ги истражат сферите на човековото искуство како осаменоста, лојалноста, загубата, непознатото и ритмите на животот.

Неодамна во нивните изданија беше објавена и книгата „Среда“, американското првенче на француската авторка и илустраторка на детски книги Ан Бертие. Преведена е од страна на основачката и уредничката на „Магичен Лав“, Клаудија Зои Бедрик, која веќе долги години волонтира за Мировните Сили и која продолжува да го прави за современите книги за деца она што Урсула Нордсторм го направи за најсаканите класици од ХХ век.

Наликувајќи на познатото дело на Нортон Џастер од 1963-та година, „Точката и Линијата: Љубовна приказна во основна математика“ и „Ајде да бидеме непријатели“ од Џанис Меј Адри, илустрирана од Морис Сендак, оваа необична, минималистичка, максимално имагинативна книга ја раскажува приказната за двајца пријатели, Малиот Круг и Големиот Квадрат, кои се сретнуваат секоја среда за да ја играат нивната омилена игра – игра на асоцијации и трансформации, при која „штом еден од нив ќе каже некој збор, и двајцата се трансформираат во она што е кажано.“ Заедно, се променуваат во неверојатни форми – пеперутка, цвеќе, печурка, змеј.

„Пеперутка!“

„И јас сум пеперутка!“

Но забавата исчезнува кога Малиот Круг започнува да се чувствува помало, незначајно и недоволно, како што Големиот Квадрат парадира со репертоар од зборови кои ги надминуваат капацитетите за трансфомирање на Малиот Круг.

„Не можам да го направам тоа“, воздивнува Малиот Круг. „Премногу сум мал.“

„Погледни ме, Мал Круг! Јас сум небото и океанот! Толку е прекрасно! Јас сум бојата на брановите и планините.“ „Само се фалиш. Не играм повеќе.“

Се повлекуваат на спротивни краеви, секој потонат во сопствениот гнев, сè додека Малиот Круг, без сомнение свесен дека заедничкото разбирање е во срцето на пријателството, не посака да се помират, предлагајќи заедно да ги осмислуваат зборовите, наместо секој од нив да има посебни предлози. Првата заедничка формација содржи суптилен симболизам, прикажувајќи како Јас, односно егото нè одвојува од светот околу нас:

„Ќе стојам високо и исправено.“
„А јас ќе бидам точката“, вели Малиот Круг.
„Нашето заедничко јас е навистина неверојатно.“

Оттука продолжуваат со заедничките креации, радосно трансформирајќи се во колаче, кловн, шапка, брод, чинија, и сè побројни апстрактни комбинации кои евентуално добиваат попрепознатливи форми.

„Кловн!“

Приказната е едновремено едноставна во сета нејзина игривост и е прекрасна алегорија за асоцијативната природа на креативноста и на самите мисли, за начинот на кој ги трансформираме нештата кои ги учиме со тоа што сме живи и свесно го восприемаме светот – импресиите, искуствата, сеќавањата, влијанијата – во нови комбинации кои ги нарекуваме наши сопствени идеи. Постои причина поради која Ајнштајн го нарекувал мисловниот процес „игра од комбинации“.

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Извор: www.brainpickings.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото